Се најавува продолжување на реализација на овој проект најавен уште пред 6-7 години кој треба со извесни измени во однос на трасата да се реализира со цел олеснување и подобрување на состојбата со јавниот превоз во Скопје. Така што сите најави, актуелности поврзани со овој проект ќе бидат опфатени во оваа нишка.
27.02.2026
BRT Скопје ќе почне со реализација во 2027 година

Деновиве градоначачникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави почеток на реализацијата на BRT системот во 2027 година, со кој треба да се направат сериозни промени во јавниот превоз во Скопје. Како измени во проектот се најавува проширување на Линија 2, која треба да се продолжи од Бутел кон Радишани, и од Кисела Вода кон Драчево.
Во периодот на претходната градоначалничка на градот, кога се реактуелизира темата во јавноста, се обидовме подетално да објасниме за предностите и наводните недостатоци и предизвици во проектот, кој сепак сметаме дека е единствено брзо и економично решение за јавниот превоз.
Со цел да не се повторат истите грешки во транспарентноста кон јавноста, но пред се кон професионалната јавност, како и појавата на возможните дезинформации, апелираме до Градот Скопје да организира јавни дебати и презентации пред да започне со доработка на проектот до фаза на основен проект.
Проектот ги има истите предизвици: водоводната цевка на Партизанска, средишното зеленило, позицијата на автобуските постојки, леви или десни врати на автобусите, загубата на паркот на последна 5ка во Ново Лисиче, Јаворите во Чаир, теснецот на Чешма, рушење на мостото „Обединети Нации“ и сл. Со цел да се овозможи транспарентност во процесот, апелираме на јавни презентации и дискусии кои ќе го доближат проектот до пошироката јавност!
[ https://marh.mk/brt-skopje-kje-pochne-so-realizacija-vo-2027-godina/ ]
Владата го одврза ќесето – 70 милиони евра за конечен старт на БРТ!
Владата ќе му префрли 70 милиони евра неповратни средства на Град Скопје за да може да го реализира проектот брз автобуски превоз – БРТ. Како што информира министерот за транспорт, Александар Николоски, проектот ќе се реализира со заем од ЕБРД.
– Министерството во соработка со Град Скопје ќе ја обезбеди соодветната инфраструктура за овој тип превоз, а дополнително со проектот за Градски воз и набавката на новите еколошки електрични автобуси ќе понудиме комбиниран систем на транспорт во Скопје, преку кој значително ќе ја подигнеме точноста и ефикасноста на градскиот јавен превоз – истакна Николоски.
Проектот предвидува изградба на две линии во Скопје, едната Исток – Запад и втората Север – Југ, набавка на CNG/хибридни нископодни БРТ-возила, патнички информативен систем, паметни станици, како и интеграција во системот на управување со сообраќајот во Градот.
Како што истакна скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, со овој договор прецизно се утврдуваат правата, обврските и меѓусебната координација помеѓу Министерството за финансии, Министерството за транспорт и врски и Град Скопје во текот на целокупната имплементација на проектот.
-Договорот ги регулира механизмите за управување со средствата од заемот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), формирањето и функционирањето на единицата за имплементација на проектот, како и обврските за навремено обезбедување на сите административни, технички и финансиски предуслови. Тој предвидува јасни процедури за повлекување на средствата, управување со посебните сметки, како и обезбедување на сите неопходни дозволи, одобренија и документација за непречено спроведување на активностите – информираше Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека договорот за имплементација е веќе одобрен и од Европската банка за обнова и развој.
-Ова ќе овозможи започнување со конкретни активности на терен – од јавни набавки и техничка подготовка, до реализација на инфраструктурните работи- нагласи Ѓорѓиевски.
Рокот за завршување на овој значаен проект е февруари, 2029 година.
Претходно, Ѓорѓиевски, се изјасни дека ќе се реализира проектот за брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје, со тоа што ќе биде ревидирана и проширена верзијата од периодот кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, со тоа што трасата од Бутел до Кисела Вода ќе се продолжи до Драчево.
Ѓорѓиевски тогаш нагласи дека проектот мора да се реализира, бидејќи, во спротивно, државата ќе плаќа камати за кредитот од 70 милиони евра обезбеден од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
– Државата има земено кредит за овој проект. Наместо да го прекинуваме, наша обврска е да го продолжиме. Моја забелешка отсекогаш е да се продолжи трасата до Драчево, и ќе го направиме тоа – кажа Ѓорѓиевски.
