Оваа нишка служи за евидентирање на сите вести поврзани со воведување/укинување на авиолинии од аеродромите во Скопје и Охрид,соработки со авиокомпании и други поврзани теми.
Уште две нови авиолинии од Скопскиот аеродром! Убави вести за сите што сакаат да патуваат, како и за сите што сакаат да ја посетат Македонија. 🇲🇰
Од 18ти јули од Аеродром Скопје ќе може да се лета за Алгеро Сардинија во Италија 🇮🇹
Од 15ти јули од Скопје ќе може да се лета и до Палермо во Италија 🇮🇹
Со овие две нови авиолинии на Wizz Air се очекува уште повеќе да го зголемат авио сообраќајот на Скопскиот аеродром кој во 2025 година имаше рекордна година со над 3.2 милиони патници и со новите линии станува лидер во регионот.
Исто така најавено е зголемување на бројот на летови и патници на постојаните линии, како и нов авион на Скопскиот аеродром од најновата класа на Airbus A321 Neo.
Имајќи предвид дека ова се линии кои ќе оперираат во летната сезона за нив не се предвидени субвенции, што е квалитет плус и показател дека комерцијално се повеќе ќе има интерес за Скопскиот аеродром.

[ https://www.facebook.com/photo/?fbid=1472578280890660&set=a.487004609448037 ]
„КРОАЦИЈА ЕРЛАЈНС“ ЈА УКИНА ЛИНИЈАТА СПЛИТ-СКОПЈЕ ЗА ПРЕТСТОЈНАТА ЛЕТНА СЕЗОНА
Авиокомпанијата „Кроација ерлајнс“ ја ревидираше својата мрежа на летови за претстојната летна сезона во 2026 година, при што ја прекина сезонската линија меѓу Сплит и Скопје, објави специјализираниот сајт „ЕксЈуЕјвиејшн“. Ова е трета сезонска услуга од Сплит што хрватскиот авиопревозник ја укинува, по претходно најавените суспензии за летовите кон Букурешт и Амстердам.
Линијата до македонската престолнина беше планирано да сообраќа двапати неделно, во периодот од 8 мај до 9 октомври. Компанијата предвидуваше вкупно 45 летови во текот на сезоната со авиони од типот „Даш 8 Кју400“. Сепак, „Кроација ерлајнс“ продолжува да го поврзува Скопје со Загреб со девет летови неделно, што е на истото ниво како и минатата година.
Ова беше трет обид на хрватската национална авиокомпанија да воспостави редовна линија меѓу Сплит и Скопје. Првпат летовите беа воведени во летните сезони во 2006 и 2007 година со авион „Ербас А319“. Осум години подоцна, во 2015 година, беше направен втор обид кој траеше само во текот на јуни и јули. Последниот тригодишен циклус на оваа линија беше и најдолгиот период на континуирано поврзување меѓу двата града.
Од недела, 29-ти март 2026, почнува летниот распоред на летање на Меѓународниот Аеродром Скопје и ќе трае до 25-ти октомври 2026. Носи 10 нови дестинации од двата македонски аеродрома.





[ https://www.facebook.com/photo/?fbid=1419586776880240&set=pcb.1419586900213561 ]
Луфтханза ја укинува линијата Франкфурт – Скопје
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ објави дека по повеќе од три години го прекинува директниот лет од Франкфурт до Скопје. Во резервациониот систем веќе не се достапни летови по 31 мај, ниту за летната, ниту за зимската сезона која започнува кон крајот на октомври. Компанијата понудува алтернативни врски преку Виена со „Аустријан ерлајнс“, исто така дел од Групацијата „Луфтханза“, пишува exyuaviation.
Линијата се одржуваше од седум до десет пати неделно, зависно од сезоната, а оваа зима бројот на летови беше намален на три неделно. Првиот лет од Франкфурт за Скопје беше реализиран на 23 април 2023 година. Со оглед на економската неизвесност, штрајковите на екипажите и растот на цените на керозинот, авиокомпанијата направи значителни измени во својот летен распоред, укинувајќи и други кратки и нерентабилни линии.
