Во оваа нишка ќе бидат опфатени сите работи поврзани со појавата на диви паркинзи во главниот град како и низ другите градови во Македонија кои се редовна појава.
13.02.2025
ВИДЕО+ФОТО | Див паркинг кај Народната Банка: „Ничија земја“ за надлежните, бесплатна опција за возачите




Близу зградата на Народната банка на Македонија, веднаш до пешачката патека и патеката за велосипеди, досетливите скопјани пронајдоа парче земја под ничија надлежност, кое од поодамна има улога на импровизиран „див паркинг“, видлив за сите граѓани, но нерешлива загатка за надлежните.
Проблемот со паркирањето, постојано актуелен за скопјани, е присутен насекаде низ градот, а особено во строгиот центар на градот. Справувањето со него, според центарци, се врши или со менување на типот на транспорт – автобус, електричен мопед или велосипед, а некои, пак, изнаоѓаат креативни паркинг-места и „црни дупки“ за кои надлежните немаат решение.
Ваква „црна дупка“, скопјани пронајдоа веднаш до Народна банка на Македонија, во населбата Маџир Маало, каде што на неозначена ширинка веќе подолго време можат да се забележат непрописно паркирани автомобили, кои ја покриваат зелената површина и се во непосредна близина на пешаците.
До „Слободен печат“ пристигнаа фотографии и видеа од случајни минувачи каде што се забележува импровизираниот „див“ паркинг лоциран зад автобуските постојки наспроти „Веро Џамбо“, каде што веќе подолг период се паркираат повеќе од 30 автомобили дневно.
Екипа на „Слободен печат“ отиде на локацијата и повторно таму забележа десетици паркирани возила, а според минувачите, веќе подолго време луѓето практикуваат да си ги паркираат автомобилите на овој простор. Возачите дури успеале да направат алтернативен излез од овој паркинг, кој директно ја сече велосипедската и пешачката патека во должина на тротоарот, загрозувајќи ја безбедноста и на велосипедистите и на пешаците.
Од Општина Центар велат дека не се надлежни за овој проблем и нè насочија кон службата на ПОЦ, која според нив е одговорна за овој див паркинг.
Пративме прашања до службата на ПОЦ за тоа дали се запознаени со тоа што се случува на тој простор и зошто не ги казнуваат сопствениците што непрописно ги паркираат своите возила, но оттаму не добивме конкретен одговор околу начинот на кој ќе се справат со овој див паркинг или, пак, дали имаат добиено поплаки од граѓаните. Оттаму тврдат дека оваа област во Маџир Маало не е во нивна надлежност, туку во надлежност на Општина Центар или Град Скопје.
Никоја од овие институции не ни даде конкретен одговор околу надлежноста и начинот на санкционирање на овие возачи во иднина, а очигледно е дека и полицијата ретко навраќа таму. Штом нема казнувања, има големи шанси оваа „ничија земја“ уште долго да продолжи да служи како бесплатна паркинг-опција за скопјани во центарот на главниот град, со што секојдневно ќе ја узурпира зелената површина и се загрозува безбедноста на минувачите.
29.08.2025
Скопјани не го даваат дивиот паркинг кај Народна банка, ги откорнаа столпчињата да си обезбедат влез


Просторот до зградата на Народна банка, кој долго време служи како импровизиран паркинг за возачите, а е „ничија земја“ за надлежните, од неодамна е заграден со десетина метални столпчиња, за да се спречи влез на автомобили и недозволено паркирање. Но, за упорните и „непослушни“ скопјани нема пречка, па некој веќе извадил дел од поставените столпчиња за да си овозможи влез на дивиот паркинг покрај булеварот Кузман Јосифовски Питу.
По големиот број фотографии и поплаки што дојдоа до редакцијата на „Слободен печат“ за оваа локација минатите недели, ги прашавме Општина Центар и ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ околу тоа кој е надлежен за овој простор, но не добивме конкретни одговори, туку нивно меѓусебно префрлање на одговорноста, поради што очигледно е зошто ова место е оставено „без шериф“.
Од Општина Центар нè упатија кон ПОЦ, кој според нив има надлежноста за регулирање на овој узурпиран простор во населбата Маџир Маало.
Оттаму, пак, за тоа дали се запознаени со овој проблем и начинот на кој граѓаните го користат овој простор и ја уништуваат зелената површина и зошто не ги казнуваат сопствениците што непрописно ги паркираат своите возила, не добивме конкретен одговор околу начинот на кој ќе се справат со овој див паркинг или, пак, дали имаат добиено поплаки од граѓаните.
Од ПОЦ само тврдеа дека овој дел од Маџир Маало не е во нивна надлежност и прстот го вперија во Општина Центар, но исто така за првпат беше спомнат и уште еден, трет можен надлежен за овој проблем, ЈП „Улици и патишта“ при Град Скопје.
Покрај фактот што возачите започнале да ги паркираат своите возила на зелената површина, навика која подоцна прераснала во просторен див паркинг, тие исто така направиле и излез од „паркингот“ директно низ пешачката и велосипедската патека на тротоарот.
Изградба на зграда го „реши“ тоа што надлежните не можеа — затворен е дивиот паркинг кај Народна банка




