Во оваа нишка ќе бидат постирани и дискутирани актуелни,минати и идни урбанистички планови донесени од страна на општините со сите нивни позитивни и негативни карактеристики околу кои честопати се дискутира.
Нови урбанистички планови за Кале: Ќе се гради сала на државно земјиште наместо хотели
На шестата седница на Советот на Општина Центар донесени се два нови детални урбанистички плана, за Градска четврт ЦС 14 „Кале и СРЦ Кале“ и за Градска четврт ЦС 01 „Француски гробишта, Тетовска трошарина и Парк 2“.
Донесувањето на овие ДУП-ови претставува усогласување со Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012–2022. Дополнително, за првпат се носи детална урбанистичка документација за просторот околу Калето, со што се отвораат можности за современо уредување и подобра организација на просторот.
Со новите планови се унапредува сообраќајната и пешачката инфраструктура, а се предвидуваат и нови велосипедски патеки на главните улици „Самоилова“ и „Лазар Личеноски“. Тие ќе бидат поврзани со рекреативната патека покрај Вардар, со цел да се обезбеди функционална велосипедска мрежа на растојание од 200 до 300 метри. Предвидено е и подобрување на условите за пешаците, со пошироки тротоари и нови дрвореди.
На најатрактивниот дел покрај Вардар приоритет ќе имаат пешаците, со дозволен пристап на возила само за објектите кои имаат одобрение за градење со такви услови.
Во планот за ДУП Градска четврт ЦС 01 се предвидува спортски објект на државно земјиште покрај кејот, со површина од 9.295 квадратни метри. Во претходниот план на истиот простор беа предвидени хотелски комплекси.
Со ДУП Градска четврт ЦС 14, на приватното земјиште под Калето се планира изградба на пониски хотели со катност П+3, додека на државното земјиште се предвидува парковско зеленило со површина од 3.074 квадратни метри. Јужно од планираниот профил на булеварот „Климент Охридски“ се планираат содржини од јавен интерес , парковско зеленило со површина од 2.280 квадратни метри и јавен паркинг со површина од 3.765 квадратни метри.
„Со ДУП Градска четврт ЦС 14 за првпат на ниво на детално планирање се разработува просторот на Скопското Кале. Планираме да создадеме поврзан, уреден и инклузивен простор. Предвидуваме и можност за поставување музејски изложби на отворено, со што овој симбол на Скопје, богат со историја и култура, ќе го доближиме уште повеќе до граѓаните и посетителите. При подготовката на планот ги земавме предвид и сугестиите на стручните лица од Музејот на современа уметност“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Колку простор остана за згради во Скопје

Зар остана нешто неизградено? Ова е прашање што скопјани често си го поставуваат по повеќе од две децении интензивна градба на станбени згради и на висококатници во главниот град, кои целосно го изменија ликот на повеќето населби во него.
Низ годините, многу празни простори, запуштени места, поранешни индустриски комплекси, големи паркинзи, дури и функционални паркови се претворија во градежни зони. Населбите со куќи во кои живееше по едно семејство добија многу мини-згради со по четири, осум или повеќе станови. Густината на населението на многу локации се зголеми неколкукратно, што создаде притисок врз сообраќајот, водата, училиштата, градинките и врз користењето на просторот, воопшто.
Неколкукратно се зголемија и приходите на градежните инвеститори. Одговорот на локалните власти за интензивното градење најчесто беше дека тие целосно зависат од парите што ги добиваат за комуналии, и ако не се гради, нема да можат ништо да инвестираат во општината, односно нема да спроведат ниеден проект.
Никој досега не дал одговор што ќе се случи кога просторот за градба целосно ќе се потроши. Но, за среќа на новите локални власти што ја презедоа функцијата или ги почнаа своите втори мандати во изминативе недели, тој ден сѐ уште не е дојден. Неколку локации во Скопје може да се претворат во зони на интензивна градба во следниве четири години. Кај некои тоа е очекувано бидејќи се подготвени плански документи, кај други е само претпоставка, дури и шпекулација.
Новиот ДУП за Водно
Деталниот план наречен Ј07 (југ 07, како што е обележана оваа градска четврт во Генералниот урбанистички план на Скопје) се смета за еден од најголемите во државава, според просторот што го опфаќа и бројот на поединечни имоти во него.
Се простира на локалитетите Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара. Ова е просторот во ниската зона на Водно, меѓу Клиничкиот центар и детската болница во Козле, и меѓу населбата Капиштец и почетоците на парк-шумата. Со децении, ова е еден од најатрактивните и најскапи простори во целата држава, место каде што се сместени претседателската палата, повеќето дипломатски резиденции и домовите на богатите. Секоја можност за изградба на нов квадрат тука предизвикува големо внимание.
Во изминативе две години, такви можности немаше, затоа што Уставниот суд во јануари 2023 година го укина ДУП-от донесен во 2014 година, бидејќи не бил изгласан од доволен број членови на општинскиот совет.
Колку е атрактивна оваа зона покажува и тоа што ДУП-от беше дел од случаите на поранешното Специјално јавно обвинителство како „Плацови на Водно“ и „Шамари во Општина Центар“, а се поврзуваше и со апсењето на поранешниот претседател на Советот, Мирослав Шиповиќ, односно неговото приведување се коментираше како обид за притисок да гласа за ДУП-от и да ги отвори можностите за градење таму.
