Во оваа нишка ќе се следат сите проекти поврзани со процесите на гасификација низ државата.
Наскоро тендер за изградба на гасоводот со Србија
Македонија ќе гради гасовод кон Србија во должина од 23 километри. Наскоро ќе АД „Номагас“ ќе отвори тендерска постапка за избор на проектант и изведувач. Од своја страна „Србијагас“ ќе треба да изгради 45 километри од границата со Македонија и се до точката на постојниот национален гасоводен систем на Србија. Интерконекторот ќе има капацитет од 1,5 милијарди кубни метри годишно, а на македонска страна е предвидена изградба на главна мерна станица.
Македонија интензивно го гради гасниот интерконектор со Грција и со неговото профункционирање кое се планира да се случи во 2027 година, се очекува да протечат првите количини на природен гас за потрошувачите во земјава, а кога ќе биде готов и гасоводот кон север, и за корисниците во Србија.
[ https://www.vecer.press/naskoro-tender-za-izgradba-na-gasovodot-so-srbija/ ]
Божиновска на терен: Стратешкиот проект што ќе ја промени енергетската слика – интерконекторот со Грција се гради со забрзано темпо, целта е завршување наредната година
Гасоводниот интерконектор кон Грција влегува во значително поинтензивна фаза на реализација. По интензивната координација меѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, НОМАГАС и грчкиот оператор ДЕСФА, динамиката на изградбата е засилена, а проектот веќе бележи видлив напредок на терен.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, заедно со претставници на Министерството, ДЕСФА и НОМАГАС изврши увид во градежните активности на трасата на гасоводниот интерконектор со Грција. при што беа информирани од изведувачот за текот на проектот, како и дека се создадени услови за значително забрзување на изградбата.
Во моментов се завршени 95 проценти од експропријацијата, расчистени се околу 85 проценти на трасата, а завршено е и производството на сите цевки предвидени за проектот. Досега се испорачани цевки во должина од 34 километри, од кои 21 километар се веќе распоредени долж трасата. Извршено е заварување на 13,7 километри цевковод, реализирани се повеќе од 800 успешни заварувања, а над 6300 метри цевка се веќе положени во земја. Паралелно, завршени се шест од седумте планирани премини под патишта, а обезбедени се и околу 65 проценти од придружната опрема и блок-станиците.
Изведувачот е дополнително технички доопремен со автоматски машини за заварување, што ќе овозможи значително забрзување на работите и исполнување на предвидената динамика.
Теренската посета следува по работните состаноци што Министерството ги одржа со извршниот директор на НОМАГАС, Недим Рама, и главната извршна директорка на ДЕСФА, Марија Сферуца и тимот на ДЕСФА, на кои беше потврдена заедничката определба за интензивна координација и реализација на проектот согласно утврдените рокови. Истовремено беше потврдена и заедничката оценка дека интерконекторот ќе биде завршен во текот на наредната година.
„Овој проект претставува инвестиција во енергетската безбедност, економската стабилност и идниот развој на државата. Наш приоритет е проектот да се реализира квалитетно, навремено и со максимална динамика. Процесот е забрзан и сите институции работат координирано за успешно завршување на оваа стратешка инвестиција“, истакна министерката Божиновска.
Гасоводниот интерконектор со Грција е еден од најзначајните енергетски инфраструктурни проекти. Со неговата изградба државата ќе обезбеди нов влез за природен гас, пристап до повеќе извори на снабдување, поголема диверзификација и повисоко ниво на енергетска сигурност, како и посилно поврзување со регионалната и европската енергетска инфраструктура.



„Рапид билд“ за 29,4 милиони евра ќе го гради гасоводот од Македонија до Србија
Договор за проектирање и изградба на интерконективниот гасовод Македонија - Србија потпишаа денеска Недим Рама, директор на АД „Номагас“, и директорот на „Рапид билд“, Тони Каранфиловски, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска. „Рапид Билд“ е истата градежна компанија која во моментов го гради гасоводот до границата со Грција.
- По спроведената постапка за доделување на договорот, за најповолна е избрана понудата на компанијата „Рапид билд“, во вредност од 29,4 милиони евра. Станува збор за договор по принципот клуч на рака, според моделот FIDIC, кој ги опфаќа урбанистичкото планирање, проектирањето, изградбата и обезбедувањето одобрение за употреба - информира Рама по потпишувањето на договорот.
Македонскиот дел од интерконекторот ќе биде долг 22,4 километри, со дијаметар од 500 милиметри. Почетната точка ќе биде кај блок-станицата „Клечовце“, а крајната точка ќе биде на границата со Србија, во близина на селото Сопот.
Во рамките на проектот ќе бидат изградени и пет придружни објекти: главна интерконекторна мерна станица, редукциска станица, блок-станица и две приемно-отпремни чистачки станици. Предвидениот технички капацитет на гасоводот изнесува до 160.000 кубни метри гас на час, со можност за двонасочни текови, а рокот за целосна реализација на проектот е четвртиот квартал од 2028 година.
„Првото е што по завршувањето на овој проект и комплетирањето на интерконекторот, односно цевководот што ќе не поврзе со нашиот јужен сосед, со Грција, очекувам дека би требало тој проект да се заврши некаде првата половина на следната година, иако втората половина, еве крајот на 2028-та се заврши овој интерконектор со нашиот северен сосед, ќе добиеме целосно вертикална поврзаност којашто е дел од коридорот 10 и геостратешката позиција на државата станува драматично позначајна откако овие проекти ќе бидат реализирани, споредно со тоа што беше во минатото. “рече Мицкоски на потпишувањето на договорот.