September 7, 2015
Се сечат дрвја кај МОБ, нов „барокен“ објект на повидок

Без никаква најава, викендов започнаa подготовки за изградба на нова „барокна“ зграда во паркот кај Македонската опера и балет. На терен се сечат дрвјата на една од малкуте преостанати зелени површини во Мал Ринг, додека градежните машини ги вршат подготвителните работи за претстојниот ископ, oбјави порталот build.mk
Новото административно здание ќе обезбеди канцелариски простор од 10.179 метри квадратни за вработените во државните институции, а како инвеститор се јавува Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП). Објектот ќе има приземје, седум ката и поткровје.
Како што пишува порталот, почетокот на изградбата на овој „барокен“ објект од проектот „Скопје 2014“ го следи целосен молк од инвеститорот. На веб-страницата на Бирото за јавни набавки не е објавен договорот со изведувачот на градежните активности, иако на градилиштето веќе се работи. До денешен ден пред македонската јавност не е претставено победничкото идејно решение на авторот Жарко Чаушевски, ниту пак основниот проект изработен од студиото „Архитектоника“ од Скопје. Без никакви информации е оставена македонската јавност и во однос на прашањето зошто мора целосно да се огради еден од последните симболи на пост-земјотресно Скопје, објектот на Македонската опера и балет.
[ https://novatv.mk/se-sechat-drvja-kaj-mob-nov-baroken-objekt-na-povidok/ ]
Се чисти територија, се спрема нов барокен објект кај МОБ

Нов барокен објект ќе си најде место во паркот кај Македонската опера и балет.
Како што пишува билд.мк викендов се почнати подготовки, се сечеле дрвја а машините спремале територија за претстојниот ископ.
Новото административно здание ќе обезбеди канцелариски простор од 10.179 метри квадратни за вработените во државните институции, а како инвеститор се јавува Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП). Објектот ќе има приземје, седум ката и поткровје пишува уште горе спомнатиот медиум.
Инвеститорот во тендерската постапка проценуваше дека објектот ќе чини 7 милиони евра, но нема никакви информации колкава е финалната сума за овој проект.
Без никакви информации е оставена македонската јавност и во однос на прашањето зошто мора целосно да се огради еден од последните симболи на пост-земјотресно Скопје, објектот на Македонската опера и балет.

//////////////////////////////////////
Камен темелникот на новата административна зграда, чиј инвеститор е Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката беше поставен во септември 2015 година од страна на премиерот Никола Груевски.
Во новата зграда, чија изградба треба да заврши кон крајот на 2017 година ќе биде сместено АД за стопанисување со станбен и деловен простор. Објектот ќе биде на 6 ката со 6.400 квадратни метри административен простор и 9 деловни простории од 408 квадратни метри.
Стартот на градежните работи започна на 8 септември – денот на независноста на Македонија.
„Проектите како овој се одличен чекор напред кон модернизација на државниот апарат. Во таа насока од година во година го намалуваме бројот на институции за кои се плаќа кирија, сместени во дотраени објекти од времен карактер и во кои е тешко да се обезбедат добри услови за работа. Тоа значи и постепена промена на сликата на државната администрација“, рече Груевски на денот на поставувањето на камен темелникот.
Новиот објект, според првичните најави, требаше да чини 8,4 милиони евра.
Проектната документација ја работела фирмата „Архитектоника“ на која ѝ се исплатени над 141 илјади евра. Идејното решение е на Жарко Чаушевски, директор на „Архитектоника“, кој ја добил втората награда на конкурсот за идејно решение во вредност од 200.000 денари или 3,2 илјади евра.
На електронската аукција за изградба на објектот најниска цена од околу 520 милиони денари поднело Друштвото за производство, трговија градежништво и услуги ДЕКОН-КОМ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, кое било избрано за најповолен понудувач.
[ https://skopje2014.prizma.mk/mk/administrativna-zgrada-kaj-mob ]
- август 2016
ФОТО ВЕСТ: Забрзано се гради новата зграда на АДСДП кај МОБ



На просторот на некогашниот парк кај Македонската опера и балет, АДСДП веќе една година забрзано работи на издигнување на нов барокен објект. Зданието со шест ката и површина од 6.400 метри квадратни треба да обезбеди канцелариски простории за 180 вработени од ова претпријатие. Екипите на градежната фирма „Декон-Ком“ успеаја да издигнат пет ката од бетонската конструкција на објектот.
Активностите за изградба на административното седиште на АДСДП се очекува да завршат во наредните 12 месеци. Дел од објектот е наменет и за деловни простории, кои е предвидено да зафатат 408 метри квадратни. Новата зграда се извишува според победничкото идејно решение на Жарко Чаушевски и основниот проект изработен од „Архитектоника“ од Скопје.
[ https://skopjeinfo.mk/foto-vest-zabrzano-se-gradi-novata-zgrada-na-adsdp-kaj-mob ]
3 ноември 2017
ИСУС И АПОСТОЛИTE СТОЈАТ НА ДРЖАВНАТА ЗГРАДА ЗА СТАНБЕН И ДЕЛОВЕН ПРОСТОР


