11.02.2026
ДИСКОТЕКИТЕ ВО ГРАДСКИ ПАРК ЗАМИНУВААТ ВО ИСТОРИЈАТА: Почна чистењето на локацијата за новиот Луна парк

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски објави дека се раасчитува просторот на локацијата каде што треба да биде сместен Луна парков, во Градскиот парк.
„Се расчистува просторот за изградба на Луна паркот, старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата“, објави тој.
Чистка во Градски парк, се рушат дискотеки, Скопје добива нов Луна парк

Градскиот парк влегува во нова фаза, откако Град Скопје почна да го расчистува просторот за изградба на нов Луна парк.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информираше дека веќе се работи на терен, со цел да се подготви локацијата каде што треба да никне современ забавен комплекс. Според најавите, целта е Скопје да добие уреден и функционален простор што ќе служи за рекреација и забава, со акцент на безбедност и подобра организација.
Се тргаат старите дискотеки, се отвора место за „современ и безбеден“ центар
Како дел од расчистувањето, се отстрануваат стари, бесправно изградени дискотеки, со што се ослободува простор за нови содржини. Од Град Скопје порачуваат дека токму ваквите интервенции се насочени кон уредување на јавните површини и враќање на редот во зони што со години биле спорни или запоставени.
„Најдоброто за Скопје“, порача Ѓорѓиевски, проектот отвора очекувања кај граѓаните
Ѓорѓиевски на својата фејсбук страница напиша „Како што ветив – најдоброто за Скопје“, нагласувајќи дека акцијата е дел од пошироки проекти за подобрување на јавните простори во главниот град. Сега вниманието се префрла на тоа како ќе изгледа новиот Луна парк, кои содржини ќе ги има и дали ќе испорача вистински „семеен“ парк што ќе го врати животот во срцето на градот
Фирмата „Мастеф“ избрана да го гради лунапаркот, нејзината понуда била најповолна за Град Скопје
Станува збор за фирма за која СДСМ уште пред една година обвини дека е една од омилените на власта, која преку тендери добива милионски суми. Според проверката на Електронскиот систем за јавни набавки, Општина Кисела Вода во мандатот на Орце Ѓорѓиевски со оваа фирма има склучено два договора тешки речиси 1,5 милиони евра.
По повеќе од два месеци откако заврши јавниот повик на Град Скопје за избор на фирма за проектирање, набавка и монтажа на реквизити за забавен парк со партерно уредување и пропратни објекти, конечно – изборот е направен.
На Електронскиот систем за јавни набавки е објавено дека е донесена одлука и дека за најповолен понудувач е избрано Друштво за градежништво, трговија на големо и мало, увоз-извоз „Мастеф“ ДООЕЛ Скопје. Каква понуда дала оваа фирма и колку ќе го чини лунапаркот Град Скопје, веројатно ќе обелодени градоначалникот Орце Ѓорѓиевски откако ќе биде потпишан договорот.
Инаку, „Мастеф“ ДООЕЛ е фирма за која СДСМ уште пред една година обвини дека е една од омилените на власта која преку тендери добивала милионски суми и дека во последните три години добила тендери вредни над 4 милиони евра.
Според СДСМ, во Општина Кисела Вода кога градоначалник беше Орце Ѓорѓиевски , за период од 2022 година до 2024 година, „Мастеф“ добило тендери во вредност од 1,7 милиони евра, а во Општина Аеродром, во мандатот на Тимчо Муцунски склучени биле договори во износ од речиси еден милион евра.
Според проверката на Електронскиот систем за јавни набавки, Општина Кисела Вода во мандатот на Ѓорѓиевски со оваа фирма има склучено два договора, едниот за поставување на урбана опрема во дворовите на детските градинки и основните училишта на територија на општината и изградба на детски и спортски игралишта во населба Драчево, село Драчево, Пржино, населба Градинар, Пинтија, Расадник, Кисела Вода, Каменик, склучен на 2.04.2024 година во износ од 70 милиони денари. Уште еден договор со оваа фирма е склучен на 10 септември во вредност од 19,5 милиони денари за изградба на спортска сала во подрачното основно училиште „Круме Кепески“ во Припор. Или, прикажано во евра, оваа фирма со Општина Кисела Вода склучила два договори со вкупна вредност од речиси 1,5 милиони евра.
Уште на 13 јануари заврши јавниот повик на кој Град Скопје бараше фирма за проектирање, набавка и монтажа на реквизити за забавен парк со партерно уредување, но досега немаше информација дали на тендерот се јавила некоја фирма и дали граѓаните можат да очекуваат Скопје повторно да има лунапарк.