Тој најави дека тендерската постапка за системот за брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје ќе биде распишана во втората половина од 2026 година, а реализацијата на терен се очекува да започне во 2027 година.
Проектот за БРТ се подготвуваше околу три години, со поддршка од ЕБОР, а за студиите и истражувањата беа вложени преку 170.000 евра. Во април 2021 година беше потпишан договор за кредит од 70 милиони евра, за изградба на двете траси. Проектот беше презентиран во јули 2021 година. Според овој проект, со брзиот автобуски превоз на граѓаните ќе им биде потребен половина час за да стигнат од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, односно од едниот до другиот крај на метрополата.
[ https://www.vecer.press/vladata-go-odvrza-keseto-70-milioni-evra-za-konechen-start-na-brt/ ]
ЃОРЃИЕВСКИ СЕ ПРЕМИСЛИ, АВТОБУСКИОТ БРТ ПРЕВОЗ НЕМА ДА ОДИ НИЗ СРЕДИШНОТО ЗЕЛЕНИЛО ТУКУ ПО КРАЈНАТА КОЛОВОЗНА ЛЕНТА
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска објави дека трасата на Брзиот автобуски превоз (БРТ) нема да биде низ средишното зеленило туку по крајната коловозна лента. Оваа лента и сега е наменета само за автобуси, но тоа никој не го почитува, и не само што возила се движат по неа туку и се паркираат.
Ѓорѓиевски вели дека со зеленило ќе се направи бариера за во лентата да не можат да се движат возила.
„Трасата на БРТ нема да поминува низ средишното зеленило, со што се заштитуваат важни природни ресурси, вклучително и водоснабдувањето на градот. Наместо тоа, системот ќе се движи по крајните сообраќајни ленти, а дополнително ќе се предвиди ново зеленило како природна бариера. Проектот предвидува изградба на две главни линии – Исток-Запад и Север-Југ, воведување современи нископодни автобуси на ЦНГ/хибриден погон, како и поставување паметни станици и информативен систем за патниците. Воедно, системот ќе биде целосно интегриран со управувањето на сообраќајот во градот“, соопштија од кабинетот на Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски на 6 февруари, на прашање да САКАМДАКАЖАМ.МК, кажа дека нема да се менува трасата на движење за брзиот автобуски превоз.
„Што да правиме, да го прекинеме ли проектот?. За него државата има земено кредит. Јас лично никогаш не сум го критикувал овој проект, туку имав забелешка дека треба да се продолжи до Драчево за да се опфати и тој дел од градот и тоа ќе го направиме. За критиките дека ќе минува над главната водоводна цевка, има експерти во таа област кои ќе кажат како тоа може да се направи, сега технологијата е отидена многу напред. Јавно ќе биде презентиран проектот пред јавноста пред да почне реализацијата“, рече тогаш Ѓорѓиевски.
На 24 март, градоначалникот Ѓорѓиевски најави дека Град Скопје почнува со реализација на проектот за Брз автобуски превоз откако Владата на седницата на 23 март го одобри договорот за негова имплементација. Проектот за БРТ во Скопје почна да се реализира во 2020, во време на владата на СДСМ кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, а договорот за заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го потпиша тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ преку партиски прес-конференции и соопштенија остро го критикуваше проектот велејќи дека е скап и несоодветно решение за главниот град.
Потоа, 4 години кога градоначалничка беше Данела Арсовска во Советот на Град Скопје советниците од ВМРО-ДПМНЕ го блокираа проектот. Со тоа се изгубија 4 години, а јавниот превоз во градот е во колапс и нема автобуси бидејќи пола се расипани. На 24 март, министерот за транспорт и врски Александар Николоски, исто така, се пофали дека почнува реализацијата на БРТ проектот велејќи дека ќе биде биде готов за три години, односно во февруари 2029. Тоа значи дека да немаше блокади од ВМРО-ДПМНЕ изминативе 4 години, досега проектот ќе беше готов и немаше да се чека автобус по еден час на станиците.
Од државниот буџет од 2021 наваму се плаќаат 350.000 евра годишно камата на Европската банка за обнова и развој оти не се користи парите од кредитот во висина од 70 милиони евра за воведување БРТ.