Осум години важност беа доволни за овој урбанистички план целосно да го измени просторот – пониските делови се сега полни со високи градби, а на пострмните делови што се за индивидуално домување никнуваа помали згради.
По укинувањето, општината подготвува нов ДУП, кој се очекува да биде донесен во овој мандат. Засега нема информации какви одредби ќе содржи тој и какво градење ќе овозможи, но инвеститорите го очекуваат со нетрпение.
Расадник на можности или на згради

Уште еден детален урбанистички план што се очекува е тој за Расадник во Општина Кисела Вода. Со димензии од околу 700 метри во должина и 400 метри во ширина покрај булеварот Борис Трајковски, поранешниот расадник е еден од најголемите преостанати празни простори во Скопје.
Најголемиот дел од земјиштето таму е приватно. Според катастарските податоци, некои парцели имаат и по дваесетина сопственици. На други, пак, во сопствеништвото веќе влегле и градежни фирми, како „Бортас“ и „МЦ Инженеринг“.
Во 2020 година, Општината, под водство на тогашниот градоначалник Филип Темелковски, подготви детален урбанистички план што предвидуваше стотина нови згради во оваа област. Околните жители организираа протести и основаа граѓанска иницијатива наречена „Расадник на можности“, барајќи да се запре планот и просторот да се претвори во парк.
Кога Темелковски беше заменет со Орце Ѓорѓиевски во 2021 година, тој ја запре оваа иницијатива, а две години подоцна организираше меѓународен конкурс за архитектонско-урбанистички решенија за просторот, на кој имаше два победнички проекти, од Хрватска и од Грција.
Како што тогаш рече Ѓорѓиевски, со решенијата, зелените површини на овој простор се зголемуваат од 10 илјади на 100 илјади квадратни метри, а вкупната станбена површина се намалува од околу еден милион на нешто под 200 илјади квадрати.
Како точно ќе изгледа просторот, ќе стане јасно по завршувањето на ДУП-от.
Распродадено земјиште покрај пругата во Аеродром

Има простори во Скопје каде што воопшто нема детален урбанистички план, а, сепак, градежни компании се позиционираат. Такво е местото покрај железничката пруга меѓу населбите Кисела Вода и Мичурин, од страната на Општина Аеродром.
На потегот од околу 500 метри зад средното училиште „Димитар Влахов“ и зад поранешниот Тутунски комбинат, каде што се изгради големиот комплекс „Порта Супериум“, неколку градежни фирми веќе имаат сопственост врз земјиштето. Една од нив е „Менхетн билдинг“ на бизнисменот Цветан Панделески, друга е „Биси“, на поранешниот функционер од ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Георгиевски, како и компаниите „Озон“ и „Зоко Зоран.“
Оваа локација не се споменува во урбанистичките документи на веб-страницата на Општина Аеродром, а просторот стои празен и на општинскиот ГИС-портал, каде што подетално може да се видат условите за градење на секое место. Сепак, како што покажале и некои поранешни примери, кога градежни компании купуваат земјиште, тоа обично значи дека ќе следува урбанистичка документација што ќе им овозможи да градат.
Карпош на вода или гола вода?

За разлика од другите локации, каде што постојат реални аргументи дека наскоро може да се гради (се подготвува ДУП, градежници заземаат позиции), таканаречениот проект „Карпош на вода“ повеќе години живее само во сферата на шпекулациите.
Станува збор за теорија дека покрај Вардар во Општина Карпош, некаде на потегот долг два километри меѓу салата „Борис Трајковски“ и сливот на Лепенец во Вардар, ќе се изградат голем број облакодери, со проект сличен на српскиот Белград на вода, кој предизвика многу контроверзии во главниот град на соседната држава.
За „Карпош на вода“ се зборува уште од 2019 година, кога тогашната општинска управа предводена од градоначалникот Стефан Богоев објави демант дека тој, заедно со водителот Бојан Јовановски подготвуваат таков проект.
„Во ниту една програма на Општина Карпош, ниту во изборната програма на градоначалникот Стефан Богоев не постои проект „Карпош на вода.“ Во таа насока, не е донесен или изменет ниту еден ДУП, што е достапно и видливо и на нашата веб-страница“, пишуваше во демантот.
Но, проектот не се заборави. Летово, кога имаше пожар на овој простор, партијата ДОМ објави соопштение во кое прашува дали тоа е „нултата фаза“ од проектот.
Приказната за „Карпош на вода“ ја користеше и претходниот градоначалник Стевчо Јакимовски во кампањата за реизбор, обвинувајќи го противкандидатот Сотир Лукровски (од кого загуби) дека го поддржува проектот.
„Додека некои сонуваат облакодери покрај Вардар – јас гледам катастрофа во најава. Замислете 45 згради „а ла Џевахир“, илјадници жители натрупани покрај реката, сообраќаен хаос и бетон до хоризонтот. Ова не е визија – ова е лакомост во градителска форма. Карпош нема да стане нечија рента-зона. Кејот ќе остане простор за рекреација, дружење и спорт“, велеше Јакимовски во кампањата.