И хрватскиот национален превозник „Кроација ерлајнс“ направи сериозни кратења, откажувајќи ги утринските летови од Загреб до Скопје и намалувајќи ги неделните ротации од 11 на само четири летови.
Сепак, двата македонски аеродроми, управувани од ТАВ Македонија, забележаа рекорден раст на патничкиот сообраќај во првите четири месеци од 2026 година. На Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Охрид биле опслужени вкупно 1,2 милиони патници, што претставува зголемување од 32,4% во споредба со истиот период минатата година.
[ https://faktor.mk/lufthanza-ja-ukinuva-linijata-frankfurt--skopje ]
ЗАПОЧНА НОВАТА АВИОЛИНИЈА ОХРИД-ВРОЦЛАВ: Утрово слета првиот авион
Утрово слета првиот авион од Вроцлав со што започнува новата авиолинија Охрид-Вроцлав (Полска), додека веќе во вторник ќе имаме уште една нова линија од Катовице исто од Полска, што значи повеќе полски туристи, значи нови можности за бизнис и за развој на локалната економија околу Охридското крајбрежје, истакна денеска од Охрид, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Вицепремиерот Николоски истакна дека домашните аеродроми имаат најголем раст во регионот со преку 31 % раст во првите пет месеци од годината, што се очекува да се надмине бројката од 3,5 милиони патници на годишно ниво.
„Овие две нови линии ќе значат многу повеќе патници, многу повеќе туристи кои што доаѓаат во Македонија, многу повеќе луѓе кои што ќе доаѓаат да прават бизнис во Македонија и дополнително отвореност кон светот. Утрово слета првиот лет од Вроцлав од Полска, целосна нова дестинација која што никогаш претходно не оперирала во Македонија, а на 9 јуни во вторник ќе слета и првиот лет од Катовице исто така од Полска. Охридскиот аеродром целосно се отвора кон Полска, отвараме две значајни рути кои што ќе значат дека полските туристите можат да го посетуваат Охридскиот регион, да го посетуваат Охрид, Струга, Дебарца, локалните економии овде да растат и туризмот да расте, но исто така овие летови не се само туристички, овие летови не се само сезонски, тие треба да донесат дополнителна вредност на целиот овој регион. Ако на тоа се додаде дека веќе од оваа недела повторно почнува да лета дестинацијата Белград-Охрид и Истанбул-Охрид, тогаш веќе приказната се заокружува. Бројките се одлични, бројките се, би рекол неочекувани”- истакна вицепрeмиерот Николоски.
Тој се заблагодари на одличната соработка со ТАВ и пратениците во Собранието кои имаат свој придонес во реализација на владините политики за развој на авиосообраќајот и додаде дека нова цел е бројот на патници да надмине 4 милиони годишно.
„Имаме далеку фантастични бројки, а тоа е дека во периодот јануари-мај оваа година, споредено со 2025 година, имаме раст од 31,2%, што не можете да го најдете на ниедни други два аеродроми. Тоа е доста сериозен раст, а ако споредиме дека минатата година имавме исто така доста сериозен раст, затоа што прв пат Македонија помина 3 милиони патници, тоа е една додадена вредност. Jaс минатата година реков дека е добро да се бориме во следните две до три години да стигнеме до 3 милиони 500 илјади патници, но со ова темпо ние оваа година ќе стигнеме до 3 милиони 500 илјади патници и ќе си поставиме нова цел, тоа е за неколку години да стигнеме и до 4 милиони патници, што мислам дека е врв за нашите два аеродроми имајќи предвид дека државата е од милиони и 800 илјади жители и бројот на патници далеку ќе го надмине бројот на жители” – истакна вицепремиерот Николоски.
[ https://faktor.mk/zapochna-novata-aviolinija-ohrid-vroclav-utrovo-sleta-prviot-avion ]
