23 февруари 2018
БАРОКНИОТ АРХИТЕКТ ЧАУШЕВСКИ ГРАТИС НАЦРТА МОДЕРНА ФАСАДА ЗА ОПШТИНСКАТА ЗГРАДА НА ГАЗИ БАБА

Новата зграда на скопската општина Гази Баба нема да биде барокна туку со модерна енергетско ефикасна фасада. Авторот на проектот за барок изглед на фасадата на општинската зграда Жарко Чаушевски, по налог на градоначалникот Борис Георгиевски направил нов проект без притоа да добие дополнителни пари.
Првичното решение на Чаушевски како што се бараше во огласот распишан од ексградоначалникот Тони Трајковски предвидуваше зградата да биде во барок стил, со куполи и статуи, налик на објектите во центарот на градот од проектот „Скопје 2014“. Чаушевски е автор на идејните решенија на барокните фасади на дел од објектите од проектот „Скопје 2014“. Тој го направи идејното решение за зградата на Владата, ЈП „Водовод и канализација“ како и дел од фасадите на зградите во центарот на градот.
„Општинската зграда нема да има барокна фасада туку модерен изглед. Веднаш штом стапив на функцијата побарав од авторот Жарко Чаушевски да направи ново решение. Без проблем прифати а притоа не му беа исплатени дополнителни средства“, вели градоначалникот Георгиевски.
Општинската зграда ќе се наоѓа на местото на ресторанот „Галеб“. Ќе биде на шеста ката со две нивоа подземен паркинг. Ќе се гради со јавно-приватно партнерство, односно фирмата која ќе биде избрана на јавен повик без надоместок ќе ја гради зградата а притоа ќе го добие земјиштето каде сега се наоѓаат општинските бараки и каде според Деталниот урбанистички план има маркичка за деловен објект на 15 ката.
„До крајот на мојот мандат очекувам да имаме нова општинска зграда. Има голем број заинтересирани инвеститори. Овој дел станува атрактивен особено по најавите за изградба на трговски центар на местото на саемот“, додава Георгиевски.
Општина Гази Баба во декември 2016 година склучи договорот со фирмата на Чаушевски „Архитектоника“ за изработка на основен проект за општинската зграда. Чаушевски за изработка на проектот доби од општината 2.193.915 денари.
24.02.2018
Наместо „барокна“, Гази Баба ќе добие модерна општинска зграда

Наместо да се гради во „барок“, идната општинска зграда во Гази Баба ќе има модерен лик и енергетско ефикасна фасада. Како што пишува порталот СДК.МК, новиот градоначалник Борис Георгиевски побарал од архитектот Жарко Чаушевски да изработи нов проект, а авторот се согласил на ова задолжение без да му се исплатат дополнителни финансиски средства. Проектната документација ќе послужи за претстојниот јавен повик за пронаоѓање на приватен партнер, кој би ја градел идната општинска зграда. Објектот со шест ката би се градел заедно со втор објект за комерцијални и деловни намени, којшто би бил висок 15 ката. Целата парцела за двата идни објекта се простира на местото на постојните бараки на општина Гази Баба и е со површина од 6.780 метри квадратни.
Фирмата „Архитектоника“ на архитектот Жарко Чаушевски во јануари 2015 година победи на Конкурсот за избор на идејно решение за новата општинска зграда на Гази Баба. За подготовката на „барокниот“ архитектонски труд од проектот „Скопје 2014“, тој ја доби првата награда во вредност од 60.000 денари. Претходното општинско раководство во декември 2016 година склучило и договор за изработка на основен проект, којшто од „Архитектоника“ бил изготвен за сума од 2.193.915 денари.
[ https://build.com.mk/namesto-barokna-gazi-baba-ke-dobie-moderna-opshtinska-zgrada/ ]
09.2021
И градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски неодамна на фејсбук се пофали дека после повеќе од 40 години, локалната власт ќе добие нов модерен административен објект на местото на старите бараки.
Новиот проект предвидува модерен, енергетски ефикасен и еко објект, наместо барокното решение што претходното беше одбрано. Она што е најважно, е што, Општина Гази Баба нема никакви финансиски трошоци при изградбата на новиот административен објект, а проектот целосно треба да биде завршен за две години – информира Георгиевски.
Според неговата објава, во рамки на новиот административен објект предвидени се простории за постојните подрачни единици на министерствата, па граѓаните ќе можат на едно место да ги завршат сите потребни услуги од општината и подрачните одделенија.
Сепак и покрај нашите обиди од Општина Гази Баба не одговорија ништо попрецизно, ниту дали веќе е изготвен основниот проект, ниту кога ќе започне изградбата, кој е изведувач и дали целиот објект ќе биде наменет за потребите на општинската администрација и на подрачните одделенија или ќе има и деловен дел.

[ https://www.slobodenpecat.mk/povtorno-najavi-za-izvedba-na-administrativni-objekti-na-opshtinite/ ]