Ѓорѓиевски: БРТ ќе има три линии, една до крајот на мандатот
Проектот „Бас рапид транзит“, или БРТ (во превод – брз автобуски превоз) се реактуализираше по неодамнешниот состанок меѓу скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски и проектниот тим што работи на оваа тематика.
Идејата за воведување БРТ, како нов вид јавен превоз во главниот град, со посебни автобуси што ќе се движат по издвоени ленти и нема да заглавуваат во сообраќајниот метеж, е од времето на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, кога се обезбеди и финансирање на овој зафат со кредит од Европската банка за обнова и развој од 70 милиони евра.
Откако Шилегов, како кандидат на СДСМ за втор мандат, ги загуби изборите во 2021 година од независната противкандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, проектот замре додека таа раководеше со градот. Таа во кампањата ветуваше дека, наместо тоа, ќе воведе бесплатен јавен превоз со 250 електрични автобуси. Сепак, по нејзиното разидување со ВМРО-ДПМНЕ, партија што имаше мнозинство во Советот, нејзините транспортни проекти беа блокирани од тоа мнозинство.
Ѓорѓиевски, пак, неодамна најави дека БРТ веќе не е само идеја, туку сериозно поставен и институционално заокружен проект, а парите од ЕБОР ќе се префрлат на Град Скопје како неповратни и ќе се користат исклучиво за реализација на проектот.
Тој најави набавка на современи хибридни возила за оваа намена, паметни станици и патнички информативен систем, како и заштита на средишното зеленило на булеварите, каде што порано се предвидуваше да се градат трасите за БРТ.
Со Ѓорѓиевски разговаравме за тоа што е досега познато во врска со БРТ, што дополнително треба да се утврди и зошто проектот чекаше досега поради политички несогласувања.
БИРН: Неодамна имавте средба со проектниот тим што работи на проектот БРТ и најавивте дека проектот ќе почне да се реализира. Проектот отвора многу прашања и дилеми за тоа како ќе се изгради и ќе изгледа. Што е познато и дефинирано за него во моментов?
Ѓорѓиевски: Има неколку точки за кои сум сигурен во моментов, а првата е дека БРТ ќе се реализира. Сите согласности ги добивме, и одлуките на владата за продолжување на кредитирањето, за кое граѓаните плаќаат камати, а нема реализација.
До крајот на годината ќе биде распишана тендерска постапка по две основи. Едниот за реализација на трасата од депото во Ѓорче Петров до депото во Општина Аеродром, или онаа траса за која првично се говореше во минатото.
Но, разликата е дека средишното зеленило нема да се отстрани како што се планираше во минатото. Имаше предлози БРТ да биде на крајната десна лента. Ние ќе одиме покрај средишното зеленило и ќе додадеме два појаси со заштитно зеленило од двете страни, што мислам дека естетски сериозно ќе ја подобри сликата на главниот град.
Конкретно, булеварот Партизански одреди ќе има по две ленти од двете страни, па повторно зеленило, па велосипедски патеки и пешачки зони.
Јас давам сè од себе заедно со тимот да поставиме камен-темелник, односно да почнеме да ги движиме процесите за оваа траса и до крајот на мојот мандат таа да биде реализирана.
Дополнително влегуваме во изработка на физибилити студии за поврзувањето од Центар кон Чаир, односно Бутел, од една страна, и од друга страна, кракот за кој честопати во минатото сме говореле, а тоа е од Центар кон Пинтија, односно кон Драчево.
Додадовме два нови краци, кои, исто така, ќе бидат опфатени со физибилити студија, за да можеме на цело Скопје да му дадеме можност за линии со БРТ, а тоа е линијата до Ченто, од една страна, и од друга страна, Ѓорче Петров и до Сарај.
Тоа ќе бидат трите линии: Бутел – Драчево, Ченто – Сарај и Ѓорче Петров – Ново Лисиче.
Кога на ова ќе ги додадеме сите инфраструктурни зафати што се реализираат во градот, како Лимак, поврзувањето со булеварот Борис Трајковски, клучката Момин Поток, Љубљанска и другите, како и стоте автобуси што се набавуваат од Министерството за транспорт и врски, и градскиот воз, мислам дека веќе ќе бидеме град што ќе нуди реални алтернативи за граѓаните да не мора да ги користат своите возила.
