07/09/2025
Скопје 2014 – Проектот што ја преобликуваше македонската престолнина (но по која цена?)




Во 2010 година, центарот на Скопје започна да се трансформира во нешто невидено, во „урбан“ пејзаж инспириран од антиката и барокот. Проектот познат под името „Скопје 2014“ беше најавен како нов визуелен идентитет на главниот град, со цел да ја зајакне националната гордост преку архитектура, уметност и монументализам.
Грандиозни планови и споменици на секој чекор
„Скопје 2014“ опфаќа изградба на десетици нови згради и споменици во строгиот центар на градот. Дел од нив се споменици од бронза и мермер, како оние на Гоце Делчев, Даме Груев, Цар Самоил, Јустинијан Први, Св. Кирил и Методиј и други историски фигури. Фонтани со водени столбови до 30 метри, со светлосни и музички ефекти на плоштадите „Македонија“ и „Карпошово востание“. Старата зграда на Театарот, Музејот на македонската борба и Музејот на ВМРО со восочни фигури. Порта Македонија – мултимедијален објект кој требаше да симболизира влез во новата ера на македонската независност. Пешачки мостови, како „Мостот на уметноста“ и „Око“, со по 28 бронзени скулптури на културни дејци. Надградба на зградата на Собранието, нови згради за Уставниот суд, Државниот архив, Археолошкиот музеј, Министерството за надворешни работи, Финансиска полиција и други институции.
Променети беа и фасадите на постоечките објекти во центарот, со нов „барокен“ изглед, за да се вклопат во „новото лице на градот“.
Од 80 до 700 милиони евра – Сметката што постојано расте
Во 2010 година беше промовиран проектот „Скопје 2014“ со 40 објекти, а според податоците на БИРН, базата на документирани објекти до 2017 година достигнува 137 објекти, а вкупната вредност на проектот во базата изнесува повеќе од 684 милиони евра. На почетокот, во јануари 2007 година, во проектот е инвестирана само 1,88 милиони евра за еден објект. Но, со текот на годините, вложувањата постојано се зголемуваат: до средината на 2008-та, износот скокнува на над 10 милиони евра за 46 објекти, а до крајот на 2009-та веќе надминува 85 милиони за 67 објекти.
Во 2010 година веќе имаме преку 100 милиони евра, а бројот на објекти се приближува до 72–90. Со тек на време, до 2011–2012 достигнува речиси 200–300 милиони евра, додека објекти се стотици. До 2017 година, сумата е експоненцијално зголемена — околу 683–684 милиони евра за 137 објекти.
Во базата на податоци, распределбата на средствата по тип на објект е следна- За згради: 429,52 милиони евра, катни гаражи: 56,90 милиони евра, фасади: 43,36 милиони евра,споменици: 33,62 милиони евра, плоштади: 32,21 милиони евра, подземни гаражи: 11,50 милиони евра, мостови: 7,95 милиони евра, скулптури: 6,49 милиони евра, порта: 6,31 милиони евра, фонтани: 3,39 милиони евра и за останат проекти: 32,52 милиони евра.
Главните автори и изведувачи најчесто се Валентина Стевановска (4 споменици, 1 плоштад, 1 порта, 1 скулптура) – 2,94 милиони евра, Неимар Инженеринг Скопје (8 згради, 1 порта, 1 фасада) – над 1,2 милиони евра и Архитектоника ДООЕЛ Скопје (4 згради, 3 фасади) – 1,14 милиони евра.
Според истражувањето на Призма објавено 2018, топ 5 изведувачи (според бројот на објекти и износот): ДГ Бетон АД, Скопје – 33 објекти (216,30 милиони евра), ГД Гранит АД Скопје – 11 објекти (120,70 милиони евра), Strabag AG – 3 објекти (55,44 милиони евра), Бетон – Штип – 7 објекти (54,82 милиони евра) и Бауер БГ ДОО, Скопје – 11 објекти (43,81 милиони евра).
Што се однесува до инвеститорите, составот и нивниот удел изгледа вака (евра): Служба за општи и заеднички работи на Владата на РМ: 156,71 милиони, Министерство за култура: 128,67 милиони, Град Скопје: 79,17 милиони, Општина Центар: 60,01 милиони, Агенција за електронски комуникации: 30,12 милиони, Народна банка на РМ: 24,28 милиони, Собрание на РМ: 21,40 милиони и многу други институции со значително пониски суми.