Во јавниот оглас критериум за доделување на договорот беше најниската понудена цена, но во него не беше прецизирана проценетата вредност на проектот. Идејниот и основниот проект кој ќе се понуди на огласот требаше да содржи 16 реквизити, кои се детално разработени со техничка спецификација со соодветните градежни површини согласно урбанистичката документација.
Па така, во новиот забавен парк се планира да има платформа за туркање со автомобилчиња, потоа три ролеркостери – мини, детски и семеен, мал и голем пиратски брод, панорамско и мини панорамско тркало, вовче на шини, адреналинска машина за летање, рингишпил, авантуристичка машина за вртење, како и реквизити со авиончиња, за возење во шолји со чај и за возење со кенгури.
Компанијата „Мастеф“ ќе го гради новиот Луна Парк
По години најави и одложувања, Скопје конечно се подготвува за изградба на нов современ забавен парк во рамки на Градскиот парк. Проектот, чија вредност се проценува на околу 10 милиони евра, треба да донесе ново место за рекреација, забава и туристичка атракција во главниот град.
Според информациите објавени преку системот за јавни набавки, договорот за реализација на проектот е доделен на компанијата Мастеф, која ќе биде задолжена за проектирање, набавка и поставување на новите реквизити и содржини.
Новиот забавен парк ќе биде поставен на значително поголема површина од поранешниот лунапарк, а ќе опфати и делови од просторот во Градскиот парк кои во минатото се користеа за летни локали и забавни содржини.
Проектот предвидува поставување на дваесетина модерни атракции за деца и возрасни, меѓу кои панорамско тркало, ролеркостер, адреналински реквизити, семејни вртелешки и интерактивни содржини. Покрај забавните елементи, планирани се и пешачки зони, зеленило, фонтани, угостителски објекти и дополнителна инфраструктура за посетителите..
Идејата за изградба на нов лунапарк постои повеќе од една деценија, но проектот низ годините беше прекинуван, менуван и одложуван поради административни и финансиски причини. Со новиот договор, градските власти најавуваат конечно придвижување на проектот и почеток на реализацијата.
[ https://nezavisen.mk/kompanijata-mastef-kje-go-gradi-noviot-luna-park/ ]
(Фото галерија) Сред Градски парк буниште наместо Луна парк – нема ни трага од изградба



Најавата за изградба на новиот Луна парк во Скопје повторно потсетува само на ветување и најави, додека просторот во Градскиот парк и натаму наликува на запуштено буниште наместо на современ забавен комплекс каков што со години им се ветува на скопјани.
Иако актуелниот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, веднаш по преземањето на функцијата во ноември 2025 година најави дека „конечно започнува реализацијата“ на Луна паркот, градежни активности на терен сè уште нема.
Во декември минатата година беше објавено дека Градот ја започнал јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк, со амбициозни најави за модерен забавен комплекс на површина од 84.000 квадратни метри, со ролеркостери, водени атракции, панорамско тркало, виртуелна реалност и други реквизити.
Ѓорѓиевски тогаш тврдеше дека со ова се става крај на „години оддолговлекувања и лажни ветувања“, директно алудирајќи на периодот на неговата претходничка Данела Арсовска, во чиј мандат проектот практично беше замрзнат.
Најновата, помпезна најава ја слушнавме пред две недели, но градежна активност на терен нема. Има само биниште сред паркот, омиленото и единствено место на скопјани за секојдневе одмор и рекреација.
радоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека новиот забавен парк во Скопје, на местото на стариот Лунапарк во Градскиот парк ќе чини 10 милиони евра. Град Скопје склучил договор за проектирање, набавка и монтажа на реквизити за забавниот парк со партерно уредување и пропратни објекти. Како што е објавено на страната за Бирото за јавни набавки договорот е склучен со фирмата „Мастеф“ ДООЕЛ од Скопје.
Новиот лунапарк ќе се гради на поголема површина од стариот односно ќе се прошири и на местото каде што беа летните дискотеки во Градскиот парк, кои пред два месеци беа урнати.
Во претходните четири на Арсовска, и покрај постоечкиот проект од времето на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, не беше направен суштински чекор кон реализација на Луна паркот, што кај граѓаните создаде чувство дека уште една голема градска идеја е оставена во заборав.
Но, и по помпезните најави на новата градска администрација, ситуацијата на терен засега останува непроменета. Просторот во срцето на Градскиот парк, кој требаше да стане нов симбол на урбана забава и семејна рекреација, денес е обраснат, раскопан и полн со отпад. Наместо детски џагор и атракции, посетителите на паркот секојдневно се соочуваат со запуштена слика која дополнително го нагласува впечатокот за институционална негрижа и хронична неспособност за реализација на капитални проекти.