Што е познато во врска со овој простор, односно што не е шпекулација? Најголемиот дел од земјиштето е во државна сопственост, но има некои поголеми парцели што се приватни и им припаѓаат на повеќе сопственици. Има делови и што се на градежни фирми, како „Тренд констракшн“ и СМС Шопс.
Детални урбанистички планови за овој простор нема, а во Генералниот урбанистички план тој е обележан како зеленило. Но, ГУП-от е во фаза на менување, па теоретски, ако местото се пренамени во градежна зона, набргу би можеле да дојдат и деталните планови. Со оглед дека кандидатите на истата политичка партија победија и во Град Скопје (што го подготвува ГУП-от) и во Општина Карпош (која е надлежна за ДУП-овите), не би се очекувал конфликт меѓу овие две власти, без разлика какви решенија ќе предвидат на оваа локација.
Нов ѕид покрај булевар

Идејата за „Карпош на вода“ можеби се граничи со теорија на заговор, но една друга локација во Општина Карпош може многу полесно да стане градежна зона ако се усогласат Генералниот и Деталниот урбанистички план. Тоа е сегашниот зелен простор покрај булеварот Илинден, меѓу Зоолошката градина и крстосницата со булеварот 8 Септември, во близина на салата „Борис Трајковски.“
На овој потег, долг над 400 метри, на северната страна од булеварот, покрај Градски парк и расадниците на претпријатието „Паркови и зеленило“, со Детален урбанистички план од 2012 година се предвидени 12 деловни или станбено-деловни објекти во шест блока, високи по шест или седум ката. Тоа значи дека во овој дел од булеварот ќе има висококатници од двете страни.
Градежни компании, како „Мадал Бал“, „СМС Шопс“ и „ЗСФ Ком“, одамна го имаат заземено просторот, но дозволи не се издаваат, бидејќи, според едно објаснување на општината, ДУП-от не е усогласен со регулацискиот план на ГУП-от. Во превод, тоа значи дека улиците и сообраќајните решенија не се соодветно испланирани и не одговараат со решенијата од генералниот план, кој е повисок во хиерархијата.
Подготовката на нов план за овој простор со години се впишува во годишните програми на Општина Карпош, но нова верзија не е објавена. Со оглед дека сега се подготвува и нов ГУП, се отвора можноста за пречките да бидат отстранети.
Уште една фабрика за „производство“ на станови

Старите индустриски зони, во изминативе децении, беа честа цел на градежните инвеститори, како што покажаа примерите со поранешните фабрики „Треска“, „Цветан Димов“, „Алумина“ и други. Во дел од тие случаи имаше неуспешни иницијативи, просторите да се претворат во паркови, културни центри или во друго јавно добро.
Таков е и случајот со поранешниот „Купром“ во Ѓорче Петров. Пред околу пет години имаше идеја, старите објекти што се распаѓаат да се претворат во место за уметност и култура, но тоа не заживеа.
Просторот и натаму се распаѓа и создава загриженост кај околните жители поради нехигиената, запуштеноста и чувството на намалена безбедност.
Земјиштето од околу 21 илјада квадратни метри е во државна сопственост, но четири објекти од некогашната фабрика се во рацете на градежна компанија и на фирма што работи со недвижности, навестувајќи тивок влез на градежната офанзива и на овој простор. Се чека само да се изготви детален урбанистички план во Општина Ѓорче Петров. Во Генералниот план, просторот е веќе резервиран за домување.
[ https://prizma.mk/kolku-prostor-ostana-za-zgradi-vo-skopje/ ]
09 април 2025
Бизнисот прави ДУП-ови, Општина Тетово само му помага
Скопските општини често се соочуваат со обвинувања дека кројат урбанистички планови што ги исполнуваат интересите на градежните инвеститори наместо потребите за хумано живеење со повеќе јавен простор и зеленило, и помало оптоварување на улиците и на подземната инфраструктура.
Во Тетово, пак, се оди чекор подалеку, па градежните инвеститори самите си ги менуваат ДУП-овите како што им одговара, и тоа додека градат, а кооперативните општински власти ги поддржуваат и им наплаќаат комуналии.
Резултатот е познат – поголем притисок врз просторот, сообраќаен метеж, недоволно вода и речиси непостоечки јавни површини.
БИРН, вкрстувајќи ги податоците од важечките ДУП-ови, Катастарот и од теренското истражување, откри седум случаи каде што инвеститори добиле градежни дозволи за пониски згради, уште веднаш поставиле темели за повисоки и во меѓувреме со општината почнале процедури да го менуваат деталниот план, односно да го прилагодуваат на својот бизнис-план.
Еден таков драстичен пример има во центарот на Тетово врз плац, каде што стручните планери предвиделе зграда од четири ката, соѕидана е двојно повисока, осумкатница. Нејзината свежобојадисана бела фасада заканувачки надвиснува над соседната куќа со беж ѕидови, која, пак, како артефакт го илустрира изгледот на маалото крај улицата Благоја Тоска пред градежната експанзија.
