Кон содржината
Градба.мк Градба.мк
Известувања
Исчистете ги сите

„Сејф сити“(Safe City)

8 Написи
1 Корисници
8 Реакции
1 Прегледи
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема   [#1111]

01/02/2026

Стартува „Сејф сити“: камери, високи казни и длабока поделба – дали безбедноста се гради со ред или со страв?

Од 1 февруари стартува „Сејф сити“ – автоматско казнување преку камери, високи сообраќајни глоби и остри реакции во јавноста. Дали безбедноста се гради со ред или со страв?
Од денес, 1 февруари, Министерството за внатрешни работи официјално започнува со автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци преку системот „Сејф сити“, познат и како „Безбеден град“. Со тоа завршува пробниот период и започнува целосна примена на казнената политика, која првично ќе се спроведува во три града, со најголем фокус на Скопје.

Проектот, кој со години беше најавуван како клучна алатка за зголемување на безбедноста во сообраќајот, подразбира мрежа од камери поставени на критични сообраќајници и крстосници, кои автоматски ги евидентираат прекршоците без физичко присуство на полиција и без човечки фактор во моментот на регистрирање.

Крај на толеранцијата, почеток на казните
Од МВР велат дека целта на „Сејф сити“ е воведување строга дисциплина кај возачите, елиминирање на селективноста и намалување на корупцијата, преку дигитализирана и еднаква примена на законот за сите.

Системот автоматски санкционира неколку категории прекршоци што се сметаат за најризични:

Пречекорување на брзина во населено место
– до 10 km/h над дозволеното: 15 евра
– од 10 до 30 km/h: 50 евра
– од 30 до 50 km/h: 300 евра и забрана за управување од 3 до 12 месеци
Пречекорување на брзина надвор од населено место
– до 30 km/h: 20 евра
– од 30 до 50 km/h: 50 евра
– од 50 до 70 km/h: 300 евра и забрана од 3 до 12 месеци
Поминување на црвено светло
– 250 евра глоба и забрана за управување
Непрописно паркирање и запирање
– глоби од 25 до 180 евра, зависно од прекршокот
Управување нерегистрирано возило
– 500 евра глоба (100 евра ако дозволата истекла до 30 дена)
Дополнително, доколку глобата се плати во рок од осум дена, се наплаќа само 50 проценти од износот, а и забраната за управување се преполовува.

Поделена јавност: безбедност или надзор?
Иако институциите уверуваат дека „Сејф сити“ е неопходен чекор за намалување на сообраќајните несреќи, дел од јавноста реагира остро. Пораката „Сејф сити не гради безбедност, туку страв“ стана симбол на критиките што доаѓаат од граѓански иницијативи, експерти и урбани активисти.

Според нив, државата воведува модел на постојан технолошки надзор, кој го менува односот меѓу граѓаните и јавниот простор од заедничка одговорност кон култура на казнување.

Од алатка до симбол на репресија
Граѓанската иницијатива „Кој е следен“ смета дека „Сејф сити“ од техничка алатка се претвора во централен механизам на контрола, без паралелни мерки за превенција.

„Ова не е политика на грижа, туку политика на страв. Камерите не воспитуваат, тие дисциплинираат“, порачуваат од иницијативата, нагласувајќи дека автоматското казнување без контекст и без суштинска човечка проценка создава чувство на постојана контрола.

Тие предупредуваат дека државата ги игнорира сопствените пропусти – лошата инфраструктура, нефункционалниот јавен превоз, небезбедните пешачки премини и недоволното осветлување – а одговорноста ја префрла исклучиво врз поединецот.

„Безбедност преку страв не функционира“
Активистката Марија Арсенкова вели дека ваквиот модел може да има спротивен ефект од декларираниот.

„Со казните како единствен мотиватор, луѓето нема да станат повнимателни, туку пофокусирани на тоа како да избегнат камера. Тоа не гради култура на грижа, туку цинизам“, вели таа, додавајќи дека вистинските причини за сообраќајниот хаос остануваат исти: лош урбан дизајн и преголема зависност од автомобилите.