Вкупно 40 објекти беа промовирани во 2010, а следејќи ги документите, база од 137 објекти е документирана до 2017. Вкупниот износ од 2007 до 2017 порасна од речиси 2 милиони евра до речиси 684 милиони евра.Најголемиот дел од средствата го сочинуваат згради, следат гаражи и фасади, а најмал дел отпаѓа на фонтани и „останато“.
Иако првично беше најавено дека „Скопје 2014“ ќе чини околу 80 милиони евра, оваа бројка многу брзо почна да се менува. Следниот официјална бројка беше 200 милиони, но вистината се покажа далеку поразлична.
Според истражување на порталот Судство.мк, заклучно со 2024 година, за „Скопје 2014“ се потрошени околу 700 милиони евра – или 43 милијарди денари, што претставува 23.600 денари за секој гласач во државата.
Еден од најконтроверзните аспекти на проектот беше недостигот на транспарентност. Според опозицијата (СДСМ), многу од документите за јавните набавки биле намерно уништени, а објектите се градени преку тендери што не биле јавно достапни.
Поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески, во позната снимка (позната како „бомба“ на СДСМ), признава:
„Ние сме лудаци, трошиме за чоколади, а немаме за леб…“
Тој наведува дека биле потребни фантастични 700 милиони евра само за „Скопје 2014“, при што државата се задолжувала, а истовремено ги кратела средствата за основни потре
Фасадата на Владата
Промената на фасадата на зградата на Владата на Република Македонија претставува една од најконтроверзните и најоспоруваните интервенции во рамките на проектот „Скопје 2014“. Овој објект, оригинално дело на архитектот Петар Муличковски, своевремено беше наградувано архитектонско решение, а неговата измена предизвика сериозни реакции во стручната и пошироката јавност.
Процесот започна со онлајн анкета спроведена од Владата на својата веб-страница, во која граѓаните требаше да изберат ново фасадно решение. Меѓутоа, автентичноста на анкетата беше веднаш доведена во прашање, а критичарите посочија дека на јавноста ѝ било понудено само да избира меѓу однапред одбрани опции, со што се легитимира однапред донесена одлука.
Архитектот Муличковски јавно се спротивстави на измената, велејќи:
„Не го одобрувам ова решение и не давам согласност тоа да се реализира“ — изјава дадена седум дена по завршувањето на анкетата, со што дополнително ја интензивираше критиката во јавноста.
На 27 јануари 2012 анкетата е затворена, а на 5 март фирмата „Архитектоника“ склучува договор со Владата по пат на преговарање без објавување оглас. Шест месеци подоцна, склучен е нов договор со „Архитектоника“ за идеен и ревидиран основен проект, при што формално се наведува дека избраниот понудувач бил избран преку електронска аукција меѓу седум понуди.
Граѓанскиот отпор се манифестираше и преку протестите во мај 2015, кога демонстрантите извикуваа:
„Ружна ви е Владата“
и фрлаа јајца врз новата фасада на зградата.Недостаток на транспарентност и политички скандали.
Архитектонска естетика или кич?
Проектот ја подели македонската јавност. За едни, тоа беше долгочекувана репрезентација на македонската историја и култура, за други – невкусен кич и историски ревизионизам.
Критичарите укажуваат на неодржлив дизајн затоа што многу објекти веќе прокиснуваат, имаат оштетени покриви, испукани ѕидови и поплавени подруми. Проблем е и скапото одржување – проектот продолжува да троши дури и кога е завршен и секако функционална нефункционалност – мал интерес од јавноста, скапи билети, недостапност за млади и сиромашни категории. Речиси „93% од објектите имаат аномалии со покривите.
Зошто беше направено ова?
Поддржувачите на проектот тврдеа дека „Скопје 2014“ е потребен за зајакнување на националниот идентитет, привлекување на туристи и создавање нов културен бренд на градот.