Интензивната урбанизација во центарот на градот и концентрацијата на жители и досега го влошуваше квалитетот на живот. Според зборовите на тетовци, тие имаат проблем со притисокот на водата во чешмите, канализацијата не им додржува секогаш, сметот сè потешко се собира, зеленило немаат ни за лек, а возење автомобил низ улиците благоречено им е предизвик.
Снимките на Гугл покажуваат дека пред неколку години имало семејна куќа на три ката на местото на осумкатницата, која во блиска иднина ќе вдомува десетици фамилии. Не е тешко да се претпостави дека новите жители ќе направат дополнителен притисок врз полните училишта и градинки во таа четврт.
Апсурдноста на политиката на интензивно градење и произволно надградување ја покажува и бројката на ненаселени станбени единици во Тетово. Дури во 9.747 станови, според последниот попис, никој не живее. На републичко ниво, бројкава надминува фрапантни 307 илјади празни станови.
Градежен слалом меѓу прописите

Подобро е да ги земеме парите (н.з. од комуналиите), отколку да рушиме“, во разговор за БИРН коментираше првиот човек на Секторот за урбанизам во Тетово, Рилинд Селмани, прашан зошто се толерираат и подоцна се легализираат зградиве.
Тој истовремено е и асистент на Тетовскиот факултет во областа на градежништвото и тој податок се чита од позлатената плочка што стои врз неговото општинско биро. Година и пол е на оваа општинска функција.
Селмани, аргументирајќи дека конкретнава новоградба на Благоја Тоска е безбедна, иако ѝ се додадени катови, всушност ни го откри начинот како инвеститорот подигнал двојно повисока зграда наспроти насоките во ДУП-от што предвидуваат зграда висока до 16 метри
Тој градежник, уште од самиот старт, при крајот на 2021 година, кога му е дадено одобрението за градба, почнал да подига осумкатница. Архитектонскиот проект, темелите, сеизмиката и сите подготовки биле направени како за осумкатница зашто инвеститорот бил убеден дека во меѓувреме ќе ги легализира дополнителните нивоа со промена на урбанистичкиот план. Замислата не му е далеку од реализација.
Раководителот на општинскиот сектор за урбанизам, Селмани прецизираше дека инвеститорот на свој трошок иницирал нов урбанистички план и тој документ е готов и чека на одобрување во Министерството за транспорт.
„Паралелно се прави зградата и се менува ДУП-от“, дообјасни тој.
И нашата проверка во Катастар покажа дека тој процес не е заокружен, таму запишани се становите само до четвртиот кат.
Сличен тренд се забележува и во други општини, а индикатор за тоа е фактот дека дури три четвртини од измените на ДУП-овите се правени по барање на физички лица или на фирми, а не по иницијатива на локалната власт. Ова е податок од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
„Подготовката на урбанистички планови од страна на физички и правни лица остава простор за злоупотреби“, се вели во истражувањето, повикувајќи се на Националната стратегија за спречување на корупцијата.
Јавна тајна

Ваквиот градежен тренд, на некој начин, е јавна тајна во Тетово. За него ни зборуваа случајните минувачи, но и граѓанските активисти.
Членот на активистичката група „Подобро за Тетово“, Гадим Мехмети, исто така, ја илустрира ситуацијата.
„Пред три години имавме неколку сомнителни згради: на информативната табла кај градилиштето пишуваше дека ќе се подигнат шест ката, а реално гледате дека се градат осум или девет.“
„Во тоа време баравме од надлежните органи да ни достават документација зошто е тоа така. Не добивме одговори и така се затвори тој случај“, вели тој.
Локалната власт, предводена од градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, вештачки во 2022 година иницираше нови избори за советничката листа, негласајќи ја завршната сметка, со што ја истисна граѓанската група „Подобро за Тетово“ од општинскиот совет.
„Не е јасно дали Тетово инфраструктурно може да го поднесе ова ниво на градење, од вода до канализација, до собирање смет. Имаме проблем со вода. Моментално градот нема вакви капацитети“, вели сега граѓанскиот активист Мехмети.
Само сто метри зад осумкатницата на Благоја Тоска, крај булеварот Борис Кидрич, кој се реконструира, уште една зграда е подигната повеќе отколку што предвидува ДУП-от.
Урбанистичкиот план таму предвидел зграда од шест ката, меѓутоа црвенкастата карабина на терен има два повеќе – осум. Според објаснувањето на општинскиот урбанист Селмани, и оваа зграда почнала да се подига на сличен начин како нејзината „сосетка“, со предумисла дека таму секако ќе има повеќе нивоа.
И таа го чека истиот ДУП да ги помине процедурите низ Министерството за транспорт, за да може потоа да се внесат во Катастар становите од доградените катови.
Промените на урбанистичките планови, кои ги легализираат овие надградби, ја поминуваат истата процедура како и регуларните ДУП-ови, објаснува за БИРН, Селмани.
Тој убедува дека општината навремено и соодветно ги информира граѓаните, со тоа што им лепи известувања пред домовите или пред зградите и спроведува анкети и стручни трибини, на кои треба да се чујат ставовите на стручњаците и на луѓето што живеат во конкретната четврт.
„Некои граѓани се противат на промените, ама некои и инсистираат да се гради“, вели првиот градски урбанист.