Жално е што требаше да започнат градежни активности и поради безбедносни причини да се затвори импровизираниот влез на дивиот паркинг каде што неколкупати беа откорнувани металните столбови за непречен пристап, наместо да има конкретна реакција на Општината за решавање на овој проблем.
Дивиот паркинг до Народната банка каде што подолг период десетици возила секојдневно ја узурпираа и ја уништуваа зелената површина, која во поголем дел е на државно земјиште, а воедно беше и болна тема за Општина Центар земајќи предвид дека ниту еднаш не одговорија зошто дозволуваат ова диво паркиралиште да функционира слободно, изгледа конечно ќе биде затворен, откако местото од неодамна е заградено поради изградба на нова зграда веднаш покрај булеварот „Кузман Јосифовски Питу“.
Целото место што до неодамна се користеше како див паркинг е покриено со лимени огради, а во заградениот дел можат да се забележат сериозни градежни активности и уривање на големиот број објекти и бараки, кои го исполнуваа просторот.
Очигледно е дека со заградувањето на просторот, дивиот паркинг не е целосно нефункционален, ама значително му се намалени капацитетите и можностите за дел од скопјани што зелената јавна површина секојдневно ја узурпираа.
Речиси цел блок парцели што се во редот до дивиот паркинг во Маџир Маало се во сопственост на една градежна компанија и денес поголем дел од објектите на нив се урнати, а на нивно место набрзо ќе „никне“ уште една голема зграда во оваа населба со навистина атрактивна локација, која ќе гледа кон Водно и ќе биде сместена во првиот ред на булеварот „Кузман Јосифовски Питу“.
Дивиот паркинг сместен зад автобуските постојки спроти „Веро Џамбо“ во Маџир Маало беше една огромна површина каде што возачи непречено секој ден се качуваа на тротоарот со своите возила, минуваат низ пешачката и велосипедската патека за да влезат и да го паркираат својот автомобил. Институциите, освен тоа што не кажуваа која од нив е надлежна за справување со просторот, не ги казнуваа возачите што правеа повеќе прекршоци за да можат бесплатно да си го паркираат својот автомобил во центарот на Скопје.
„Слободен печат“ пред повеќе од една година започна со обидите да најде која институција е надлежна, дали Општина Центар, нејзиното претпријатие „ПОЦ“, или пак Градот Скопје, но увидовме дека оваа тема за сите нив е „болна“, бидејќи ниту една од гореспоменатите институции не ни одговори дали е одговорна за регулирање на ова диво паркиралиште.
По првата објава на „Слободен печат“ за дивиот паркинг и импровизираниот излез, за помалку од 24 часа имаше реакција и беа поставени десетина столпчиња во должина на тротоарот зад автобуските станици наспроти „Веро Џамбо“ од страна на ЈП „Улици и патишта“ како дел од нивната поширока акција за уредување на тротоарите низ главниот град.
Сепак, кратко по оваа реакција на претпријатието, граѓаните продолжија по свое и најдоа начин повторно да ја „ослободат“ оваа локација за паркирање, а тоа го направија преку целосно откорнување на металните столпчиња.
Според Катастар, местото каде што се наоѓа ова нелегално паркиралиште се состои од вкупно седум парцели, од кои само две се приватна сопственост, додека, пак, останатите пет се земјишта во владение на државата. Оваа поделеност е веројатно и главниот проблем зошто надлежните не можат да ја „решат“ оваа локација среде центарот на Скопје.
Бидејќи земјиштето што го загради градежната компанија ѝ припаѓа на државата, „Слободен печат“ испрати прашања до Општина Центар дали државните парцели во меѓувреме биле продадени па затоа се и тие заградени, но од локалната самоуправа ни одговорија дека земјиштето е државно, но е заградено поради безбедносни причини поради градежните активности што неодамна започнаа на оваа локација.
– Според издаденото одобрение на ГП 3.1 ДУП „Маџир Маало“ И 05, инвеститорот започнал со градежни активности, а привремената ограда е поставена од безбедносни причини. Државното земјиште што е заградено е во сопственост на државата – накусо одговорија од Општината.
„Слободен печат“ исто така повторно праша што ќе се случува со просторот откако ќе се отстранат привремените огради и дали повторно местото ќе продолжи да функционира како див паркинг, но од Општината, како и сите претходни прашања на темата див паркинг кај Народната банка, не ни одговорија на ова прашање.
Жално е што требаше да започнат градежни активности за приватникот, поради безбедносни причини, да го загради просторот и практично да го затвори импровизираниот влез на дивиот паркинг каде што неколкупати беа откорнувани металните столбови за непречен пристап, наместо да има конкретна реакција на Општината за целосно решавање на овој проблем и контрола на просторот што низ годините премина во диво паркиралиште.
Местото сега е целосно заградено и пристапот е ограничен, а сега граѓаните како паркинг користат само еден мал дел од земјиштето, така што поголемиот дел од просторот што беше узурпиран од десетици возила, сега на некој начин е ослободен и подолг период нема да биде достапен за паркирање, но „Слободен печат“ активно ќе продолжи да следи како Општината ќе се справи со оваа локација во Маџир Маало, особено кога ќе се отстранат заштитните огради и земјиштето повторно ќе биде „отворено“ за нелегално паркирање, возење преку тротоари, пешачки премини и велосипедски патеки за бесплатен паркинг на зелена површина.