Технологијата не е доволна
Иако МВР тврди дека за време на пробниот период во Скопје е забележано намалување на бројот на сообраќајни незгоди, почетокот на 2026 година веќе е обележан со серија тешки сообраќајки со пешаци – најранливата категорија учесници во сообраќајот.

Годишно во Македонија во сообраќај гинат околу 30 пешаци, а над 750 се повредуваат. Само во првите недели од годинава се регистрирани неколку тешки случаи во Скопје, Визбегово и Петровец.

Дебата што оди подалеку од сообраќајот
Прашањето за „Сејф сити“ одамна не е само прашање за камери и казни. Тоа е дебата за моделот на општество што го градиме дали редот се воспоставува преку доверба, превенција и инфраструктура или преку постојан надзор и страв од санкција.

Без паралелни инвестиции во јавен превоз, пешачка и велосипедска инфраструктура и промена на сообраќајната култура, „Сејф сити“ ризикува да остане само скап технолошки систем што контролира однесување, но не ги менува условите што ги создаваат проблемите.

Дали камерите ќе донесат побезбедни улици или ќе ја продлабочат недовербата меѓу граѓаните и државата одговорот допрва ќе се пишува, не само во статистиките, туку и во секојдневниот живот на градот.

[ https://trn.mk/startuva-sejf-siti-kameri-visoki-kazni-i-dlaboka-podelba-dali-bezbednosta-se-gradi-so-red-ili-so-strav/ ]



   
Реагираше Bukefal
Цитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

29.03.2026

БЕЗБЕДЕН ГРАД“ СТИГНА ВО НЕГОТИНО – КАМЕРИТЕ СЕ ПОСТАВУВААТ, НАСКОРО ВО ФУНКЦИЈА

Системот „Безбеден град“ (Safe City) започна со имплементација и во Неготино, каде веќе е во тек поставувањето на камерите за видео надзор, а нивно ставање во функција се очекува во многу краток рок.
Информацијата за ТиквешИнфо, доаѓа од кабинетот на градоначалничката Марија Нацева, од каде појаснуваат дека активностите се во напредна фаза и системот наскоро ќе започне со работа.
Станува збор за современ систем за сообраќаен надзор, кој овозможува детектирање на прекршоци како пречекорување на брзина, поминување на црвено светло, користење мобилен телефон при возење и други неправилности. Целта е зголемување на безбедноста и дисциплината во сообраќајот.
Имплементацијата на „Безбеден град“ во Неготино доаѓа по најавите од почетокот на годината, кога локалната власт посочи дека градот ќе биде дел од овој национален систем.
Паралелно со ова, општината започна и со поставување на нови семафори на неколку клучни крстосници, по повеќе од две децении, што дополнително ќе придонесе за регулирање на сообраќајот и поголема безбедност за сите учесници.
Со овие активности, Неготино се приклучува кон мрежата на модерни градови со паметен сообраќаен надзор, што претставува значаен чекор кон подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот.

[ https://www.facebook.com/profile.php?id=61584351215385 ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

СЕЈФ СИТИ КАМЕРИ СЕ ПОСТАВУВААТ ВО КАВАДАРЦИ

Во Кавадарци започна поставувањето на камери од системот „Сејф Сити“, дел од проектот „Безбеден град“, чија цел е зголемување на јавната безбедност преку видео-надзор и контрола на сообраќајот.
Редакцијата на ТиквешИнфо забележа поставени камери во градот, но засега нема официјална потврда за нивното поставување. Градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, сè уште нема објавено детали за проектот и неговата имплементација.
Системот „Сејф Сити“ се користи за следење на сообраќајот и подобрување на безбедноста, но конкретни информации за неговото функционирање во Кавадарци засега нема.
Поставување на вакви камери има и во населените места Глишиќ и Марена.