Во меѓувреме, незадоволството кај граѓаните расте. На социјалните мрежи и форумите, Луна паркот сè почесто се споменува како симбол за неисполнети ветувања на градските власти и дека политичките пресметки и административните застои постојано ги блокираат ваквите проекти.
ФОТО | Уште нема ништо од изградбата на лунапаркот, не е расчистен дури ни шутот од урнатите дискотеки
Па така, штом скопјани кои се рекреираат и шетаат во Градски парк излезат од делот кој се протега пред бараките на Град Скопје, којшто е уреден и расчистен, најпрво наидуваат на „кршот“ од некогашниот лунапарк и шутот останат од дискотеките, а потоа, тргнувајќи кон езерцата во вториот дел на паркот, на купишта гранки, откорнати корења и стебла урнати во страшното невреме кое пред две недели го зафати Скопје.
Последиците кои невремето ги остави во Градски парк веројатно подолго време ќе се расчистуваат затоа што беа паднати стотина дрвја, но нејасно е зошто не се подготвува теренот за новиот забавен парк, иако уште пред три месеци е склучен договорот со изведувачот.
Лунапаркот, како што е познато треба да го изгради фирмата „Мастеф“ со која Град Скопје на почетокот на мај склучи договор за проектирање, набавка и монтажа на реквизити за забавен парк со партерно уредување и придружни објекти, вреден над 620 милиони денари или нешто повеќе од 10 милиони евра.
Пред два месеци од Градот објаснија дека во тек е проектирање, кое се одвива во соработка со професори и стручни лица од Градежниот и Машинскиот факултет со цел во процесот на проектирање и изградба на лунапаркот да бидат применети највисоките безбедносни стандарди. На прашањето колку реквизити ќе бидат поставени и ќе има ли и некакви нови содржини, како и за тоа каков ќе биде сообраќајниот пристап и дали е предвиден паркинг, оттаму велат дека граѓаните за сето ова ќе бидат навреме информирани.
Досега таква информација нема, а нема ни одговор до каде е овој процес и кога ќе започне реализација на проектот на терен – што би подразбирало најпрво чистење на просторот, а потоа и уредување, изградба на потребните објекти и поставување реквизити.
Новиот лунапарк треба да се простира на оградена површина од 28.800 квадратни метри. Од Градот тврдат дека нема да се одзема површина од Градскиот парк, бидејќи во оваа квадратура е вклучен и просторот на поранешните дискотеки.
Според техничка спецификација во договорот во забавниот парк се планира да бидат поставени 16 реквизити, па ќе има платформа за туркање со автомобилчиња, потоа три ролеркостери – мини, детски и семеен, мал и голем пиратски брод, панорамско и мини панорамско тркало, вовче на шини, адреналинска машина за летање, рингишпил, авантуристичка машина за вртење, како и реквизити со авиончиња, за возење во шолји со чај и за возење со кенгури.
Скопскиот градоначалник најави дека лунапаркот треба да ги отвори вратите за граѓаните наредната година на почетокот на летото, кога всушност се навршува една деценија откако започнаа најавите и работите околу новиот забавен парк кој досега Скопје веќе требаше да го добие.
Наместо тоа генерации скопјанчиња израснаа без него, а единствената забава им беше повремениот престој на забавни паркови кои поставуваа реквизити во градот, речиси редовно, под крајно нејасни околности и без дозволи.
Лунапаркот почна да се гради во април 2017 година, во мандатот на Коце Трајановски, а неговата изградба тогаш беше проценета на околу 6,5 милиони евра. Според проектот, во паркот требаше да има 27 реквизити.
За наредниот градоначалник Петре Шилегов проектот не беше доволно добар и најави изградба на поголем забавен парк, според нов проект што беше претставен две години подоцна, но во пандемијата со коронавирусот, изградбата на забавниот парк сосема се заборави. Повторно се актуелизира како предизборно ветување на локалните избори во 2021 година. Го ветуваа и Шилегов и Данела Арсовска, кој од кој поголем и поубав, но до ден денес Скопје нема забавен парк.
Сега граѓаните очекуваат Ѓорѓиевски да го исполни ветувањето и договорениот проект да се реализира. Дека не е сето тоа уште едно празно ветување како низ годините наназад, граѓаните ќе поверуваат кога конечно ќе започнат работите на терен.
Ако е рано за повеќе, барем нека започне чистењето на шутот и ѓубрето од урнатите дискотеки.
(ВИДЕО+ФОТО) Раскинат е договорот за луна-паркот: Како изгледа локацијата каде беа планирани 16 нови реквизити?