И сериозни и суптилни надградби
Булеварот Благоја Тоска, кој се протега низ централниот дел на Тетово, се смета за посебно опасен зашто се случиле голем број сообраќајки. Последната била во јануари, непознат возач удрил во возрасна жена, која добила тешки повреди.
Освен непланираните осумкатници, кои го чекаат новиот ДУП, на другата страна од булеварот, уште една зграда е подигната повеќе отколку што дозволува планот. Таму, наместо трошна семејна куќа, било предвидено да се изгради трикатница со приземја и подрум, а на самото место веќе е подигнат објект на пет ката.
Приземјето, судејќи според изгледот, ќе биде комерцијален простор, а влезот во новата зграда нетипично е мушнат од задната страна на објектот до кој се пристигнува преку тесен коридор крај соседната куќа.
Кога се претставивме како заинтересирани купувачи, лицето задолжено за продажба, во телефонски разговор, ни објасни дека во тој објект веќе нема станови што се продаваат, сè е зафатено.
Проверката на Катастар, пак, покажува дека четвртиот и петтиот кат на хартија не постојат.
„Не е дозволено да гради два ката повеќе“, дециден е првиот урбанист Селмани, меѓутоа тој не ја исклучува можноста и овој објект да ги озакони дополнителните нивоа како осумкатниците на другиот крај од булеварот.
Покрај овие три згради што произволно се „вивнале“ неколку ката повисоко, БИРН пронајде уште четири новоградби што „пораснале“ во текот на конструкцијата. Тие, или веќе ги легализирале надградбите со одобрение за измени во текот на градба, или минуваат низ тој специфичен административен процес.
Спецификата на легализација на дополнителните квадрати преку одобрение за измени, наспроти посложената процедура за промена на ДУП, е кога надградбата е помала.
„Измените се одобруваат за финеси, за некоја помала промена. А не можеш за два ката повеќе да добиеш одобрение за измена во градба, мораш да го менуваш ДУП-от“, вели првиот градски урбанист Селмани.
Надвор од Скопје, Тетово е впрочем градот со најмногу одобренија за градби во периодот меѓу 2018 и 2022 година. За тие четири години, општината издала 1.073 одобренија за градба, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Првиот градски урбанист Селмани уверува дека дополнителните станови нема да го влошат квалитетот на животот во Тетово. Општината имала план со 40 милиони од ЕУ да ја смени канализациската мрежа, да изгради два нови паркови и во тек е постапката за изградба на два нови булевари.
Меѓутоа, и сега Тетово попусто има булевари со три ленти, кога најчесто се вози по едната. Другите две имаат сосема поинаква намена – се користат за зонско, но и за недозволено паркирање.
Движењето со автомобил од една до друга точка низ центарoт може да трае и иритирачки половина час. Кога врне, уште поголем е предизвикот да се снајде човек. Тоа го посведочивме и пред десетина дена.
На заминување од градот сведочевме како возило на Брза помош мошне бучно и уште побавно се пробиваше низ колоната, низ главниот булевар на патот кон болницата
[ https://prizma.mk/biznisot-pravi-dup-ovi-opshtina-tetovo-samo-mu-pomaga/ ]
(ВИДЕО) Се црта трговски центар на парцела која државата три години не може да си ја врати по поништена денационализација
Изминаа четири години откако првпат известивме дека судски е потврдено поништување на денационализација на поголема парцела на источниот влез во Скопје, со што земјиштето треба да се врати во посед на државата. Новото во случајот е тоа што Општината Гази Баба почна процес на носење на нов Детален урбанистички план со кој на спорната парцела се предлага изградба на Трговски центар со приземје и три ката
Тука се и судбините на три семејства чиј кров над глава буквално виси веќе две децении. Кога е направена спорната денационализација, надлежната Комисијата не ги зела во предвид постоечките куќи, па парцелата сосе земјата под домовите на овие луѓе е вратена на старите сопственици. Каде заглави случајот, погледнете во видеото во продолжение
[ https://www.youtube.com/watch?v=TTu_KOz7cEs ]
Планот предвидува на местото на едната куќа да има пристапна улица, до евентуалниот иден трговски центар на три ката и со 16 метри височина кој би никнал на местото каде се и другите куќи. Презентацијата беше во февруари, но урбанистичкиот план се уште не е донесен. Жителите се задоволни што после 80 години се развива детален урбанистички план за местото каде што живеат, оти така куќите добиваат само повисока цена. Но, се уште ги мачи спорот.


На атрактивна локација во Аеродром ќе се продава државно земјиште по 2.000 денари квадрат
Општина Аеродром продава градежно земјиште по 2.000 денари по метар квадратен. Земјиштето зафаќа површина од 23.000 метри и се наоѓа на атрактивна локација, непосредно до хотелот „Русија“ и спортската сала Јане Сандански. За оваа електронската аукција закажана за почетокот на следниот месец за почетните 2.000 денари по метар квадратен се бара банкарска гаранција од приближно 2 милиони евра, соопшти денеска советникот на СДСМ во Општина Аеродром, Марко Даниловски.
Земјиштето е со намена Д3 спорт и рекреација и компатибилни Б намени за комерцијални и деловни објекти предвидува градежна парцела од приземје и три ката со вкупна градежна површина од 80.000 метри квадратни.
