Оваа нишка е наменета за следење на состојбите со меѓуградскиот превоз низ државата вклучително и состојбите со возниот парк на превозниците,цените на билетите и останати поврзани вести.
СЕ ЗАПАЛИ АВТОБУС ОД ПРИЛЕП ЗА СКОПЈЕ КАЈ НАПЛАТНАТА РАМПА ОТОВИЦА, ПАТНИЦИТЕ ИЗЛЕГЛЕ НАВРЕМЕ, НЕМА ПОВРЕДЕНИ

Попладневно се запалил автобус после наплатната рампа Отовица на автопатот Велес-Скопје. Автобусот сообраќал на релацијата Прилеп-Скопје и ја напуштил автобуската станица во Велес околу 16 часот. Патниците избегале од автобусот, кој потоа за кратко време пламнал.
„На автопатот Велес-Скопје, кај наплатната станица Отовица, се запалил автобус со прилепски регистарски ознаки. Сите патници навремено го напуштиле автобусот и нема повредени“, соопшти Ана Милевска-Ѓорѓиева, портпаролка на СВР Велес.
На дежурните служби од велешката служба за Итна помош им било кажано дека има запален автобус, но нема потреба од нивна интервенција, бидејќи немало повредени. Огнот бил локализиран од Територијалната противпожарна единица од Велес, која интервенирала со едно возило и четворица пожарникари.
„По пристигнувањето на самото место, пожарот е затекнат во развиена фаза, но благодарение на брзата интервенција за брзо е ставен под контрола и потоа целосно изгаснат. Во акцијата нема повредени“, информираа од ТППЕ Велес.
Пожарот бил локализиран во 17:40 часот. На местото на настанот увид вршат полициски службеници од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај од Велес.
Пред седум дена, во ноќните часови, автобус кој превезувал ученици од скопската гимназија „Орце Николов“ кај истата наплатна рампа беше исклучен од сообраќај и испратен на вонреден технички преглед, откако четирипати се расипал при враќање од екскурзија во Грција.
Поскапеа билетите за меѓуградски превоз?
Цените на билетите за меѓуградски автобуски превоз во Северна Македонија се зголемија по поскапувањето на нафтените деривати, објави „Порталб“, пренесува ТВ21
На релацијата Тетово–Скопје, билетот во еден правец сега чини 250 денари, наместо досегашните 200 денари, додека повратниот билет е 500 денари.
Поскапување има и на линијата Куманово–Скопје, каде билетот во еден правец е зголемен од 170 на 200 денари, а повратниот чини 400 денари.
За лице од Тетово кое работи во Скопје и зема минимална плата од околу 26.000 денари, секојдневниот превоз до работа и назад, во текот на 22 работни дена, би чинел околу 11.000 денари месечно, односно околу 42 отсто од платата.
Зголемувањето предизвика незадоволство кај граѓаните, особено кај студентите и лицата кои секојдневно патуваат во Скопје поради работа или образование.
Од Министерството за економија и труд велат дека цените во услови на пазарна економија се формираат според слободниот пазар и дека во моментов нема законска основа за нивно ограничување.
Од приватните превозници засега нема официјално објаснување за причините за зголемувањето на цените.
https://faktor.mk/poskapea-biletite-za-megjugradski-prevoz
По короната негде од 2022 значително падна меѓуградскиот превоз,генерално земено и Скопската автобуска станица живее најмногу само во текот на летните месеци заклучно со септември како резултат на често доаѓање на наши иселеници од Западна Европа и делумно поради турите кои Руле Турс,Хисар Туризам ги организираат кон Грција,Албанија и Црна Гора. Во периодот ноември-мај превозот е многу намален,се сведува на секојдневни реалции од Тетово,Куманово,Гостивар а многу често превозници како Струмица Експрес,Галеб,Дајо Турс,Транскоп пуштаат само мини-буси поради нерентабилност од возење на автобуси на релациите до Неготино,Струмица Битола и Охрид. Особено истокот се повеќе згаснува како резултат на иселувањето од тие краеви работењето на компаниите како Авто-Атом,Берово-Транс,Андон Компани Пехчево стана нерентабилно,а секако тука извесен удел имаат и диви таксисти и превозници.Од меѓународните опстојуваат Озлем Турс-Нови Пазар,Ниш Експрес и Фудекс-Белград.
Дали јавниот превоз во земјата е во криза?Граѓаните бараат помош од државата
Живееме во 2026 година, 2027 година е веќе на прагот, а Македонија и понатаму се стреми кон Европската Унија. Но, додека во повеќето европски држави сè повеќе се размислува за дата-центри, а веќе одамна имаат развиени транспортни инфраструктури со вклучен автобуски превоз, трамвај, метро, воз и слично на тоа, во Македонија монополот и понатаму го држи автобускиот превоз. И сè би било во ред доколку тој беше добро развиен и модерен, но на терен патниците сè повеќе сведочат за укинати линии, високи цени на билетите, лоши услови во возилата, па дури и пропаѓање на големи превозни компании.