Договорот тежок 10 милиони евра за изградба на нов забавен парк во Скопје, кој, според официјалните најави, треба да биде готов до крајот на следната 2027 година, е раскинат, покажуваат информациите објавени на Бирото за јавни набавки.
Имено, Град Скопје на средината на оваа година (06.05.2026) склучи договор со друштвото „Мастеф“ за проектирање, набавка и монтажа на реквизити за забавен парк со партерно уредување и пропратни објекти, во вредност од 621 милион денари или околу 10 милиони евра.
Во рамки на овој тендер, единствена понуда била онаа на „Мастеф“, која настапила во група со „Пирамид Билдинг Солушнс“, како и со поддршка на 2 подизведувачи – „Жикол“ и „Геоконтрол“.
Меѓутоа, на БЈН е објавена информација дека договорот е раскинат на 17.08.2026 година, без објаснување зошто е направено тоа.
Затоа, пред неколку дена се обративме и до Градот и до компанијата со прашање по кој основ бил раскинат овој договор и кои биле причините за тоа, но досега не добивме одговор.
Инаку, Скопје нема забавен парк повеќе од една деценија. Иако во меѓувреме сите скопски градоначалници најавуваа изградба на нов луна-парк, па дури и отпочнуваа одредени постапки, сепак, никогаш не се реализираа овие најави.
Своевремено, тогашниот скопски градоначалник, Коце Трајановски, презентираше проект за нов луна-парк по пат на јавно-приватно партнерство, а потоа сам набави реквизити.
Но, неговиот наследник на градоначалничката функција, Петре Шилегов, го прекина проектот, со образложение дека не е добар, односно дека потребно е да се изгради забавен парк на поголема површина.
И покрај тоа што беше изработена студија од италијанското архитектонско студио „Баса“, според која требаше да се вклопат 7-те реквизити купени во времето на Трајановски, но и да се предвидат локации за поставување нови 20 реквизити, на крајот не се реализираше ниту идејата на Шилегов поради ковид-пандемијата.
Со доаѓањето на градоначалничката функција на Данела Арсовска во 2021, пак, овој проект беше целосно закочен, без оглед што предизборно Арсовска ветуваше „најдобар луна-парк на Балканот“.
Откако нов скопски градоначалник стана Орце Ѓорѓиевски по ланските локални избори, тој најави дека веднаш ќе почне постапка за изградба на забавниот парк, кој ќе биде стопанисуван исклучиво од локалната самоуправа.
Така, на крајот на ланската 2025 година беше распишана тендерска постапка за изведба на нов забавен парк, во чии рамки во мај годинава беше склучен договор со „Мастеф“ со времетраење од 36 месеци, што значи дека тој требаше да биде реализиран во 2029 година.
Од финансиската понуда, која е дел од договорот склучен меѓу двете страни, произлегува дека се предвидува набавка и монтажа на 16 реквизити: ролеркостери, мали авиончиња, авантуристичка машина за вртење, панорамско тркало, пиратски брод, машина за летање, рингишпил…
Во меѓувреме, т.е во февруари годинава, во функција на реализација на проектот за изградба на нов забавен парк, започна уривањето поранешните летни дискотеки на тој простор, со цел, како што рече Ѓорѓиевски, да се расчисти просторот.
Арно ама, половина година подоцна, градежен шут од урнатите дискотеки се уште може да се забележи на терен.
– Она што може јас да го гарантирам е дека до крајот на 2027 година, по многу долги години, скопјани ќе добијат најсовремен, најбезбеден луна-парк во целиот регион. Мислам дека тоа доста профитабилно ќе биде за главниот град, но ќе има содржини каде младите генерации ќе имаат можност да создаваат спомени. Ние за жал немавме таква можност – изјави Ѓорѓиевски на „4 Њуз“.
Тој појасни дека се предвидува забавниот парк да се простира на површина од 84 илјади квадратни метри, што е за 60 илјади квадрати повеќе од сегашната површина. т.е. парцела.
Притоа, според него, крајната цел е поврзување на луна-паркот со зоолошката градина.
–И во тој обем е таа квадратура. Но, тоа не подразбира кратење на градскиот парк, туку искористување на онаа градежна парцела целосно од 24.850 квадрати, кадешто бил стариот луна-парк, што значи дека не кратиме од градскиот парк, но ќе правиме поврзување на содржините – рече неодамна Ѓорѓиевски за „360 Степени“.
Оттука, тој ја поставува временската рамка за завршување на новиот луна-парк до крајот на следната 2027 година, додека договорот склучен меѓу Градот и „Мастеф“ се однесуваше за 3 години, што значи дека е со времетраење до средината на 2029 година.
По раскинувањето на овој договор од засега непознати причини, останува да видиме дали роковите ќе бидат запазени.










