16.10.2024
Реконструкцијата на Палата АСНОМ ќе продолжи со анекс на проектот

Ивица Томовски, директорото на владината Служба за општи и заеднички работи,објави дека во договорот за доградбата на Палата АСНОМ на кејот во центарот на Скопје ќе треба да биде вклучен анекс на проектот.
„Денеска извршив увид во владината Палата АСНОМ на Кејот на Вардар, некогашен објект на „Комерцијална банка“, кој во моментов е во фаза на реконструкција, откако пред четири години беше опожарен и стана нефункционален.
Поради недостатоци во проектот, склучен и наследен од претходната власт, неопходно е да направиме анекс на проектот за реконструкција, па од тие причини обновата на објектот ќе доцни.
И покрај околностите, правиме напори објектот да биде реконструиран во најкус можен рок како во него повторно би се сместиле Секретаријатот за европски прашања, Македонската информативна агенција и уште неколку државни институции со што ќе ги намалиле трошоците кои сега ги имаме за користење простории за посочените субјекти“, објави Томовски.
Во април 2023 за 5,7 милиони евра беше постигнат договор објектот кој е познат во јавноста како старата зграда на Комерцијална банка - Скопја, која сега не се гледа од кејот на Вардар во центарот на Скопје, затоа што е покриена од Археолошкиот музеј, да биде реконструирана од страна на градежната компанија Бауер БГ.
За оваа услуга на Бауер БГ, според тогашниот тоговор, треба да му бидат платени 405.684.000 денари со ДДВ. Според договорот, реконструкцијата треба да заврши за три години. Оваа зграда е во сопственост на Владата, а пред две и пол години таму изби пожар поради што Секретаријатот за европски прашања, Инспекторатот за животна средина и МИА требаше да се отселат во други простории.
[ https://faktor.mk/rekonstrukcijata-na-palata-asnom-kje-prodolzi-so-aneks-na-proektot ]
17.12.2025
„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега

По две и пол години изградба, со нови анекси во вредност од 700.000 евра поскапе реконструкцијата на Палата АСНОМ (поранешната зграда на Комерцијална банка која свевремено беше купена од Владата) зад Археолошки музеј. Ова потсетува на времето од пред десетина години кога „Бауер БГ“ добиваше огромни тендери со најповолна понуда, а потоа растеше цената на проектите со нови трошоци.
Со 19 нови анекси (засега) изменет е договорот од април 2023 поради „непредвидени работи“ и сега наместо 405.684.000, вкупно ќе чини 458.835.833 денари. Измените на договорот на оваа градежна компанија се направени со Службата за општи и заеднички работи на барање на проектантот. Анексите се нижат од 5 декември и излегуваа нови до вчера доцна попладне, што значи дека може да има уште нови договори во наредните денови и сумата да се зголемува се повеќе и повеќе.
Оваа зграда е во сопственост на Владата, а пред пет години таму изби пожар поради што Секретаријатот за европски прашања, Инспекторатот за животна средина и МИА требаше да се отселат во други простории. „Бауер БГ“ треба да заврши со реконструкцијата за три години. Од Владата тогаш рекоа дека не е одлучено кои институции во иднина ќе работат таму.
Иако овој договор на „Бауер БГ“ му беше доделен од претходната власт, делувањето на компанијата најмногу се поврзува со времето на владеење на поранешниот премиер Никола Груевски. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во февруари поднесе обвинение против поранешниот прв човек на Службата за општи и заеднички работи на владата, Васе Доневски, и за Благој Димитров управител на градежната фирма „Бауер БГ” за малверзации со проектот за фасадата и осветлувањето на зградата на Владата. Претходно, во април 2022 година на управителот на фирмата Димитров му беше изречена мерка притвор од 30 дена
Оваа градежна компанија стана позната за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот градоначалник Коце Трајановски, кога во 2015 година беше најголем добитник на тендери од Град Скопје. Притоа, карактеристично беше тоа што компанијата склучуваше многу вредни договори откако на тендерот испаѓаше најповолен понудувач со најниска цена, но често конечната цена на крајот растеше, како резултат на дополнителните анекс-договори. Како и да е, и по политичките промени компанијата продолжи да добива тендери и така е до ден денес.
За оваа компанија не е непознато градењето на јавни објекти со дополнителни анекс-договори. Изградбата на Кривичен суд, на пример, течеше со дополнително издвоени стотици илјади евра како непредвидени трошоци.
ПОТПИШАНИ СЕ 51 АНЕКС-ДОГОВОР И ПОТРОШЕНИ ПЛУС 2,1 МИЛИОН ЕВРА ЗА РЕНОВИРАЊЕ НА ИЗГОРЕНАТА ЗГРАДА НА ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЕКОЛОГИЈА

За реконструкцијата на објектот на Инспекторатот за животна средина во Скопје, поранешна Комерцијална банка, кој се запали во 2020, потпишани се 51 анекс-договор. Од првично предвидените 6,6 милиони евра со основниот договор, со новите анекси предвидени се уште 2,1 милион евра. Ова го покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во рамките на проектот „Јавен надзор над јавните набавки“.
За споредба, за изградбата на автопатот Кичево-Охрид, кој се гради 15 години, потпишани се 9 анекс-договори.
Реконструкцијата, првично планирана да трае 18 месеци и да чини 6,6 милиони евра, сè уште не е завршена по речиси три години од склучувањето на договорот.
„Во текот на реконструкцијата, Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) и градежната компанија склучиле вкупно 51 анекс на основниот договор, од кои 10 во еден ден. Вредноста на основниот договор со анексите е зголемена за 2,1 милион евра, односно за 32% во однос на првично договорената сума, што е спротивно на Законот за јавни набавки, кој овозможува зголемување од максимум 20%. Во склучените анекси се евидентирани непредвидените работи во текот на градбата и појавените вишоци. Вредноста на основниот договор не е намалувана за кусоците, кои биле евидентирани, но не и пребивани со вишоците“, стои во истражувањето.
Во меѓувреме, од СОЗР се бара да пронајде правна основа за пренамена на евидентираните кусоци од 1,1 милион евра и да ѝ се овозможи на градежната компанија „Бауер“ да ги користи за реализација на новопредвидените позиции од новите технички решенија и новиот проект за Противпожарна заштита во зградата. Законот за јавни набавки не овозможува пренамена на кусоците и нивно користење во новопредвидени позиции.
„Со спроведените непредвидени работи од околу 1,2 милиони евра, градежни вишоци од 978 илјади евра и градежни кусоци од 1,1 милион евра, произлегува дека проектот за реконструкција на стариот објект на Комерцијална банка е менуван дури 49% од иницијалната проектна спецификација. Ваквото постапување е проблематично ако се има предвид ставот на Судот на правдата на ЕУ дека договорите за јавни набавки можат да претрпат измени кои не се значајни. СОЗР двапати се согласила на продолжувањето на рокот за градба, првиот пат до декември 2025 и вториот пат до јуни 2026. Со оглед на тоа што рокот за изградба на овој државен објект од 18 месеци од „воведување во работа“ бил услов утврден во тендерската документација, неговото менување претставува повреда на начелото на еднаков третман на економските оператори“, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Во периодот јануари-јуни 2026, односно само за шест месеци, „Бауер БГ“ треба да изведе 37% од предвидената реконструкција. Претходно, во 26 месеци извел само 63%. Иако договорот предвидува договорни казни во случај на доцнење од страна на изведувачот, СОЗР досега не презела активности за нивна примена со цел заштита на јавните ресурси.
(ВИДЕО) Педесетина анекси и пробиени рокови – зошто СОЗР има разбирање за изведувачот на реконструкцијата на стара Комерцијална
[ https://www.youtube.com/watch?v=G8qSVaVHQ4w ]
Ќе постапиме согласно законските прописи и интересите на државата, велат од владината Служба за општи и заеднички работи на прашањето на „360 степени“ – што ако изведувачот уште еднаш ги пробие роковите за завршување на работите. Од СОЗР индиректно додаваат дека доцнењата се должат да проблеми со проектирањето
Време е и проектантите да сносат одговорност, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации – организација која при анализа на јавната забавка за реконструкција на „Комерцијална банка“ откри дека се потпишани дури 51 анекс на основниот договор и дека се направени измени од околу 49% споредено со предвиденото во основниот договор
Покрај кејот на Вардар во центарот на Скопје, меѓу малкуте објекти кои не добија барокна фасада, се наоѓа т.н. палата АСНОМ. Кај скопјани, попозната како старата зграда на Комерцијална банка.
Потребата за реконструкција на овој објект се појави во 2020 година, кога се запалија простории во кои беа сместени Државниот инпекторат за животна средина, тогашниот Секретаријат за европски прашања и државната информативна агенција МИА.