Скулптури на Исус Христос и неговите 12 апостоли стојат на куполата на новата барокна зграда на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за републиката.
Скулптурите излеани во бронза веќе се поставени на зградата, која се наоѓа до новиот објект на Министерството за надворешни работи. Покрај Исус Христос и апостолите, на зградата стојат и Пресвета Богородица, Свети Јован Крстител и Свети Климент Охридски.
„На куполата на објектот поставени се бронзени скулптури во исправена положба од кои 4 претставуваат скулптурални композиции на Господ Исус Христос, Пресвета Богородица, Свети Јован Крстител и Свети Климент Охридски, како и 12 други скулпптури кои ги претставуваат апостолите на Господ Исус Христос. Скулптурите се изработени според обележјата на христијанската култура, односно опфатени се мотиви од фрескописите на црквите и манастирите во Македонија“, велат од АД за стопанисување со станбен и деловен простор.
Од кабинетот на новиот директор Кристијан Трајковски велат дека нема да прават измени во проектот односно дека објектот досега комплетно се изведува согласно основниот проект.
Идејното решение за барокниот изглед на зградата е на архитектот Жарко Чаушевски, кој во рамките на проектот „Скопје 2014“ ги направи и идејните решенија за зградата на ЈП„Водовод и канализација“, фасадата на Владата, на Градскиот трговски центар како и дел од фасадите во центарот на градот.
Изградбата на зградата на АД за стопанисување со станбен и деловен простор почна во септември 2015 година и е предвидено да чини околу 8,5 милиони евра. Објектот е на 6 ката, со 6.400 квадратени метри административен простор и 408 квадратни метри деловни простории.
На поставување на камен темелникот пред две години на кој присуствуваше тогашниот премиер Никола Груевски, директорот Цветко Грозданов најави дека зградата ќе биде готова до крајот на 2017 година. Грозданов тогаш рече дека сега вработените работат во супстандардни услови во дотраени бараки изградени пред земјотресот и со изградба на новиот објект ќе се намалеле нерационалните трошења за вода, струја и греење.
Од АД за стопанисување со станбен и деловен простор не прецизираат кога зградата ќе биде готова.
/////////////////////////////////
23 септември 2020
АД ЗА СТАНБЕН И ДЕЛОВЕН ПРОСТОР ЈА ПРОДАВА БАРОКНАТА ЗГРАДА ОД 8,5 МИЛИОНИ ЕВРА, ВРАБОТЕНИТЕ ЌЕ ОСТАНАТ ВО БАРАКИТЕ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ
Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор (АДСДП) поранешно ПУИГ нема да се сели во барокната зграда од 8,5 милиони евра кај Министерството за надворешни работи. Раководството на претпријатието одлучило дека е поисплатливо зградата да се продаде, а вработените ќе продолжат да работат во бараките на улицата Орце Николов изградени по скопскиот земјотрес.
„Заради поголема економска исплатливост, Одборот на директори на АДСДП на состанок одржан на 19 март 2019 донесе одлука со која административниот деловен простор се пренаменува во комерцијален деловен простор наменет за продажба и издавање под закуп. Поради изборниот период и коронакризата просторот сè уште не е продаден“, велат од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор.
Од АДСДП велат дека за дел од деловниот простор во зградата интерес пројавиле Финансиската полиција, Антикорупциска комисија и Службен весник. Доколку овие продажби не се реализираат, ќе следи комерцијална продажба на зградата.
„Деловниот простор во приземниот дел останува во наша сопственост и тој ќе се издава. Огласот за издавање на деловен простор под закуп во предметниот објект беше објавен на 2 септември. Постапката за електронско јавно наддавање е во тек. Закупците ќе бидат познати по нејзиното завршување“, велат од АДСДП.
Дали вработените ќе останат во старите бараки од акционерското друштво велат дека во моментов се разгледуваат неколку опции за селење, но најсоодветното решение ќе зависи од низа фактори, меѓу кои економските ќе бидат основни.
Барокната зграда во центарот на Скопје почна да се гради во септември 2015 година.
Моментално во зградата се сместени Инспекторат за употреба на јазиците и Министерство за дигитална трансформација