СДСМ го прашува градоначалникот Дејан Митески:
„Дали зад цела оваа зделка, стојат директно министерот за транспорт, Александар Николовски, и министерот за спорт, Борко Ристовски?
За кого е наменето ова земјиште? Ќе никне ли уште еден уште еден спортски комерцијално деловен објект веднаш до хотелот ‘Русија’? Кога конечно ќе се престане со бетонизацијата на урбаното јадро на општината?“, рече Даниловски.
На ова реагираше Општина Аеродром нарекувајќи ги наводите „политички конструкции, манипулации и целосно неточните тврдења“.
Во реакцијата се вели дека „станува збор за уште еден обид за евтина политичка кампања преку свесно ширење дезинформации и без елементарно познавање на материјалите што редовно се разгледуваат на седниците на Советот“. За отужувањето на градежното земјиште советниците на крајот на 2025 се изјасниле едногласно, без гласови против.
Од општината велат дека на локација се предвидува реализација на проект од јавен интерес кој носи нови спортски и рекреативни содржини, уреден јавен простор и значително подобрување на квалитетот на живот за граѓаните.
Аеродром продава плац до Вардар за спортски објекти и за хотел

Две петтини за хотел или за конференциски простор, а три петтини за спорт и рекреација. Ова се намените на парцелата со приближна големина на три фудбалски игралишта покрај кејот на Вардар во скопската населба Аеродром што општината планира да ја продаде со јавно наддавање. Просторот од околу 23 илјади квадратни метри се наоѓа веднаш до хотелот „Русија“, а намените се определени во Деталниот урбанистички план, кој општината го усвоила во 2014 година.
Парцелата оди на продажба на 1 јули, со почетна цена од 2.032 денари, а наддавањето е предвидено да трае 15 минути. Купувачот потоа ќе има рок од една година да подготви проект и да обезбеди градежна дозвола, и вкупно 10 години да го изгради тоа што го предвидува планот.
Целиот кеј на Вардар покрај Аеродром и Ново Лисиче е замислен како комплекс со разни спортски и рекреативни содржини. Овие намени досега не предизвикуваа доволен интерес кај градежните инвеститори, кои на големо работат во зоните предвидени за станбени згради од спротивната страна на Вардар, како и во други делови од градот.
Тетреби на напуштени градилишта

Потегот од околу 700 метри меѓу хотелите „Русија“ и „Хилтон“ веќе некое време е повторно освоен од природата. Местото, кое во минатото беше сепарација за песок на едно големо, но пропаднато градежно претпријатие од југословенско време, а потоа неуспешен градежен потфат на приватна фирма на поранешен кошаркар, не е лесно пристапно за граѓани и за возила. Повеќе од деценија, тоа ѝ припаѓа на дивата вегетација, а меѓу ниските дрвја, грмушките и високата трева, граѓани раскажуваат дека слушале диви птици.
„Еве ги тетребите, секој ден ги слушам, живеат тука“, покажувајќи со прст кон парцелата, раскажува еден повозрасен маж, седнат на клупа на пешачката патека покрај реката.
Природниот пејзаж го нарушуваат сега веќе напуштеното детско игралиште за кое општината утврдила дека е нелегално изградено на приватно земјиште, и нечиј стар мебел, кој завршил во грмушките наместо на место за кабаст отпад.
Местото е поделено на четири катастарски парцели, од кои таа што е на продажба е во целосна државна сопственост, а од другите три, една е неодамна вратена на државата, а две се дел од стечајна постапка.
Граѓаните со кои разговаравме се согласни дека просторот треба да се уреди, иако со загриженост ја примаат информацијата дека се продава државна парцела. Немаат против изградба на спортски објекти, дури и сметаат дека ако нешто недостига во оваа општина , тоа се базени.
На соседните парцели, до таа што ќе се продава, требаше да се градат базени. Тие беа продадени за таа цел уште во 2010 година на фирмата „Манд“, на кошаркарот и поранешен пратеник Петар Наумовски, со рок за изградба од две години. Во меѓувреме, „Манд“ отиде во стечај, па и тие се целосно запуштени. Дури и недоизградениот комплекс од спортската сала и хотел, веднаш на плацот до „Хилтон“, веќе ја јаде времето.
Ако нема спорт, ќе нема ни хотел
Ако продажбата на државниот плац заврши успешно, ќе се уреди само околу третина од просторот, а за другиот дел ќе се чека да завршат правните постапки.
Општината, како иницијатор на продажбата, нема идеја какви точно спортски содржини треба да се направат на просторот. Во неговата околина веќе има фудбалско игралиште, повеќе тениски терени. Што ќе биде следно, според градоначалникот на Аеродром, Дејан Митевски, треба да одлучи инвеститорот.
„Ние само ја објавивме продажбата. Не знаеме дали некој ќе го купи, дали ќе има интерес. А тој што ќе покаже интерес и што ќе учествува во постапката за јавно наддавање, ќе треба да си го конкретизира проектот. Дали ќе биде спортска сала, фудбалски игралишта, фитнес-центар, тоа е понатаму работа на идниот инвеститор“, рече Митевски, во разговор за БИРН.