Како пример, доколку анализираме од 2020 година до денес, иако нема официјална статистика, според јавно достапните податоци, цените на повеќе билети на меѓуградскиот јавен превоз низ Македонија достигнале раст и до 108 отсто. Еден таков пример е релацијата Тетово – Скопје, каде што претходно билетот на оваа релација чинел 120 денари, а денес истиот изнесува 250 денари.
Исто така, сè почести во јавноста се случаите кога превозни компании пропаѓаат, а еден од најсвежите примери за тоа е кочанската „Авто Атом“, со што пропадна единствениот превозник од Кочани, па поголем дел од градовите од тој регион остануваат без јавен превоз.
Исто така, горлив проблем е и случајот со жителите на струшкото село Радожда, каде што единствениот превозник во селото се откажал од опслужување на линијата на релација с. Радожда – Струга, со што многу од засегнатите граѓани се жалат дека сериозно им е нарушено нормалното функционирање и дека плаќаат и до 800 денари дневно за да можат да одат на работа. За ова сведочи и изјавата на засегнатата граѓанка Станка Пејоска:
„Јас сум од с. Радожда, имаме проблем со превозов. Наутро почнуваме во 6:30 на работа, а превоз пуштија само за ученициве во 6:30, во 8:00 и 12:15, што на никому не ни одговара. Јас работам во Нико Нестор Струга и работното време ми е од 6:30 до 13:30. И со такси си одиме 400 денари одење и 400 денари враќање, то се 800 денари. Ако може да се реши проблемот со превозов да ни одговара на сите вработени и селани. Ве молам, решете го проблемов со Меснава заедница и Општина Струга“, ни изјави засегнатата граѓанка Станка Пејоска, која ги замолува надлежните институции да преземат мерки за решавање на овој горлив проблем.
Но, покрај оние компании кои целосно згаснале, и повеќето активни фирми се соочуваат со кратење на линии и капацитети. Ова нè натера да си го поставиме прашањето што всушност се случува со меѓуградскиот превоз во Македонија и зошто, во време кога логично е да се очекува модернизација, на терен гледаме сè поголемо распаѓање на овој сектор.
За таа цел стапивме во контакт со директорот на еден од најголемите меѓуградски превозници во Македонија, компанијата „Галеб“ од Охрид – Димитар Василески, кој во изјава за faktor.mk изјавува дека врз оваа состојба секако има влијание порастот на цените на дериватите, но главната причина за состојбата е проблемот со таканаречените диви превозници, кои со сопствени возила и без никаква регистрација и регулираност превезуваат патници.
„Прв и основен проблем во нашето функционирање е дивиот превоз. Имено, веројатно цела јавност е запознаена со функционирањето на бројните Фејсбук и Вибер групи, каде што масовно се нуди и бара див превоз. Ги има за секој град, за секоја фреквентна релација, а за поголемите градови и за пофреквентните релации има и повеќе такви групи. Втор начин на функционирање на овие превозници е нудењето на ваков вид превоз на приодите на автобуските станици и на паркинзите во нивна близина“, ни изјави Димитар Василески, директор на „Галеб“ АД Охрид.
Според објаснувањето на Василески, дивиот превоз масовно се одвива преку бројни Фејсбук и Вибер групи, каде што се нуди и бара превоз за различни градови и фреквентни релации. За поголемите градови и пофреквентните релации постојат и повеќе вакви групи.
Диви превозници, според наводите на Василески, нудат превоз и на приодите на автобуските станици, како и на паркинзите во нивна близина.
Своевремено, пред 12–13 години, на барање на здруженијата на превозници биле донесени законски измени со кои на инспекторите им се дале одврзани раце да казнуваат таков вид превоз, дури и со одземање на возилата со кои се врши. Но, тоа траело кратко, бидејќи Уставниот суд ги поништил тие одредби и оттогаш Државниот инспекторат за транспорт скоро и да нема практична можност за санкционирање на оваа појава.
Тој, исто така, како сериозен фактор кој влијае врз функционирањето на превозниците го наведува и големиот одлив на работна сила во странство и дефицитот на работници кои сакаат да работат во тој сектор.
„Втора причина која го отежнува превозот на патници е одливот на огромен број возачи во земјите на ЕУ, како и заминувањето на голем број возачи во пензија, а во меѓувреме не продуциравме ни приближен број на млади професионални возачи. Како времето одминува, така оваа ситуација станува сè поалармантна. Истото важи и за механичарите. Продукцијата на овој дефицитарен кадар скоро и да не постои. Природна последица на ваквите состојби е зголемувањето на платите на возачкиот и механичарскиот кадар, кое секако дека влијае на формирањето на цените.“
Според превозниците, проблем е и големото намалување на патниците од источниот регион на Македонија, што го предизвикува масовното отселување на населението.