[ https://www.facebook.com/photo?fbid=122122380921145040&set=pcb.122122381017145040 ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

УПЛАТНИЦИТЕ ЗА ПЛАТЕНИТЕ КАЗНИ ОД „БЕЗБЕДЕН ГРАД“ ВЕЌЕ НЕ МОРА ДА СЕ НОСАТ ВО ПОЛИЦИСКИ СТАНИЦИ, ОБЈАВИ МВР

Министерството за внатрешни работи (МВР) ја укина задолжителната обврска за возачите, кои мораа уплатниците за платените сообраќајни казни од системот „Безбеден град“ да ги носат и покажат во најблиската полициска станица како доказ дека платиле, затоа што МВР не било дигитално поврзано со Министерството за финансии.

„Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека потврдите за платените сообраќајни санкции од системот ‘Безбеден град’, кои ги извршиле во банка или електронски, не треба да се доставуваат во полициска станица. Системот е автоматски поврзан со тој на Министерството за финансии, што овозможува евиденција на извршените уплати без потреба од дополнителна административна постапка од страна на граѓаните. При уплата, граѓаните се должни, без разлика дали таа е извршена во банка или електронски, внимателно да ја пополнат уплатницата согласно правната поука од записникот. Особено е важно точно да се внесе единствениот број од записникот во полињата ‘повикување на број‘ и ‘цел на дознака‘ во уплатницата“, се вели во соопштението од полицијата.

Покрај уплатницата како доказ, граѓаните беа должни да го отпечатат и да го однесат и записникот кој патем претходно електронски се добива по е-пошта.

За казнување, МВР е совршено дигитализирано. Автоматски записникот за сторен прекршок се пополнува со лични податоци кои ги има полицијата за сите граѓани, како и адресите на е-пошта. Казната стигнува многу брзо и дигитално. Казнувањето беше рачно, со малтретирање на граѓаните да мораа да ги носат записникот и уплатниците по полициски станици, да чекаат ред и службениците да направат копии од доказите, во хартиена форма. Патем, да изгубат цел (работен) ден за задолжителната рачна обврска, за што САКАМДАКАЖАМ.МК објави репортажа на 15 април.

[ https://sdk.mk/index.php/instagram/uplatnitsite-za-platenite-kazni-bezbeden-grad-veke-ne-mora-da-se-nosat-vo-politsiski-stanitsi-objavi-mvr/ ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

СО 40 КАМЕРИ ОД „БЕЗБЕДЕН ГРАД“ ВО ОХРИД И СТРУГА ЌЕ СЕ КАЗНУВА ОД ПОЧЕТОКОТ НА ТУРИСТИЧКАТА СЕЗОНА

Во Охрид и Струга започна поставувањето на вкупно 40 сообраќајни камери кои се дел од системот „Безбеден град“ за намалување на прекршоците и зголемување на безбедноста во сообраќајот. Камери се поставени на кружните текови на двата влеза и во центарот на Охрид. Претходно четири камери беа инсталирани на патниот правец Охрид-Кичево, во близина на селата Горенци и Требеништа, како и кај Ботун и Ново Село во Општина Дебрца.

Целосната примена и функционирање се очекува да почне пред туристичката сезона. Во моментов, системот се наоѓа во фаза на техничко тестирање и прекршоците не се санкционираат.

„Сé до тој момент, додека не се вклучат целосно овие камери на ‘Безбеден град’, полициските службеници од сообраќајната полиција вршат интензивни контроли со мобилни електронски камери. Целта на нивното вклучување е зголемување на сообраќајната безбедност и намалување на можностите за сообраќајни незгоди“, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Целта на проектот, како што велат од полицијата, е намалување на бројот на сообраќајни несреќи и прекршоци, особено во периоди на зголемена фреквенција на сообраќај, кога најчести се брзото возење, опасните претекнувања и непрописното паркирање, особено во туристичките зони.

Од СВР Охрид нагласуваат дека пред целосното активирање јавноста ќе биде навремено информирана за локациите на камерите, видот на прекршоците што ќе се санкционираат, како и за мерките за заштита на личните податоци, согласно законската регулатива.

Според полициската статистика, во првите два месеца од оваа година на ова подрачје се случени 15 сообраќајни несреќи. Минатата година во овој период биле регистрирани 19 па, според Димоски, мерките веќе дале резултати.