„Станува збор за стара комерцијална банка која што внатре е преградена со секакви ходници, гипс картони и стаклени врати. Внатре не работи ниту еден хидрант, ни една хидрантска мрежа, тоа ни претставуваше поголем проблем затоа што не можевме пожарот да го затвориме од внатрешна страна. Моравме преку прозори од оваа страна со кршење да влеземе“,
изјави тогашниот командант на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски.
Никој не одговараше за пожарот.
Требаше да поминат дури две години, за во октомври 2022 година Службата за општи и заеднички работи на Владата да објави јавен оглас за реконструкција на објектот. Од четирите пријавени фирми, во април 2023 година СОЗР склучи договор со фирмата „Бауер БГ“.
Вредноста на потпишаниот договор беше 6,6 милиони евра со ДДВ. Во членот 4 двете страни се договориле дека:
„Цените во текот на цело времетраење на овој договор ќе бидат фиксни и нема да подлежат на корекција по било која основа“во договорот.

(ВИДЕО) Обнова на „стара Комерцијална“: Изведувачот тврди проектот се правел на слепо, а проектантот дека не е крив за доцнењето
[tube] https://www.youtube.com/watch?v=xnXBozvoHyE [/tube]
Од „Бауер БГ“ тврдат дека „ИНТ Глобал инженеринг“ направиле проект без да извршат увид во дел од објектот кој требало да се реконструира и дека токму поради тоа се пробиени роковите за изградба, има големи вишоци и кусоци, а сето тоа создава и големи логистички потешкотии на терен
Проекантот, пак, тврди дека работел по сите стандарди и дека на сите барања за измени во проектот реагирале благовремено. На изведувачот е, велат, да ја диктира динимиката на работа на терен
Неколку дена по објавувањето на сторијата за проблемите со реконструкцијата на стара Комерцијална, до редакцијата на „360 степени“ стигна допис насловен како Известување. Испраќач, според добиената е-пошта, е фирмата „Бауер БГ“.
Во документот, од компанијата не забележуваат на фактите во врска со реализацијата на јавната набавка за реконструкцијата на државниот објект. Но, на мошне јасен начин посочуваат – зошто сметаат дека доцнењето не е по нивна вина.
„Како најзначајна причина за пролонгираниот рок е доцнењето со изработка на новите ревидирани технички решенија, за што постои обемна документација, а истите беа изработувани поради потполна неможност за изведба на голем број позиции согласно Основниот ревидиран проект“,велат од „Бауер БГ“.
За да нема сомнежи дека изведувачот на проектот го вперува прстот кон проектантот, понатаму во дописот од „Бауер БГ“ изнесуваат, во најмала рака, вчудовидувачко тврдење – дека проектот е направен, а потоа и одобрен без целосно да се посети објектот што треба да се реновира.
„Причината за ваквата состојба е заснована на тоа дека во фазата на проектирање и ревидирање, од страна на Проектантите не е извршен увид во целиот објект, а грешките во истиот не се коригирани ниту од страна на Ревидентот, што доведува до големи застои во изведбата, неможност за континуиран процес во изведбата, финансиски импликации, односно појава на вишоци и кусоци, како и непредвидени работи. Од страна на Инвеститорот-СОЗР, Надзорот, како и од страна на нас како Изведувач, од самиот почеток со изведбата преземени се сите неопходни мерки за изработка и доставување на ревидирани технички решенија“,додаваат од „Бауер БГ“.
Поради проблемите произлезени од проектот, заклучуваат од „Бауер БГ“, се пробивале рокови, се зголемиле трошоците, а се појавиле и проблеми со кадар, навремена набавка на материјали, механизацијa и исполнување на договорните обврски со добавувачите за сите фази од изведбата.
Експлицитноста на ставот на „Бауер БГ“, дека проектот е направен без да се види цел објект, беше причина да побараме став на повеќе адреси.
На прашањето за директното обвинување, од проектантот „ИНТ Глобал Инженеринг“ одговорија:
„Проектната документација за реконструкција на објектот “Стара Комерцијална банка” е изработена во согласност со проектната задача, потребите, насоките и барањата на инвеститорот. Истата е ревидирана од независна ревидентска компанија и како таква е прифатена од инвеститорот за натамошна реализација“,велат од „ИНТ Глобал Инженеринг“.
Во однос на динамиката на работите на терен, проектантот тврди дека тоа го диктира изведувачот. За кусоците и вишоците – дека се евидентираат во градежна книга која ја потврдува надзорот.
За обвинувањето дека тие проблеми и пробивањето рокови се должат на времето потребно за изработка на нови технички решенија, проектантот тврди:
„Ние како проектанти благовремено одговоривме на сите барања за измени кои се доставени до нас од страна на инвеститорот“,додаваат од „ИНТ Глобал Инженеринг“.