Но, исто така, според анонимни изјави на патници и превозници, уште еден проблем на превозниците на линиите каде што наплатата на билетите ја врши директно шоферот претставува и прикривањето на прометот од страна на возачот, со тоа што од патникот се наплаќа билет, но не го добива, а потоа некој парите си ги задржува за себе.
https://faktor.mk/dali-javniot-prevoz-vo-zemjata-e-vo-krizagragjanite-baraat-pomosh-od-drzavata
Премолчал многу битни работи. Зошто не каже дека на главната меѓуградска автобуска станица во Скопје никаде не може да се види возен ред, ниту испечатен, ниту на монитор? Имаат една мизерна веб страничка на која возниот ред е прикажан прилично конфузно и не секогаш точно.
Еден Пролетер кога ја држеше меѓуградската автобуска станица имаше возен ред ставен на ѕид, плус во дневниот весник „Вечер“ на задните страници го имаше возниот ред за автобуси и возови низ Македонија.
За Охрид не знам како било, но знам за Куманово. Овде во 1986 не само што имаше поставено возен ред на Автобуската станица, туку и пристигањето и поаѓањето на автобусите со мегафон се најавуваше, дури и за локалните селски линии.
Денес, во 2026, официјален возен ред на Автобуската станица - Куманово не можеш никаде да најдеш. Ниту постои таков во самата станица, ниту имаат веб страница, ниту фејзбук.
Единствено можеш да ги добиеш поаѓањата на Руле-Турс од Куманово кон Скопје и обратно, на хартиено ливче.
Премолчал многу битни работи. Зошто не каже дека на главната меѓуградска автобуска станица во Скопје никаде не може да се види возен ред, ниту испечатен, ниту на монитор? Имаат една мизерна веб страничка на која возниот ред е прикажан прилично конфузно и не секогаш точно.
Еден Пролетер кога ја држеше меѓуградската автобуска станица имаше возен ред ставен на ѕид, плус во дневниот весник „Вечер“ на задните страници го имаше возниот ред за автобуси и возови низ Македонија.
За Охрид не знам како било, но знам за Куманово. Овде во 1986 не само што имаше поставено возен ред на Автобуската станица, туку и пристигањето и поаѓањето на автобусите со мегафон се најавуваше, дури и за локалните селски линии.
Денес, во 2026, официјален возен ред на Автобуската станица - Куманово не можеш никаде да најдеш. Ниту постои таков во самата станица, ниту имаат веб страница, ниту фејзбук.
Единствено можеш да ги добиеш поаѓањата на Руле-Турс од Куманово кон Скопје и обратно, на хартиено ливче.
Многу долг период Меѓуградската автобуска во Скопје наликува како да е во некоја тешка зад Уралска провинција.
На двете страни патниците ги дочекуваат диви такси превозници кои нудат превоз и особено на странци им наплатуваат доста скапо а притоа создаваат мини депонии од ситен отпад на околните паркинзи,возилата им се честопати нерегистрирани и неисправни па цел паркинг е во флеки од истечено моторно масло.
Во внатрешноста е полумрак,осветлувањето е оставено на минимум,хигиената е на прилично ниско ниво(понекогаш со машина знаат да ги поминат плочките но ништо значајно),во чекалната но и низ целиот простор нон-стоп има питачи. Автоматите за кафе честопати се вон функција а исто така и АТМ уредите се во многу лоша состојба.
Во продавниците/локалите/туристичките агенции не се почитува пред се забраната за пушење од страна на вработените па неретко целиот простор мириса на цигари,како и издавањето фискални сметки и можноста за плаќање со картичка.
Персоналот на шалтерите за информации и купување билети честопати е многу нељубезен(чест на одредени вработени кои навистина се посветени и услужливи),дава неточни и произволни одговори,не се користи разглас за информирање на патниците за пристигнувања и поаѓања на автобусите како што беше порано ниту пак има некакви дигитални инфо табли со ажурирани податоци за линиите.Секако освен на шалтер нема опција да се купи карта онлајн или на некаков поставен електронски терминал.
Влезот во тоалет се наплаќа,но и тоалетите не се во добра состојба.Често пати се шири лоша миризба од нив низ целиот простор.
Секоја вечер после 23 часот голем дел од клупите во и вон објектот служат како преноќиште за бездомници(се поставуваат ќебиња,јоргани,картони кои неретко остануваат и преку целиот ден) исто така вршат нужда по околината што дополнително го влошува изгледот и впечатокот.
Едноставно жална слика,вакви објекти во други држави(и во нашето соседство) се симбол на градот,се трудат да изгледаат што поубаво,почисто и помодерно но кај нас се чини дека од ден на ден одиме се поназад и во однос на ова прашање.
Веројатно може да се регулираат сите овие работи уште при склучувањето на договор и доделување на концесијата.Што се е потребно да прави и да одржува концесионерот низ текот на годините во кои стопанисува со САС,секое неисполнување да биде проследено со соодветни контроли и санкции(како крајна мерка одземање на концесијата) со цел работите да се доведат барем до некое просечно ниво. Исто така доколку инспекциските служби си ја вршат својата работа може сите тие девијации по однос на локалите,превозниците и слично да се стават во ред.