Но многу експерти тврдат дека за тие пари Македонија можела да изгради десетици училишта и болници, да се финансираат развојни програми, да се помогне на социјално загрозени семејства…
Како светот гледа на „Скопје 2014“- „Престолнина на кичот“
Проектот „Скопје 2014“, стана предмет на широк меѓународен интерес и честа мета на критика. Иако беше замислен како обид за зацврстување на националниот идентитет преку архитектура и споменици, проектот брзо стана симбол на кич, историски ревизионизам и авторитарен естетски наратив. Голем број странски медиуми го оценија „Скопје 2014“ како пример за лош урбанистички вкус и политичка злоупотреба на јавниот простор.
Британскиот весник The Guardian уште во 2010 година го нарече проектот „фантастична и апсурдна реконструкција на историјата“, истакнувајќи ја неговата непропорционална амбиција да се создаде „европска Атина на Балканот“. BBC во 2015 година забележа дека Скопје се трансформира во „архитектонски времеплов кој нема допир со реалноста“. Германскиот Der Spiegel пак, го опиша градот како „Дизниленд од лажен класицизам“, каде што историските симболи се користат за политичка пропаганда.
Во текстот објавен на Пешчаник, српскиот режисер Горан Марковиќ го нарекува Скопје „престолнина на кичот“, опишувајќи ја фасадата на Владата како реплика на Партенон, а градот како исполнет со „дoрски, јонски и коринтски столбови, споменици со антички херои и галии вградени во реката“. Како што пишува тој:
„Скопје во меѓувреме стана ‘антички’ град. Насекаде ‘класични’ градби со дорски, јонски и коринтски столбови, грчки фризови, монументални споменици на Александар Македонски и Филип. На реката Вардар стојат бетонски галији, а новите музеи се полни со восочни фигури и слики во стилот на социјалистичкиот реализам. Градот изгледа како Дизниленд, целосно одвоен од реалноста.“
Овие реакции од надвор, но и од пошироката културна јавност на Балканот, откриваат дека „Скопје 2014“ не само што не успеа да создаде обединета национална приказна, туку стана и синоним за неуспешен обид за културно репозиционирање преку архитектонски спектакл.
Иднината на Скопје 2014 – симбол или товар?
И покрај тоа што зградите стојат, „Скопје 2014“ останува симбол на еден владин приоритет врз естетиката наместо врз функционалноста. Иако некои објекти се посетени и фотографирани од туристи, јавноста сѐ уште дебатира: дали овие 700 милиони евра беа добро потрошени?
Историјата ќе покаже дали ова ќе остане како пример за успешна урбана трансформација или како најскапиот архитектонски експеримент во поновата македонска историја.
„Скопје 2014“ не е само проект од бетон и бронза. Тоа е прашалник – за приоритетите, за вистинските потреби на граѓаните и за тоа како една влада гледа на историјата и иднината. И додека фонтаните се палат, а бронзените лавови стојат на мостовите, буџетот уште „плаче“. Скопје 2014 троши, дури и кога мирува.
Подната фонтана повторно ќе биде симболот на Скопје!
Фонтаната која некогаш мамеше погледи од скопјани, гости и туристи, фонтаната која беше едно од најпрепознатливите лица на центарот на градот, по повеќе од една деценија заборав, негрижа и пропаѓање, конечно се враќа во функција.





[ https://www.facebook.com/photo/?fbid=1559349165818367&set=pcb.1559350782484872 ]
Сега им текна? Ова требаше да се направи уште во април-мај.
Уништени се подводните фонтани во Вардар – Градот бара решение


Двете фонтаните во реката Вардар, кои требаше да прават водоскоци покрај Камениот мост, високи и по 20 метри, и да бидат осветлени во боите на виножитото, одамна се надвор од функција, а од Град Скопје потврдуваат дека нивниот систем е сериозно нарушен.
„Во однос на подводните фонтани во коритото на Вардар, сакаме да информираме дека нивната состојба е сериозно нарушена. Во минатото, при изведување на градежни активности во коритото на реката, со употреба на механизација биле целосно оштетени системите за прскалките и осветлување, а дополнително се констатирани и конструктивни проблеми.
Токму затоа, Градот Скопје работи на изнаоѓање одржливо и безбедно решение“, одговоријиа од Град Скопје, на прашање на „Независен“ дали се планира нивно ревитализирање.
