Изградба на нова пруга и реконструкција на постоечката долж Коридорот 10 за постигнување на планираната брзина
[ https://www.youtube.com/watch?v=mRplUL2geNg ]
Коридорот 10 станува приоритет број 1 за инвестирање на британските шест милијарди евра од Стратешкото партнерство. По 30 години девастирање на македонската железница, сега државата сака повторно Македонија да ја впише на европската железничка мапа. Првиот човек на Железници инфраструктура вели дека на трасата од Табановце кон Богородица ќе има две пруги. Прво ќе се гради нова, а потоа ќе се реконструира постоечката за да се постигнат планираните 160 километри на час за патничкиот и 120 километри на час за карго транспортот.
- И за двете пруги ќе се трудиме секаде кадешто има кривини согласно можностите максимално да се исправат за да се намали должината на пругата. Од голема важност е што при целата градежна активност ќе биде оопфатена и изградбата на пругата со која ќе се поврзе железничката станица од Скопје со Аеродромот во Петровец.
Планот на државата е целиот зафат да биде проектиран и изграден од ист изведувач. Како што кажа директорот на Железници Инфраструктура, ќе бидат користени современи системи за сигнализација и контрола на сообраќајот, според европските стандарди, а ќе биде намален бројот на премините за да се избегнат можни несреќи.
Според сегашните најави на есен ќе почнат подготвителните работи, а некаде од крајот на годината до идната пролет да почнат и работите на терен. Целиот проект се очекува да биде готов за пет години.
Паралалено, надлежните најавуваат и реконструкција на централната железничка станица.
- При целосна модернизација и изградба на нова брза пруга логично и следсвено е да се помисли за главната железничка станица. Ве информирам дека ЈП Железнички Инфраструктура во овој момент целосно разработува проект за целосна реконструкција и модернизација на централната Железничка станица во Скопје и паралелно со изградбата на новата пруга ќе се одвива и овој процес на реконструкција на железничката станица, вели Ивановски.
Прашан за плановите за Коридорот 8 Ивановски вели дека желбата за поврзување со Бугарија постои на двете страни, но нема соодветен бугарски одговор во делот на работа на терен. За поврзувањето со Албанија се чека насоката од УНЕСКО за делот кај Охридското Езеро, но во моментот фокусот на Тирана е поврзување со Црна Гора, така што основен проект за тој дел би имало за најмалку пет години отсега.
ПОЧНУВА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ПРУГАТА НОГАЕВЦИ – НЕГОТИНО ПО РЕЧИСИ ПОЛОВИНА ВЕК
Железничката делница Ногаевци – Неготино, која е дел од Коридорот 10, ќе биде целосно реконструирана во наредните 12 месеци, со што се очекува значително подобрување на безбедноста и брзината во железничкиот сообраќај.
Договорот за реализација на проектот го потпишаа Македонски железници – Инфраструктура и бугарската компанија „ЦК-13 Холдинг ЈСЦ“, која ќе ги изведува градежните работи на трасата долга 31 километар.
За проектот се обезбедени 9,5 милиони евра преку Европската банка за обнова и развој, а реконструкцијата опфаќа целосна замена на старите дрвени прагови со армирано-бетонски, поставување нови шини и обновување на дел од железничките станици и стојалишта.
Последниот ремонт на оваа делница бил извршен во 1968 година, поради што со години важеше за една од критичните точки на железничката мрежа во државата, каде возовите се движеа со намалена брзина.
Со модернизацијата се очекува возовите на оваа делница да сообраќаат со брзина од 100 до 120 километри на час, а дополнително ќе бидат реконструирани пероните во Ногаевци, Стоби и Црвени Брегови, како и станиците во Градско, Кукуричани и Криволак.
[ https://www.facebook.com/photo/?fbid=122126883549145040&set=a.122101189485145040 ]
На брзата пруга од Табановце до Гевгелија се планираат 19 нови тунели
Проектот за изградба и модернизација на брзата железница на Коридор 10 предвидува значителни интервенции на постојната траса, вклучително и изградба на нови тунели на делницата меѓу Скопје и Гевгелија.
Според проектната документација објавена од Министерството за транспорт, железничката линија долж Коридор 10 треба да се трансформира во модерна, двоколосечна и електрифицирана пруга, усогласена со европските стандарди за транспорт. Трасата од Табановце до Гевгелија е долга околу 190 километри, а предвидените брзини се до 160 километри на час за патнички и до 120 километри на час за товарен сообраќај.
Еден од најголемите зафати е изградбата на околу 19 нови тунели, со вкупна должина од приближно 19 километри. Сите се планирани на делницата меѓу Скопје и Гевгелија, каде постојната траса има технички ограничувања. Во документацијата се наведува дека постојните шест тунели на Коридор 10, со вкупна должина од 1.029 метри, нема да се користат за брзата железница, бидејќи имаат тесни кривини и ја ограничуваат брзината на возовите на околу 60 километри на час.
Проектот предвидува и изградба на мостови во должина од околу 2,65 километри, 59 подвозници и надвозници, поставување околу 566.000 прагови и речиси 46.000 тони шини. Во документацијата се нагласува дека овие количини се индикативни и ќе се доработуваат во следните фази на проектирање.
Модернизацијата на Коридор 10 има за цел да го зголеми капацитетот на железничкиот сообраќај и да го забрза транспортот на патници и стоки од север кон југ, односно од границата со Србија кон Грција. Овој коридор е важен за поврзувањето на земјата со Централна Европа и со грчките пристаништа, особено Солун и Пиреја.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека физибилити студијата и студијата за влијание врз животната средина се при крај, а по нивното завршување треба да следи процес за обезбедување финансирање и почеток на реализацијата. Според претходните владини најави, проектот треба да биде дел од поширокото регионално поврзување на Коридор 10, заедно со Србија, Грција, Унгарија и Австрија.
[ https://faktor.mk/na-brzata-pruga-od-tabanovce-do-gevgelija-se-planiraat-19-novi-tuneli ]