Оваа нишка ќе ги опфаќа проектите поврзани со изведба на атмосферска и фекална канализација низ општините ширум државата.
ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ 4 МЕСЕЦИ ПОСТАВУВА АТМОСФЕРСКА КАНАЛИЗАЦИЈА ВО НАСЕЛБАТА ХРОМ, ЖИТЕЛИТЕ ОСТАВЕНИ БЕЗ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ

Жителите на скопската населба Хром четврти месец се без автобуски превоз. Автобусот со број 4 не доаѓа во Хром од 3 март, откако Општина Ѓорче Петров почна со градежни работи за поставување на атмосферска канализација и реконструкција на улицата Воин Драшкоци.
Улицата е долга 900 метри, а градежните работи за поставување на цевките сè уште траат. Допрва треба да се реновираат тротоарите, да се поставуваат рабници, нови шахти и целосно корнење и поставување нов асфалт.
„Со ова темпо уште 4 месеци ќе ја прават улицата. Цело лето ќе останаме без автобус, па по горештиниве ќе мораме да одиме пешки до Влае. Колите ги искршивме возејќи до дупкиве, се изнадишавме прашина. Како да живееме на градилиште, од сегде се градат згради, улицата раскопана и во прашина“, велат жителите на Хром.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски вели дека градежните работи се одвиваат со поспоро темпо бидејќи изведувачот наишол на подземни инсталации.
„Мора да се копа рачно за да не се погоди некоја цевка па да се направи поголем проблем. Тоа што нема податоци за инсталациите под земја ни претставува голем проблем. Според најавите на изведувачот, за еден месец улицата ќе биде готова. За проблемот со автобусот ќе разговарам со надлежните во ЈСП ‘Скопје‘ да се најде решение за јавен превоз за жителите“, вели Стојкоски.
ФЕКАЛНА КАНАЛИЗАЦИЈА ЌЕ ДОБИЈАТ НАСЕЛЕНИТЕ МЕСТА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ И ЧУКУР МААЛО Се гради мрежа долга 1.478 метри
Премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа и од градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска изврши увид во градежните активности од првата фаза од изградбата на фекална канализација во населеното место Идризово, Општина Гази Баба.
Со проектот е предвидена изградба на нова мрежа за фекална канализација во должина од 1.478 метри. Вредноста на договорот изнесува околу 50 милиони денари, а средствата се обезбедени од вториот јавен повик на Владата.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски истакна дека досега општината има изградено 36 километри нова мрежа на фекална канализација во населените места Смилковци, Црешево, Страчинци и неколку фази во Јурумлери и Гоце Делчев.
– Од првиот ден на мојот мандат работиме интензивно на решавање на децениските проблеми во повеќе населени места. Она што со радост сакам да го соопштам е дека преку Владата обезбедивме средства и за изградба на последната фаза од фекалната канализација во Јурумлери и за неколку недели од денес започнуваме со реализација на тој проект. Заедно во координација со Министерството за животна средина и просторно планирање, во постапка е избор на економски оператор којшто ќе ја реализира последната фаза од изградбата на фекална канализација за населените места Гоце Делчев и Чукур маало, Трубарево – рече градоначалникот на Гази Баба.
Потенцира дека како општина се претвориле во големо градилиште: се гради ново училиште, се прошируваат две нови основни училишта, се градат нови две детски градинки, се градат нови спортски сали, се асфалтираат улици, се градат фекални канализациони мрежи и најави дека така ќе продолжат и во наредниот период со цел да се обезбеди подобар животен стандард на сите наши сограѓани.
Министерот Хоџа нагласи дека овој проект е од исклучително значење за жителите на оваа населба, а исто така и за животната средина во околината.
– За реализација на овој проект, се обезбедени околу 50 милиони денари, средства кои се обезбедени од вториот повик на Владата на Република Северна Македонија преку Министерството за животна средина и просторно планирање. Министерството за животна средина и просторно планирање, Владата на Република Северна Македонија, вложува или инвестира во системски решенија кои трајно ќе ги решаваат проблемите на граѓаните – рече Хоџа.