Центарот ќе стане пешачка зона, во која ќе се движи само БРТ. Тоа е стара идеја и отсекогаш ми се допаѓала. Тоа е срцето на градот. Но, најлесно е да го забраниме протокот на возила таму, ама што ќе направиме? Ќе предизвикаме дополнително оптоварување на сообраќајниците од левата и од десната страна.
Затоа прво нудам решенија. Треба целосно да се реализира проектот Лимак, односно булеварот Македонија, кој е еден од најсериозните капитални проекти во градот, во последниве 30 години. Паралелно работиме и на проценка на имотите на улицата Даме Груев, зад Собранието, која треба да се прошири и да стане булеварско решение.
Сакам уште нешто да истакнам, кај депоата ќе има паркинзи каде што граѓаните ќе можат да ги остават своите возила и да го користат БРТ.
БИРН: Што останува дополнително да се утврди во врска со проектот? Колку возила ќе се набавуваат?
Ѓорѓиевски: Не можам сега да дадам детали, но ќе бидат повеќе од 30 возила. Освен БРТ, Градот ќе направи напори, до крајот на мандатот, да направиме уште една набавка на автобуси, покрај овие 100 возила што владата ги обезбедува и за кои сум искрено благодарен. Финансиски се консолидиравме и мислам дека може да одиме кон дополнителна модернизација на возниот парк.
Нема многу прашања што се неодговорени. Во соработка со Општина Чаир работиме на проектот за улицата Цветан Димов. По неа ќе се движи трасата на БРТ. Ќе создадеме услови за тоа. Верувам во проектантите и убеден сум дека до крајот на летово ќе заврши постапката за проектирањето, па би почнале со реализација. Имаме одличен тим за тоа во Градот Скопје.
По воведувањето на БРТ, ќе направиме одредени измени во возниот ред и во дел од трасите на автобускиот превоз. Ќе треба некаков редизајн, од денешна позиција не можеме да почнеме ништо да менуваме пред да го ставиме БРТ во функција. Генералната замисла е другите линии да го хранат БРТ. Сето тоа ќе се прави јавно, транспарентно и со вклученост на граѓаните во целиот процес. Тоа ќе бидат слатки маки.
БИРН: Кога објавивте дека почнува реализацијата, излегоа обвинувања дека тоа можеше да се случи четири години порано, но вашата политичка партија ги кочеше тие процеси во Советот на Град Скопје. Кој е вашиот коментар за тоа?
Ѓорѓиевски: Јас, генерално, избегнувам да се занимавам со минатото, таков ми е пристапот. Ако се занимавам, нема да гледам кон иднината и да ги решаваме сите овие работи.
Ќе одговорам многу едноставно. Јас во Кисела Вода бев градоначалник, кој во составот на Советот имаше партиципиенти од сите политички партии, и од ВМРО-ДПМНЕ, кои беа мнозинство, и од Социјалдемократскиот сојуз, и од Левица, и од помали политички партии.
Истото е и во Градот Скопје. Но, буџетот во Градот Скопје за првпат во историјата оваа година помина без ниту еден глас против.
Во Кисела Вода, честопати се носеле одлуки едногласно, да не речам најголемиот дел од одлуките, но тоа е позиција што зависи од менаџирањето на градоначалникот. Советниците се претставници на граѓаните. Јас може да имам различни ставови за одредени текови, за одредени проекти, но не смеам да го игнорирам советникот.
Во изминатите четири години, ние имавме една состојба во која имаше целосно игнорантски однос кон Советот. Јас не верувам дека некој вака јавно со медиуми има седнато од минатото раководство и има образложено детали, па макар и да земе да ги нацрта трасите како што јас го правам тоа. Народот, граѓаните и советниците сакаат отвореност и транспарентност.
Кога нешто ќе објасните во детали на сите советници, тие ќе го прифатат тоа. Можеби некој ќе има различно мислење, но никој нема да биде против. Таков е мојот пристап. Комуникацијата и носењето одлуки е двонасочна улица.
Вие не може да очекувате некој слепо да ви верува и да ви биде условно кажано послушник, да ви ги гласа сите предлози, а притоа да нема елементарни познавања за состојбите и информации од ваша страна.