Проектот „Безбеден град“ веќе функционира во Скопје, Куманово и Тетово, каде што по тест-периодот што започна на 1 декември 2025, казните се применуваат од 1 февруари 2026. Најавено е дека системот постепено ќе се проширува и во други делови на државата.

[ https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/so-40-kameri-od-bezbeden-grad-vo-ohrid-i-struga-ke-se-kaznuva-od-pochetokot-na-turistichkata-sezona/ ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

„Сејф сити“ ќе лови и погрешно паркирање: Прво на удар главните булевари во Скопје

Системот „Сејф сити“ ќе добие нови функционалности и во следниот период ќе опфаќа поголем број сообраќајни прекршоци, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Според него, целта на проширувањето е поголема безбедност во сообраќајот и поефикасно откривање на прекршителите.

Тошковски посочи дека системот веќе не се користи само за регистрирање на брзо возење, туку и за други прекршоци во сообраќајот.

-И сега констатираме поголем број прекршоци. Не е само брзо возење, туку и погрешно престројување, погрешно свртување, поминување на црвено светло - рече Тошковски.

Министерот најави дека една од следните фази ќе биде и санкционирањето на погрешно паркирање преку системот.

-Во делот на погрешно паркирање, тоа ќе е една од првите фази кои ќе бидат имплементирани - изјави тој.

Тошковски појасни дека во процесот ќе бидат вклучени повеќе институции, бидејќи станува збор за чест прекршок и, како што рече, не сакаат да се воведе казнување без целосно утврдени правила.

-Тука ќе бидат вклучени повеќе институции, бидејќи е многуброен прекршок. Не сакаме, при нецелосно утврдени правила на игра, да имаме казнување на граѓаните. Затоа сме внимателни во овој дел - рече министерот.

Како прва зона за примена на проширениот систем, Тошковски ги посочи главните сообраќајници во Скопје.

-Прв таргет за имплементирање, односно детектирање, ќе бидат главните крвотоци во градот Скопје, односно булеварите - додаде Тошковски.

[ https://faktor.mk/sejf-siti-kje-lovi-i-pogreshno-parkiranje-prvo-na-udar-glavnite-bulevari-vo-skopje ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

Скопје меѓу камерите на „Безбеден град“ и реалноста на улиците

Додека министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на телевизија се фалеше дека благодарение на „Безбеден град“ има големо намалување на бројот на жртви во сообраќајни незгоди, дел од жителите на Бутел се враќаа дома, од протест.

Тие го блокираа сообраќајот за да побараат поголемо присуство на полицијата и ставање ред со дивеењето на возилата, откако на нивната улица беше удрено дете. На нивниот дел на Бутелска нема поставено камери на „Безбеден град“, последните се половина километар подолу, кон Чаир, па возачите овде често знаат да се „издуваат“ бидејќи нема да бидат снимени и казнети.

Неколку месеци откако по официјалниот старт на „Безбеден град“, БИРН анализираше какви се резултатите од него, но и со какви сè проблеми се соочува системот што беше најавен како главна алатка за справување на сообраќајниот хаос, кој секоја година зема повеќе од 100 животи.

За ова, Европската комисија веќе ја има предупредувано Македонија, во редовните извештаи за напредокот. Лани во земјава биле изгубени 72 животи во сообраќајни несреќи на милион жители, што е значително повисоко од просекот во ЕУ – 43 жртви на милион жители.

Иако првичните резултати од „Безбеден град“ носат позитивни промени, податоците за првите три месеци од официјалниот старт покажуваат дека системот во Скопје не влијаел многу врз намалувањето на жртвите во сообраќајни незгоди. Во меѓувреме, технички проблеми во системот го затрупаа со приговори скопскиот суд, а наводни казни стигнуваат и за возилата што се привилегирани со закон, кои подоцна мора да се избришат.

