Управувана од ЈСП Скопје, жичарата „Милениумски крст“, која е пуштена во употреба на 3 јуни 2011та, води до Крстот и ги поврзува Средно Водно и врвот на Водно. Се користи како превозно средство и истовремено служи за панорамско разгледување на градот и планината.
Жичарата се наоѓа на надморска височина од 570 метри, висинската разлика е 480 метри и нејзината должина е 1.600 метри. Се движи со брзина од 6 метри во секунда и оваа должина ја совладува за 4 минути и 18 секунди. Патниците се распоредуваат во 28 кабини за по осум патници и 2 кабини за четири патника, а вкупниот капацитет на жичарата е 1.200 патници на час.

[ https://skopjebus.mk/mk/zhichnica/#&gid=1&pid=1 ]
ЖИЧНИЦАТА НА ВОДНО НЕМА ДА РАБОТИ ЦЕЛО ЛЕТО ОТИ ИМА РИЗИК ДА СЕ ОТКАЧИ ГОНДОЛА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА СКОПЈЕ ЃОРЃИЕВСКИ

Жичницата на Водно нема да работи цело лето оти има ризик да падне гондола, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски. Тој вели дека 15 години откако е пуштена жичницата не бил направен сервис од производителот „Допелмаер“ и затоа има сериозни оштетувања кои може да доведат до трагедија.
Жичницата беше затворена на 25 април, со најава од ЈСП „Скопје“ кое стопанисува со неа дека нема да работи два дена, но по проверките што ги извршил тимот од австрискиот производител, градските власти одлучиле да не ја пуштаат повторно во сообраќај.
„Побарав да дојдат претставници на ‘Допелмаер‘ по што беше утврдено дека не бил направен сервис. Билe барани понуди од фирмата, но за џабе. Ниту еднаш не бил склучен договор за целосно сервисирање. Увидот покажа дека гумичките биле изедени и поради тоа доаѓало до триење на гондолите. Исто така не работеле и неколку сензори. Поради овие причини можело да се случи да се откачи гондола“, вели Ѓорѓиевски.
ЈСП „Скопје“ сега чекаат австриската фирма да им достави понуда колку ќе чини сервисирањето.
„Колку точно ќе трае сервисирање не можеме да кажаме , чекаме да ја добиеме понудата од ‘Допелмаер‘, но сигурно е дека летово нема да работи“, додава Ѓорѓиевски.
Минатата година четворица луѓе загинаа во неапол, откако се откачи кабина од жичница, а на Дурмитор во Црна Гора загина германски турист што испаднал од гондолата.
Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше изградена во време на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и беше пуштена во употреба на 3 јуни 2011. Жичницата ја градеше австриската фирма „Допелмаер“ и чинише 6,7 милиони евра. Има 28 кабини со носивост од 640 килограми и капацитет за осум лица, како и две ВИП кабини за по четири лица. Гондолите од надворешната страна се опремени со држачи за велосипеди.
Се очекуваат понудата, цената и временскиот рок од австриската фирма „Допелмаер“
Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и Градот ја очекуваат понудата за сервисирање и дефектот на жичницата на Водно, за која, по контролата од страна на компанијата изведувач, австриската фирма „Допелмаер“, било констатирано дека е во катастрофално лоша состојба.
– Засега не може да каже за колку време ќе се направат овие поправки на жичницата и кога повторно би била ставена таа во функција. Веднаш штом ќе бидат добиени понудата, цената и временскиот рок за колку би се сработило, јавноста ќе биде информирана – истакна скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека нема ништо повредно во Скопје и во Македонија од човечкиот живот, а состојбата во која се наоѓа жичницата во моментов, како што истакна, е резултат на неодговорното однесување на неговите претходници.
– Имавме контрола од страна на компанијата „Допелмаер“, која е и изведувач на жичницата. Првпат откако е поставена таа во Скопје, во подножјето на Водно, инспекцијата констатирала дека се наоѓа во катастрофално лоша состојба и дека има многу недостатоци што треба да бидат сервисирани во наредниот период – изјави Ѓорѓиевски.
Притоа, наведе дека во соработка со директорот на ЈСП, Саше Илиески, веќе побарале понуда за да видат колку ќе ги чини тоа сервисирање јавното претпријатие и Градот и сето она што би значело целосно отстранување на дефектите и враќање на жичницата во состојба во која, како што нагласи Ѓорѓиевски „јас ќе бидам, пред сè, сигурен дека секое дете, секој граѓанин на градот Скопје ќе биде сигурен кога ќе ја користи“.
Тој истакна дека не е потребно ново Кочани или каква било трагедија по која, како што рече, ќе треба да се освестуваме одново и да делуваме.
– Нам ни требаат акции веднаш и сега, во кои во преден план секогаш ќе бидат граѓаните – рече скопскиот градоначалник.
Жичницата, како што кажа тој, ќе биде затворена до оној момент додека не биде целосно во функција и не бидат отстранети дефектите за да може, како што нагласи, граѓаните безбедно да ја користат.
– Јас немам точна информација бидејќи имаме побарано и финансиска пресметка од компанијата „Допелмаер“, но ќе треба да ни достават и план за активностите. Веднаш штом ги добиеме понудата, цената и временскиот рок за колку би се сработило, веднаш ќе ја информираме јавноста – рече Ѓорѓиевски.
Во однос на жичницата до Детската клиника, Ѓорѓиевски кажа дека се во комуникација со Министерството за транспорт и со претседателот на Владата, дека има апсолутна поддршка од нив и верува дека ќе влезе во ребалансот на буџетот и втората фаза од изградбата на жичницата – делот од Козле до Средно Водно.
СЕРВИСИРАЊЕ НА ЖИЧНИЦАТА НА ВОДНО ЌЕ ЧИНИ 350.000 ЕВРА, ЌЕ ЗАВРШИ ВО СЕПТЕМВРИ
Со ребаланс на буџетот на Град Скопје обезбедени се 350.000 евра за сервисирање на жичницата на Водно. Жичницата два месеца не работи оти има ризик некоја од гондолите да падне бидејќи 15 години не била сервисирана.
Сервисирањето треба да почне летово, и како што велат од ЈСП „Скопје“, во септември жичницата повторно ќе биде ставена во функција.
„До крајот на неделава ќе биде објавен тендерот за избор на фирма за сервисирање по што летово ќе се почне со сервисирање и отстранување на сите недостатоци кои се јавиле низ годините. По направените проценки, со ребаланс на буџетот обезбедени се 350.000 евра. Да се вршело сервисирањето редовно ќе чинело многу помалку“, велат од ЈСП „Скопје“.
Бидејќи жичницата нема да работи цело лето, за туристите кои организирано сакаат да го посетат Водно односно да одат до Милениумскиот крст, Град Скопје издава специјални дозволи за организиран автобуски превоз.
Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше изградена во време на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски и беше пуштена во употреба на 3 јуни 2011. Жичницата ја градеше австриската фирма „Допелмаер“ и чинише 6,7 милиони евра. Има 28 кабини со носивост од 640 килограми и капацитет за осум лица, како и две ВИП кабини за по четири лица. Гондолите од надворешната страна се опремени со држачи за велосипеди.