Двете фонтани беа пуштени во употреба во јуни 2011 година, по неколу одлагања и поништени тендери. Но, од тогаш повеќе не работат, отколку што работат. Едната е поставена во линија на Народниот театар, а другата пред Уставниот суд. На средина имаат по една поголема цевка, која треба да испушта млаз од 20 метри, а околу нив по осум помали цевки што прскаат до седум метри во висина. Освен цевките, кои се искривени, фонтаните имаат и подводни рефлектори кои ги осветлуваа водоскоците.
Изведувач на фонтаните беше италијанската фирма „Ла Моне Мореда“, а финансиер Општина Центар. Од Општината, со која тогаш раководеше градоначалникот Владимир Тодоровиќ, никогаш не дадоа податок колку пари се потрошија за овие две фонтани. Она што се дозна од извештајот, по смената на Тодоровиќ, беше дека само за одржување на овие две фонтани, заедно со фонтаната Воин на коњ, општината плаќала вкупно 145.000 евра годишно.
Инаку, во изминатиов период во функција се ставени фонтаните како ,,Воин на Коњ”, ,,Филип II”, ,,Прометеј”, двете фонтани кај Министерство за транспорт, кај Министерство за социјална политика, демографија и млади, а дополнително во тек се градежни активности за ставање во функција на подната фонтана на плоштадот.
Инаку, Градот Скопје, неодамна го потпиша Протоколот за соработка, пријателство и партнерство со општина Есенлер од Република Турција, кој се однесува на имплементација на проектот за декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост.
„Со реализацијата на овој проект, Камениот мост ќе добие современо декоративно осветлување, внимателно усогласено со неговите архитектонски карактеристики, историска вредност и статусот што го има како еден од најзначајните симболи на Скопје. На тој начин, централното градско подрачје ќе добие уште поубав и подостоинствен ноќен изглед“, велат од Град Скопје во одговор за „Независен“.
Деновиве беше осветлен и пешачкиот мост на кој требаше да се постави панорамско тркало, што потоа се откажа. Овој мост беше пуштен во употреба во 2021 година, но објектите на него никогаш не профункционираа, а од Град Скопје ни сега не кажаа што планираат со нив.
[ https://nezavisen.mk/unishteni-se-podvodnite-fontani-vo-vardar-gradot-bara-reshenie/ ]
Решението е едноставно - да се отстранат. И да се отстранат двата напуштени брода, и спомениците Вера, Надеж, Љубов (ако веќе не се украдени) што стоеја среде Вардар. Во реката не треба да има ништо, тесно е коритото, знае да има поројни дождови и голем наплив на вода, па затоа и не треба да има пречки. Многу едноставно.
@Skopje голем наплив на вода
Јас колку што знам со кејот и брегот што бил изграден за време на Југославија спречени се секакви видови поплави
А реално барем овие фонтани во Вардар може да останат, убави се
Не се убави, распрскуваат фекална вода наоколу, знаеме сите колку е Вардар загаден. Секој ден поминувам по Камен мост накај работа и назад до дома, и редовно има заглавени гранки и останато ѓубре меѓу цевките од фонтаните. Никој не го чисти тоа. Сите го гледаме ѓубрето. Поголема штета прават одошто некаква естетска корист што имаме од нив. Реално, не сме способни да ги одржуваме, затоа велам дека решението е едноставно - да се отстранат.
@Skopje Никој не го чисти тоа.
Почнаа сепак колку толку Вардар да го чистат од ЈП Улици и Патишта. Барем она ѓубриштено под бродовите го исчистија
Тоа се минорни зафати, башка и кампањски се работи. На градов му треба секојдневно одржување, а од она што го гледам, далеку сме од тоа. Затоа и сметам дека секој објект, без разлика дали е фонтана, споменик, брод и сл., ако не може да се одржува, треба да се отстрани. Да не споменувам дека центарот на Скопје е презаситен од споменици и фонтани, главно неодржувани и во мизерна состојба.
Уште еден судски спор го дели Градот од отстранување на галијата „Среќа“

Една година по опожарувањето на галијата, „Слободен печат“ дознава дека Градот води два судски спора за овој објект, од кои едниот неодамна е обжален на Апелација, а потоа добиен во полза на градските власти, а сега, според Град Скопје, се чека епилогот од второто судење.