[ https://prizma.mk/gorgievski-brt-ke-ima-tri-linii-edna-do-krajot-na-mandatot/ ]
ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАВА ЌЕ ПОЧНЕ ИЗГРАДБАТА НА ТРАСАТА ЗА АВТОБУСКИОТ БРТ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕ, НАМЕСТО НИЗ СРЕДИШНОТО ЗЕЛЕНИЛО ЌЕ ОДИ ПО ЛЕНТАТА ДО НЕГО
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски очекува до крајот на годинава да почне реализацијата на проектот за Брз автобуски превоз (БРТ). Ѓорѓиевски на последната седница на Советот на Град Скопје на 9 јуни, одговарајќи на советнички прашања кажа дека проектот ќе се реализира, нема откажување од него и дека се подготвува документацијата за распишување на тендерот.
Од тимот во Град Скопје кој работи на имплементација на проектот БРТ за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека месецов ќе биде распишен тендерот за претквалификација за изградба на трасата на првата линија од Ѓорче Петров од Ново Лисиче и на две депоа. По завршување на претквалификациската фаза ќе биде распишан тендер за избор на фирма за проектирање и изведба.
Од Градот велат дека одат со претквалификација за да се постават високи критериуми за фирмите кои ќе учествуваат и понуди да поднесат компании кои имаат искуство со имплементација на системи за јавен транспорт. Тие што ќе ги исполнат условите ќе учествуваат на тендерот.
Според идејното решение, едното депо ќе биде во Ново Лисиче, а другото во Ѓорче Петров каде се наоѓа базата на ЈСП „Скопје“.
„Кај депото во Ѓорче Петров се предвидува изградба на паркинг простор. Идејата е луѓето кои од другите градови влегуваат во Скопје да може тука да се паркираат и одма да се качат во автобусите на БРТ. Исто така и жителите на околните населби, Хром, Волково, Ѓорче Петров 2 од дома ќе може до тука да дојдат со кола или велосипед, и со јавен превоз за 20 да стигнат до центарот на градот, а за 35 минути до Ново Лисиче“, велат од Град Скопје
По анализа на првичното идејно решение, кое предвидуваше возилата да минуваат низ средишното зеленило, направена е измена. Сега тие ќе се движат по лентата до него или крајната брза летна. Ќе бидат одделени со нова жардинера и зеленило од средишната коловозна лента односно од останатиот сообраќај. Тоа значи дека за автомобили ќе останат две ленти и ќе нема мешање на автобусите од БРТ со останатиот сообраќај.
Кај што ќе се движи БРТ ќе нема други автобуси. Од Градот паралелно работат и на процесот на промена на автобуските линии односно откако ќе биде воведен новиот начин на јавен превоз, на пример, линијата 24 повеќе нема да вози од Кисела Вода до Тафталиџе и да минува низ центарот на градот и по булеварот „Партизански Одреди“. Ќе постои линија која ќе се движи само од Кисела Вода до центарот на градот односно до една од станиците на БРТ.
Како што велат од Градот, процесот на набавка на возилата за БРТ или автобусите ќе биде посебна постапка и таа ќе се спроведе подоцна.
„Сега ќе се спроведе тендер само за изградба на трасата, а подоцна ќе има нов тендер за автобусите. Ќе се набават 40 возила. Според направените анализи, потребни се 22 автобуси за да има возило на секои 3-4 минути. Целта е што поголем број граѓани да се откажат од колите и со јавен превоз да одат на работа. Ако граѓаните знаат дека на секои 3-4 минути ќе има автобус и точно време кога ќе стигнат на работа, сигурно ќе се одлучат за јавен превоз“, додаваат од Град Скопје.
За воведување БРТ во 2021 година одобрен е кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 70 милиони евра. Проектот за БРТ во Скопје почна да се реализира во 2020, во време на владата на СДСМ кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, а договорот за заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го потпиша тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ преку партиски прес-конференции и соопштенија остро го критикуваше проектот велејќи дека е скап и несоодветно решение за главниот град. Потоа, 4 години кога градоначалничка беше Данела Арсовска, во Советот на Град Скопје советниците од ВМРО-ДПМНЕ го блокираа проектот.
Бидејќи не се користи кредитот, државата плаќа годишна камата од 350.000 евра или за пет години дадени се 1,7 милиони евра.