23/07/2021
Почна изградбата на брана на река Отиња, шест децинискиот сон на штипјани

Изградбата на брана на реката Отиња, шест дециниски сон на штипјани, денеска официјално започна во присуство на високи владини претставници. Градежните работи ќе се одвиваат во наредните две и пол години.
„За само две и пол години општината направи подвиг за реализација на проект заглавен во процедури децении наназад. Општината го подготви основниот проект со изработка, ревизија, студија за оценка на влијанието на животната средина, изработен и усвоен Детален урбанистички план, како и позитивно мислење од Институтот за земјотресно инжинерство и инжињерска сеизмологија. Потоа следеше и тендерската постапка од страна на Министерството. Инвестиционата вредност на градбата изнесува 306 милиони денари согласно склучените договори за изградба и надзор“, рече премиерот Зоран Заев.
На свеченоста покрај премиерот Заев, беа и вицепремиерот Љупчо Николoвски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов. Заев истакна дека оваа капитална инвестиција ја покрена поранешниот градоначалник, а сега министер за транспорт и врски, Бочварски.
Средствата се обезбедени во Буџетот на МТВ за период од 2021 до 2023 година, а рокот на изведба е планиран и изнесува не повеќе од 30 календарски месеци или две и пол години. Со проектот е предвидено да изведе камено земјена брана со централно глинено јадро со висина од 33 метри.
„Придобивките од оваа инвестиција се огромни, се бројни. Браната на река Отиња на Штип ќе му донесе промена на климата, заштита од градот, од поплави, но и место за рекреација. Ќе се намалат високите летни температури, но и ќе влијае и на зголемување на зимските температури. Дополнително се создава биолошки минимум во коритото на реката Отиња, а ќе се користи и за наводнување на зелените пворшини. Ова ќе биде место за рекреација на штипјани, но и на сите наши граѓани во државата. Ќе биде можност за еден развој на градот во наредните години и децении“, посочи Заев.
Вицепремиерот Николовски рече овој проект е важен не само за штипјани туку за целиот македонски Исток.
„Целата процедура за изградба на браната започна кога бев министер за земјоделство, а кога Благој Бочварски беше градоначалник на Штип и кога првин ги искористивме можностите на Програмата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за рурален развој да ги одглавиме сите овие постапки и процедури и да ја трасираме и браната и овој проект на правиот пат“, се пофали Николовски.
Забележа дека во овој регион се гради уште една брана во Кочанско, што како инфраструктурен проект чини над 30 милиони евра.
Министерот Бочварски истакна секоја претходна Влада и секоја претходна општинска администрација овој проект го имаше само како идеја или проект на хартија, но на крајот не исполнето предизборно ветување. Но, како што рече, за граѓаните на Штип денеска оваа брана е суштинска потреба.
„Изготвивме основен проект, се направија ревизија на проектот студија за животна средина, изработивме ДУП преку општината ги обезбедивме сите согласности од државните институции за на крај да добиеме и поддршка од Владата и да се обезбедат средства за изградба од државниот буџет преку Министерството за транспорт и врски и да добиеме одобрение за градење“, рече Бочварски.
Прашан дали е извршена експропријација на земјиштето, Бочварски одговори дека на делот каде што се гради браната е извршена, додека во делот каде по изградбата треба да се полни не е, но во наредните две и пол години министерството и општината ќе ај завршат и оваа постапка.
Градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов рече дека изградбата на браната ќе отвори и можности за поголем развој, но и инфраструктурно поврзување и на населбите Суитлак и Блок 2000.
[ https://nezavisen.mk/pochna-izgradbata-na-brana-na-reka-otinja-shest-deciniskiot-son-na-shtipjani/ ]
01.11.2022
(ВИДЕО) Како „река без река“ ќе наполни вештачко езеро во Штип?
[tube] https://www.youtube.com/watch?v=KI0lHZlk3NI [/tube]
Браната на реката Отиња кај Штип, најавувана и планирана со децении, конечно почна да се гради, но сега се поставува прашањето – дали ќе има доволно вода за да се наполни вештачкото езеро? Дилемата се чини логична кога во Штип, особено во топлите месеци, ќе ве дочека празно корито на Отиња. „360 степени“ трагаше по одговорите за целисходноста на проектот кој првпат се спомнува уште пред пет децении
Во долината во непосредна близина на Штип треба да се наполни новото вештачко езеро на сливот на реката Отиња. Со максимална длабочина од речиси 30 метри и три милиони кубни метри вода, ќе биде една од помалите акумулации во земјава.
Езерото е децениски сон на штипјани, вели новинарот Иван Бојаџиски.
[ https://360stepeni.mk/video-kako-reka-bez-reka-ke-napolni-veshtachko-ezero-vo-shtip/ ]
18/12/2023
Браната на реката Отиња кај Штип се гради без запирање