Центарот на Скопје изобилува со разни споменици, мостови, статуи и фонтани чие одржување треба секогаш да е во фокусот на градските власти земајќи предвид дека се една од првите работи што ги гледаат туристите што го посетуваат нашиот главен град, со што воедно тие претставуваат и атракција на странците. За жал, меѓу овие атрактивни објекти се вбројува и демолираната и опожарена галија „Среќа“, која со години скапува во коритото на Вардар.
Потсмев за странците, срам за градот

Поради централната локација, големината и фактот дека е несекојдневна појава да се види макета на брод во центар на град, за странците е невозможно да го избегнат овој опустошен објект, а дел од нив кои снимаат за социјалните мрежи, секогаш во ударниот дел од видеото како тема на потсмев ја земаат галијата „Среќа“, нарекувајќи ја „бродот на Пиратите од Карибите“ и слично.
Галијата „Среќа“ во изминативе пет години е оставена буквално на милост и немилост, земајќи предвид дека таа не е оградена и заштитена и има непречен пристап поради кој често е засолниште на бездомници, како и на уживатели на дроги, а од друга страна, пак, Градот е со врзани раце и не може да направи конкретна промена или да ја отстрани поради судските спорови, кои се сопирачка за било какви активности во однос на ослободување на коритото, а воедно и центарот на Скопје од овој огромен уништен објект.
Обидот за отстранување беше судски прекинат
Единствениот и последен обид за отстранување на галијата го имаше поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов, кој пред пет години на крајот од неговиот мандат му даде зелено светло на „Улици и патишта“ да започне да го отстранува објектот.
Тогаш, како причина за уривање на галијата „Среќа“ беше посочено дека, како што тогаш соопштија од Градот, сопственикот на бродот неколку месеци доцнел со плаќањето на киријата во износ од 1.000 евра месечно.
Сепак, оваа акција не донесе видливи резултати освен некои минорни отстранувања, по што целиот овој случај заврши на суд откако управителот Жарко Миленковски и бугарскиот инвеститор – фирмата „Сервис емус“ АД Скопје тврдеа дека немаат никаков долг кон Град Скопје и правдата ја побараа пред судските органи.
Тогаш Миленковски соопшти дека во бродот е инвестирано повеќе од 1,2 милиони евра, дека Градот нема ништо вложено, но и дека нема никакви побарувања од нив.
Еден судски спор добиен, сè чека епилог од вториот

Потоа, по завршувањето на мандатот на Шилегов и доаѓањето на Данела Арсовска, галијата цели четири години остана недопрена и сè повеќе се оштетуваше и скапуваше, а последно, таа пред една година беше и сериозно опожарена.
Во мандатот на Арсовска, од Градот ниту еднаш не одговорија на прашањата од „Слободен печат“ во однос на тоа дали воопшто имаат некаков план за галијата „Среќа“, а не одговараа ни до каде се судските постапки и каков е епилогот од судењата помеѓу Градот и сопственикот.
Една година по опожарувањето на галијата, „Слободен печат“ дознава дека Градот води два судски спора за овој објект, од кои едниот неодамна е обжален на Апелација, а потоа добиен во полза на градските власти, а сега, според Град Скопје, се чека епилогот од второто судење.
– Со доаѓањето на новото раководство во Град Скопје, беа интензивирани процесите во врска со посочената галија. За конкретниот случај се затекнати два судски процеси, од кои едниот неодамна е решен на Апелационен суд во корист на градот и пресудата е правосилна. Изразуваме верување дека имајќи ја предвид судската практика, и вториот судски спор ќе биде решен исто така во корист на Град Скопје – велат од Градот за „Слободен печат“.
Очигледно од Градот се оптимисти и за вториот судски спор, кој доколку според очекувањата повторно заврши во полза на Град Скопје, ќе биде отстранета последната правна пречка, по што ќе може да се премине на отстранување на вандализираната и опожарена галија од коритото на Вардар.
– Со ова се отвораат можностите и Градот преку Јавното претпријатие „Улици и патишта“ презема подготвителни активности за отстранување на тој објект во согласност со правната регулатива – соопштија од Градот.
Дополнително, пред осум години УНДП, Градот и ЦУК изготвија Студија за намалување на ризикот од поплави, во која се предупреди дека во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти бидејќи, како што се вели во Студијата, постојните три галии за една третина ја намалиле проточноста на реката, со што директно ја зголемуваат можноста од поплави.