Целта поради која ја продаваат парцелата, како што додаде, е да добијат пари од продажбата и од комуналиите за изградба на објектот, како и да го стават земјиштето во функција.
„Тоа е руинирано и имаме многу забелешки за тој простор“, додаде Митевски.
Од вкупните 23 илјади квадратни метри, колку што се нудат за продажба, околу 20 илјади се површина за градба. Тие треба да се делат според формулата 60-40, односно 60 отсто со намената Д3, која означува спорт и рекреација во урбанистичкото планирање, а остатокот за Б-намени, или за разни комерцијални објекти. Во изводот од ДУП-от објавен со документите за продажба се предвидуваат два вида такви објекти – Б5 или хотели, и Б6 или градби за собири.
Објектите што би се граделе на просторот, ќе имаат максимална висина од 16 метри, односно приземје и уште три ката. Тоа значи дека ако хотелот се гради на површина од околу 5 илјади квадратни метри, може да се добие објект од околу 20 илјади квадрати, односно имот вреден неколку милиони евра.
Во град во кој урбанистичките планови и правила често се кројат според желбите на градежните инвеститори, што обично не вклучува спорт и рекреација, се наметнува прашањето дали некој може да ја злоупотреби оваа продажба, па да ги изгради само компатибилните намени – хотелот и просторот за собири, а да не ги направи спортските објекти. Градоначалникот Митевски категорично ја отфрли таа можност.
„За некој да добие одобрение за градење на таа парцела, ќе мора да поднесе проект со кој минимум 60 отсто од идниот објект ќе биде со намена Д3, а останатата да биде компатибилна. Ако не ја изгради основната, нема да може да ја прави компатибилната“, рече Митевски.
Нема решение на повидок за имотот на „Манд“

За другите три парцели, од кои едната веќе е вратена на државата, градоначалникот рече дека дополнително ќе размислат што ќе се случува. Можно е јавно-приватно партнерство, инвестиција од некоја државна институција или целосна продажба.
„Нашата интенција е да го ставиме во функција тој простор зашто многу години е запуштен и е една грда слика“, додаде Митевски.
Наумовски, преку неговата фирма „Манд“, пред 16 години ги купи трите парцели од 45 илјади квадрати за околу две илјади денари за квадрат. Требаше да гради забавен парк, базен и спортска сала. По долг судски процес, една од трите парцели му е одземена и вратена на државата, бидејќи не го испочитувал договорот за продажба и не изградил ништо во предвидениот рок.
Остануваат две, едната со длабок ископ за базени, и другата со недовршена спортска сала. Нив државата не можела да ги одземе по судски пат поради непочитување на договорите за изградба, бидејќи бил направен анекс на договорот со кој Општина Аеродром дозволила продолжување на рокот за изградба. На едната од нив, според вештачењето од судот, почнала изградба на објект и била ископана дупка, додека на другата, на површина од 3.000 квадрати се издига недовршен објект, кој во приземјето има спортска сала, а на првиот и вториот кат по 43 хотелски соби.
Двете парцели се дел од стечајната постапка, која е отворена во 2018 година. Според информациите што ги добивме од стечајниот управник, по три неуспешни обиди за нивна продажба, сега се прави распределба на ова земјиште меѓу најголемите должници на „Манд“, за да се намират сите побарувања.
Во сегашната ситуација, гледано од север кон југ, односно од хотелот „Русија“ кон „Хилтон“, прва е парцелата што е огласена за продажба, по неа доаѓа длабокиот ископ на „Манд“, па плацот што државата судски си го врати, па недовршената спортска сала. Оваа состојба не ветува брзо уредување на целиот простор.
[ https://prizma.mk/aerodrom-prodava-plats-do-vardar-za-sportski-objekti-i-za-hotel/ ]
СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ ВО СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР ЗДРУЖНО ИЗГЛАСАА ДА СЕ ГРАДАТ ХАЦИЕНДИ НА ВОДНО ЗА КОИ ЌЕ СЕ СЕЧЕ ШУМА
Советниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Центар денеска здружно изгласаа на Водно под Јужна обиколница да се градат хациенди, за кои треба да се сече шума. Со 13 гласови „за“ од советниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ беше изгласан Нацрт-деталниот урбанистички план Градска четврт Ј05-Барутана. Против беа советниците на „Шанса за Центар“, Левица, ЗНАМ, како и советниците Ненад Матевски од СДСМ и Катерина Костадинов од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Општина Центар и планерската куќа „Билд урбан“ при презентација на планот кажаа дека тој мора да се донесе, бидејќи претходниот план бил укинат од Уставен суд и оти овој план е со многу помали параметри за градба, односно бруто-изградената површина од 43.000 метри квадратни е намалена на 29.000 метри квадратни. Со планот се дозволува изградба на објекти со приземје и два ката.
„Овие парцели се приватни и во нив маркичките се нацртани уште во 2002 година. Не можеме да одземеме веќе стекнато право на градба“, рече Танкица Христова, раководителка на Секторот за урбанизам во Општина Центар.
Во планската документација за изработка на Деталниот урбанистики план (ДУП) се вели дека тој е изработен по барање на Друштвото за градежништво, промет и трговија „Лутарико“.