„Ова не може да биде инстант решение. Не смее сè да се остави само на камерите и „Безбеден град.“ Камерите се алатка во рацете на МВР, кои треба да заменат дел од обврските на полициските службеници, но не може сосема да ги исклучат. Тие мора да бидат присутни на терен, особено за оние прекршоци што не се детектираат од системот“, предупредува Дејан Трпевски, сообраќаен инженер и судски вештак, кој ги следи новите процеси.

Помалку сообраќајки, ист ризик

Со него ги разгледувавме статистиките од „Безбеден град“ во Скопје, кои БИРН ги доби од МВР за првите три месеци по официјалниот старт на системот, а непосредно по фалбите дека во април, во главниот град немало ниту една жртва во сообраќајка.

Веќе во мај, состојбата се смени, кога во стравична несреќа на скопската обиколница загинаа тројца 20-годишници и таткото на еден од нив. Во друга, пак, животот го изгуби 19-годишен мотоциклист, во кој удрил пијан и издрогиран возач.

Статистиките за периодот февруари – април не покажуваат тренд на намалување на бројот на жртви во главниот град, споредено со истиот период во изминатите три години, па, како што појаснува Трпевски, прерано е да се избрзува со заклучоци за бројката на спасени животи.

Годинава, на пример, во првите три месеци од официјалниот старт на „Безбеден град“ во Скопје, имало четири жртви, додека преклани, три. И претходно имало месеци без жртви, ама до крајот на годината, тоа секогаш не носело и помал годишен просек.

Она што сега е конкретно и видливо, е намалениот број на сообраќајќи годинава во главниот град, споредено со претходните три.

„За првите три месеци, резултатите се охрабрувачки. Бројот на сообраќајни незгоди се намалува, не е драстично, меѓутоа има солидно намалување“, заклучува Трпевски.

Тоа го забележале и граѓаните со кои разговараше БИРН, кои велат дека возењето низ Скопје е посмирено, возачите застануваат на црвен семафор, а и на пешачки премин, иако овој прекршок, камерите сè уште не го регистрираат.

Засега, системот испраќа казни само за три вида прекршоци – брзото возење, минувањето на црвено и управувањето со нерегистрирано возило. Најказнувано е возењето над 50 км час, а најдрастична разлика има во минувањето на црвено светло – во февруари испратени биле 175 казни, за веќе во следните месеци, бројката да падне под 50.

Очекувањата се дека поставувањето повеќе камери, кои ќе регистрираат и повеќе видови прекршоци, ќе донесе и подобри резултати. Од МВР веќе најавија надградба на системот, но без временски рок кога ќе се случи.

Она, пак, што Трпевски не гледа дека се прави, е создавање и нов систем за справување со последиците во сообраќајот, кој почнува со едукација уште од забавиште.

„Кај нас системот не е добро развиен и често има дупки. Еве пример, министерот излезе јавно и кажа дека ќе ги гонат несовесните моторџии. Тоа не треба да биде најава, туку редовна процедура 24/7, која нема да зависи од волјата на министерот“, вели тој.

Она што не зависи од министерот, и воопшто од човечки фактор, е кому „Безбеден град“ ќе му прати казна.

„Системот не познава имиња, функции или позиции – тој евидентира само прекршок. Законот важи за сите“, истакна Тошковски, непосредно пред официјалниот старт.

Сепак, има одредени исклучоци, за возилата со првенство на минување, како што е Брза помош и пожарната, но и на возилата за придружба на армијата и полицијата, за кои важат поинакви сообраќајни правила кога се на должност.

Системот и ним им праќа казни, ама, како што појаснуваат во МВР, потоа во секој конкретен случај се утврдува дали возилото направило прекршок или не. Не откриваат колкава е бројката на вакви возила, со оправдување дека таа е променлива. Сево ова остава подотворена врата за злоупотреби, со оглед на тоа што снимките се бришат по 30 дена, па се губи и трагата на регистрираниот прекршок.

Од скопската Брза помош, на пример, досега двапати доставиле листа со регистрации на санитетските возила до МВР, за да не се јавуваат за секоја казна.

„Една по една ако ги пријавуваме, за секоја казна, само тоа ќе треба да го правиме“, појаснува Анита Димовска, раководителка на Итната медицинска помош во Скопје.