Прогресот во изградбата на браната на реката Отиња кај Штип е веќе 60 отсто, а работите одат со силна динамика.
Ова го изјави министерот за транспорт Благој Бочварски, кој денеска изврши увид во работите. Браната е инвестиција на Владата во износ од 300 милиони денари. Со проектот е предвидено да се изведе камено-земјена брана во висина од 33 метри. Таа пред сѐ ќе биде наменета за водоснабдување со технолошка вода за потребите во градот и интервентно дополнување на водоводниот систем со сурова вода.
Министерот Бочварски истакна дека во овој момент се работи на изградба на загатот и на бочниот преливник и дека очекува наскоро да започне изградбата и на телото на браната. „Разговаравме со претставници од изведувачот и надзорниот орган, кои ни ги претставија активностите кои се реализираат на терен при изградбата на овој огромен, капитален проект за Штип и штипјани, проект кој наназад се збори со генерации, но токму оваа Влада обезбеди средства и го гради“, рече Бочварски.
Тој нагласи дека темелниот испуст е веќе завршен, како и инекционата завеса. Вкупниот прогрес на изградба на браната изнесува околу 60 отсто.
[ https://nezavisen.mk/branata-na-rekata-otinja-kaj-shtip-se-gradi-bez-zapiranje/ ]
24 август 2025
МИНИРАН Е ЈУСМЕНОВ РИД КАЈ ШТИП ЗА ДА СЕ ВАДИ МАТЕРИЈАЛ ЗА НАСИПОТ НА БРАНАТА НА РЕКАТА ОТИЊА

Со 10 тони динамит е миниран Јусменов Рид кај Штип, од каде се очекува да се извадат над 15.000 метри кубни квалитетен гранит неопходен за насипот на браната на реката Отиња. Минирањето е извршено од стручни лица на специјализирана фирми, а во соголасност и во соработка со Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи и под надзор на Градежниот институт на Македонија.
Употребен е стопански експлозив амонекс 4, детонатори амфор и други материјали според пропишаните норми. Од сопствениците на најблиските објекти до Јусменов Рид било побарано заради безбедност да се евакуираат во текот на денот, а минирањето за околината било најавено со звучни сигнали.
Изведувачот на работите, фирмата „Стентон градба“ од Битола, не ја исклучува потребата за уште едно минирање до крајот на годината на истата локација, ако се укаже потреба за нови количества гранулат.
„Веднаш ќе се земат примероци за испитување на гранитот што ќе се вади, иако досега од овие локации околу браната веќе беше извршено испитување и утврдено е дека се работи за квалитетен зрнест материјал погоден за насипот на кој истовремено се става и слоеви на специјална глина“, вели градежната инженерка Ангела Шишкин.
Браната треба да биде со капацитет од 3 милиони кубни метри вода. Изградбата ќе чини вкупно 8 милиони евра.
Според преоктот, предвидено е да се изгради камено-земјена брана со централно глинено јадро со висина од околу 33 метри. Ќе има опфат од 120 хектари и ќе се полни од целото сливно подрачје на Отиња, а околу неа ќе има и пешачка патека. Височината на браната над теренот изнесува H-32,50 метри, а конструктивната височина или височината на браната над карпата е Hk-34,50 метри. Во моментов, сите придружни објекти се завршени, па останува изведбата на главниот насип на браната.
Шишкин очекува до крајот на оваа година браната да биде изградена со 70 проценти и, ако во наредните месеци временските услови дозволат изградбата да оди со планираното темпо, оваа акумулација ќе профункционира во текот на 2027.
22 март 2026
ВИДЕО I Браната во изградба на реката Отиња кај Штип во завршна фаза
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски денес ја посети на браната во изградба на реката Отиња кај Штип и констатираше дека влегува во завршна фаза, најваувајќи дека источниот дел на државата наскоро ќе добие прво рекреативно вештачко езеро.
По посетата Николоски објави видео од изградбата на браната.
Вусшност, станува збор за капитален проект кој, покрај туристичката функција, ќе има значајна улога и во наводнувањето и водоснабдувањето во регионот – истакна при денешниот увид во работите, Според вицепремиерот, овој проект има потенцијал да стане главна туристичка атракција во источниот регион.
-Ова ќе биде прво рекреативно вештачко езеро во источниот дел на државата, ова ќе биде езеро кое што треба да го развие туризмот во целиот овој регион, да претставува главна туристичка атракција во текот на летото за жителите од источниот дел на државата, но исто така во текот на годината да се користи за рекреација, тука да доаѓаат луѓе, и секако да се отвараат нови работни места, рече Николоски.
Покрај туристичката димензија, се разгледуваат и идеи за уредување на просторот околу езерото, со дополнителни содржини за посетителите.
[ https://netpress.com.mk/video-i-branata-vo-izgradba-na-rekata-otina-kaj-shtip-vo-zavrshna-faza/ ]