„Во согласност со законските одредби, а по Договор со иницијаторот ‘Лутарико‘, планерската куќа ‘Билд урбан’ ДООЕЛ пристапи кон изработка на планска програма за изработка ДУП-от“, стои во планската документација.
При презентацијата на планот остро реагираа советниците на „Шанса за Центар“, Левица и ЗНАМ кои буквално ги молеа советниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да гласаат со свои глави, а не по партиски наредби, и да не дозволат ново уништување на Водно за интерес на неколку моќници.
„Овој предел е шума која ја засадиле нашите сограѓани после Втората светска војна за да се заштите Водно од ерозија на земјиштето. Сите знаеме што значи ако почне да се јавува ерозија и свлечишта. Уништуваме шума и зеленило од 9.000 метри квадратни за да се градат 13 објекти за некој инвеститор да гради. Сега се хациенди со површина за градба од 700 до 1.000 квадрати, па ќе станат згради. Па зар за неколку моќници ќе го ставиме целиот град во опасност? Исто така, за да се стигне до овие објекти треба да се пробијат улици, а тој предел е доста стрмен и Општината треба да донесе инфраструктура. Сето тоа ќе ја чини многу повеќе отколку парите што ќе ги добие од комуналии. Планот, и овој што сега се предложува и претходните, се спротивни на Генералниот урбанистички план (ГУП) бидејќи ги надминуваат параметрите. Со ГУП-от се предвидува бруто површина за градба од 6.500 метри квадратни, а на овој дел веќе изграденоста е 16.000 метри квадратни. Сега со планот се предвидува 29.000 метри квадратни бруто површина за градба. Ние со носење на план за 100 жители ги доведуваме во опасност сите граѓани на Скопје. За кого работите вие, за кого сме избрани, за овие сто моќници или за сите жители на Центар? Ве замолувам да гласате со своја глава и да не го дозволиме овој план“, рече советничката и архитектка Билјана Филиповска-Тодорчевска од „Шанса за Центар“.
Советникот Јане Димевски од „Шанса за Центар“ рече дека овој план се прави по барање на приватни инвеститори и дека за нив е изготвен во рекордно време.
„За овие хациедни треба да се преместува главниот водовод, улица треба да се пробива низ шума. Станува збор за подрачје кое е обележано дека е под влијание на ерозија, а немаме добиено мислење од Дирекцијата за заштита и спасување“, рече Јане Димевски.
Советниците од Левица Андреј Куцуловски и Александар Панајотов побараа ова прашање да се стави на референдум, затоа што е недозволиво на овој дел од Водно да се гради.
„Јас предлагам сите ние советниците заедно да отидеме таму за да видите за каков предел станува збор. Ова што се прави е лудо, не смееме за неколку моќници ние да гласаме против сите граѓани. Секој ден се зборува дека на Водно се појавуваат свлечишта, а вие предлагате да носите план со нови огромни градби“, рече Андреј Куцуловски од Левица.
Советничката од ЗНАМ Александра Цветановска рече дека е недозволиво да се гласа за овој план кога нема испитувања од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) дали е можна ерозија на земјиштето и кога овој план е спротивен на ГУП-от.
„Ги доведуваме во опасност нашите деца“, рече Цветановска.
На ваквите забелешки од советниците, раководителката на Секторот за урбанизам Танкица Христова рече дека луѓето отишле на месечина, па можно е со употреба на технологија да се гради и на Водно.
„Ние побаравме мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, но на нашето барање не добивме одговор и според Законот, ако не се одговори тогаш ние можеме да продолжиме со постапката односно немаме негативно мислење. Што се однесува за тоа што ДУП-от и во спортивност на ГУП-от, ние тука немаме ништо. Град Скопје го одобрил овој нацрт-план, ако е спротивен на нивниот тие требало да ни го одбијат. Уште еднаш ќе повторам, веќе стекнато право не можеме да поништиме, во спротивно Општината ќе биде тужена“, рече Христова.
На прашањето на советникот од Левица Куцуловски дали ако сега сопствениците на земјиштата побараат дозвола за градба Општината може да им издаде врз основа на претходниот план со кој стекнале право, раководителката Христова рече дека сега нема да може да се добие дозвола оти планот од 2002 година веќе не е со важност, а последниот план е укинат од Уставен суд.
Тоа значи дека за да се овозможи градење на Водно потребно е да се донесе нов Детален урбанистички план.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, во своето излагање до советниците кажа дека тие не носат нов план туку овие луѓе веќе имаат стекнато право на сопственост со планот донесен уште во 2002 година и Општината сега тие маркички не може да ги избрише.
„Мене целта не ми е да бранам некого туку да носам ДУП-ви за да не останат црни точки во Општината“, рече Герасимовски.
Планот сега треба да помине на јавна анкета на која граѓаните ќе можат да ги изнесат своите забелешки. Потоа се прави финална верзија во која се вметнуваат прифатените забелешки и повторно оти на гласање на Советот.
Нацрт-ДУПот за Барутана со кој на подрачје на Водно кое е означено како подрачје под влијание на ерозија се планира изградба на уште 25 големи објекти од кои 24 се приватни куќи - хациенди.

[ https://www.facebook.com/photo/?fbid=1365436858928056&set=a.275304261274660 ]