Од 476 приговори до први казни во судот

И секој случај што ќе дојде на суд, мора да се разгледува индивидуално. Во февруари, кога почнаа да пристигаат казните од „Безбеден град“, судот беше преплавен со дури 476 приговори, за во следните два месеца, оваа бројка многукратно да се намали, на 65 во март и 38 во април. Од МВР велат дека бројот на приговори во февруари бил таков, затоа што фирми се жалеле дека добиваат казни за возила што се дадени под лизинг, па брзале да го фатат законскиот рок од 8 дена.

„Овој предизвик од технички карактер беше надминат во краток временски период по што беа обезбедени соодветни технички услови за непречено постапување, што се потврдува и со намалениот број поднесени приговори“, појаснија оттаму за БИРН.

Но, за други работи, граѓаните допрва ќе чекаат судска разрешница. Рочиштата на суд за приговорите дадени во средината на февруари се закажани некаде во октомври. Меѓу нив се тие и за граѓаните што реагираа дека, иако возеле под 50 км/ч, добиле казна бидејќи под камерата биле претекнати од мотори, чии регистрации потешко се детектираат.

Судењата за незадоволните од казните испратени со „Безбеден град“ пак стартуваа на средината на мај. БИРН го следеше првото од нив.

На едниот крај на судницата беше поставен голем проектор. Додека судијката Сања Лазова Стојанова, секунда по секунда, го анализираше видеото од камерата на Безбеден град, обвинетиот се муртеше. Беше уверен дека не минал на црвено светло, но снимката го покажа спротивното – беше запалено жолто кога тргна возилото на обвинетиот, за на црвено да почне да навлегува во крстосницата по две други возила што се движеа пред него.

Прекршокот го беше сторил само неколку дена откако во Скопје профункционира „Безбеден град.“ Доби казна од 250 евра, плус 3.000 денари судски трошоци и тримесечна забрана за управување со моторно возило.

„Сега веќе застанувам и оддалеку штом видам дека трепка зеленото светло“, забележа тој пред судот.

Ваквите промени, ако не се задржат само на исказ пред судот, носат и побезбеден сообраќај. Овојпат, под влијание на камерите и казните што ги испраќа „Безбеден град.“

Ова не важи за 3-километарската Бутелска, каде има само една камера, а отсуствуваат и редовните полициски контроли. Викендов на неа се поставуваа лежечки полицајци, за да го успорат сообраќајот. Ако ефектот изостане, нејзините жители пак ќе излезат на протест.

[ https://prizma.mk/skopje-megu-kamerite-na-bezbeden-grad-i-realnosta-na-ulitsite/ ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

Безбеден град се воведува и во Дебар

Системот „Безбеден град“ (Safe City) се воведува и на подрачјето на Дебар, со цел да ја подобри контролата на сообраќајот, да ги намали незгодите и да ја зголеми безбедноста на патиштата преку поставување на безбедносни камери и контрола на брзината.

-Моментно во Дебар се поставуваат сообраќајни камери од системот „Безбеден град“, кои наскоро ќе бидат во фаза на техничко тестирање а прекршоците сè уште не се санкционираат. Камерите и дел од опремата се поставуваат на повеќе локации, на кружниот тек во близина на општинската зграда, на крајот од булеварот Илирија, на патот кон Струга, како и на локации каде фрекфенцијата е поголема, информираше за МИА, Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Додаде дека до целосното активирање на системот, сообраќајната полиција продолжува со засилени контроли со мобилни електронски камери, со цел поголема безбедност и помал број сообраќајни незгоди.

-Системот ќе придонесе кон намалување на брзото возење, опасното претекнување и непрописното паркирање, особено во периодот на зголемен туристички сообраќај. Целта на „Безбеден град“ е намалување на сообраќајните прекршоци и незгоди, како и зголемување на безбедноста за сите учесници во сообраќајот, нагласи Димоски, упатувајќи апелира до сите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

[ https://www.sitel.com.mk/bezbeden-grad-se-voveduva-i-vo-debar ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
Сподели: