Оваа нишка е наменета за сите вести поврзани со тековната состојба на возниот парк со кој располагаат нашите здравствени установи,најавите и тендерите за набавка на нови возила и други поврзани теми.
(ВИДЕО) Тендерот за амбулантни возила на раскрсница – ќе се сменат ли условите за поголема конкуренција
[ https://www.youtube.com/watch?v=3TGfRbnDplc ]
Министерството за здравство објави оглас за набавка на сто амбулантни возила вреден 7,5 милиони евра. Во огласот не е предвидена електронска аукција. Техничката спецификација за мотори до 2 000 сантиметри кубни предизвика реакции од дел од увозниците на возила, дека ќе ја ограничи конкуренцијата
Министерот Азир Алиу уверува дека условите се плод на анализи за домаќинско трошење, но остава простор за измени доколку барањата на економските оператори се легитимни. Крајниот рок за појаснувања и корекции на тендерската документација е 18 мај
Министерството за здравство го објави долгонајавуваниот оглас за јавна набавка на сто амбулантни возила. Договорот е проценет на околу 7,5 милиони евра. Рокот за доставување понуди е до 26 мај. Но, од Министерството за здравство одлучија да не вклучат електронска аукција, а има и услови кои извесно ќе ја намалат конкуренцијата.
Моторот треба да биде дизел, со зафатнина од максимум 2 000 кубни сантиметри. Дел од увозниците велат дека нивните возила што можат да бидат амбулантни имаат мотори што се со поголема зафатнина. Бараат измени на техничката спецификација.
„Се надеваме дека договорниот орган ќе ги прифати предложените барања, со што ќе овозможи учество на повеќе економски оператори и притоа ќе обезбеди пазарна конкуренција, согласно начелата од Законот за јавни набавки“,
велат од „Еуроимпекс“.
Дали Министерството за здравство ќе ги земе предвид забелешките со кои ем ќе се купат нови амбулантни возила, ем тоа ќе го чини државниот буџет поевтино.
Спецификација, аукција, препораки, мислења…
Министерот за здравство Азир Алиу заедно со премиерот Христијан Мицкоски и други функционери ги посетија реновираните операциони сали во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Тоа беше можност да го прашаме министерот Алиу за детали во врска со тендерот за набавка на 100 амбулантни возила по нашата неодамнешна сторија – дека некои услови од тендерот ја ограничуваат конкуренцијата.
Министерот уверува дека за секоја постапка за јавна набавка има работна група што го анализира пазарот, а стручна комисија потоа креира техничка спецификација.
Алиу: „Една од анализите е колку троши, колку е сервисот на одредена кола. Така што, за овие перформанси мора ние да бидеме домаќински настроени и кон јавните пари и мора така да размислуваме. Како што размислуваме за сопствените средства и менаџирање на тоа што го купуваме, мора истото да го имаме и за јавните повици.“
360°: Ако добро ве разбирам, оставате простор дека е можно да се измени техничката спецификација?
Алиу: „Сè што има логика, сè што е за подобрување на техничката спецификација, би било ненормално да не се прифати.“
Сè уште има време до понеделник, додава Алиу, да се поднесат барања за појаснувања и измени.
„Потоа ќе седнеме заедно со стручната комисија и ќе видиме кои се прашањата. Дали се легитимни, дали може да се подобри. Едно сакам да ве убедам дека сите процедури, не само оваа, инсистирам и ќе бидат јавно транспарентни како што беа досега. Бидејќи, на крајот на денот, сакаме да имаме инфраструктура што ќе биде компатибилна со потребите на здравствените институции“,повика Министерот.
Уште еден елемент во тендерот што би можел битно да влијае на крајната цена по возило е одлуката во постапката да нема електронска аукција. Тоа значи дека евентуалните фирми кои ќе ги исполнат условите, нема потоа да се натпреваруваат со намалување на цената. Со електронска аукција, лани, Министерството за внатрешни работи (МВР) ја спушти цената при набавката на 120 возила за полицијата за околу половина милион евра.
Па, го прашавме министерот, зошто не се следат ваквите практики.
„Не знам. Ќе треба да ги прашате стручните, компетентни луѓе што работеа и на техничката и на можностите како да стигнеме до тие сто возила“,рече Алиу.
Ги прашавме службите во Министерството за здравство, зошто не е предвидена електронска аукција. Оттаму ни одговорија дека согласно член 59 од Законот за јавните набавки, можат но и не мораат да спроведат електронска аукција.
„Дополнително, Министерството за здравство, постапува по препораките и укажувањата на Бирото за јавни набавки од 24.1.2023 година. Според направените анализи и согледувања во делот на употребата на електронските аукции, Бирото за јавни набавки има увидено одредени слабости кои го доведуваат во прашање постигнувањето на најдобра вредност за јавните средства во постапките за јавни набавки. Имено, во практика, во случаите кога понудувачите немаат можност да ја корегираат цената по јавното отворање, прават детални и пореални пресметки на цената што ја нудат во својата понуда. Врз основа на наведеното, Бирото за јавни набавки укажа и препорача на договорните органи да го ограничат користењето на е-аукција, без оглед на критериумот кој ќе се користи за избор на најповолна понуда“,велат од Министерство за здравство.
Па, се обративме и до Бирото за јавни набавки. На прашањето за одлуката на Здравство да не употребува електронска аукција, потврдија дека има препораки тие да се ограничат.
„Во насока на намалување на употребата на е-аукцијата е и еден од реформските чекори во рамки на Реформската агенда на Северна Македонија 2024-2027 година, поточно чекорот ‘Употребата на аукциите за набавки во фискалната 2025 година да се намали на максимум 40% од набавките’, со рок на реализација до декември 2025 година. Ова дополнително потврдува дека намалувањето на употребата на е-аукцијата е правилен пристап во унапредувањето на системот на јавни набавки, со цел искористување на можностите што ги нуди законската рамка за обезбедување на најдобра вредност за парите и поттикнување на пазарна конкурентност и правичност“, велат од Биро за јавни набавки.
До Бирото за јавни набавки упативме и други прашања, имајќи го предвид и неодамнешното искуство на земјава со набавки на амбулантни возила. На тендерот на ЕУ од 2023 година кога се пријавиле седум фирми, за мотор се барало зафатнина од 2 100 до 3 500 сантиметри кубни. Меѓу другото, затоа и побаравме став од Бирото за јавни набавки, дали условот за мотор со зафатнина до 2 000 см3 ја ограничува конкуренцијата.
„Техничките спецификации мора да им обезбедат на сите економски оператори еднаков пристап до постапката за јавна набавка и не смеат неоправдано да ја попречуваат пазарната конкуренција во јавните набавки. По правило, техничката спецификација ја подготвуваат лица од кај договорниот орган кои имаат експертски знаења од предметот на набавка. Бирото нема вработено машински инженери кои поседуваат експертски знаења за моторни возила (амбулантни возила со дополнителна опрема), за да може да одговори дали наведениот услов е во спротивност на член 82 став (6) од законот. Ако заинтересираните фирми сметаат дека некој услов ја ограничува конкуренцијата, од Бирото за јавни набавки им препорачуваат да ја искористат можноста за барање, појаснување и измена. Министерството е должно да одговори“,додаваат од Бирото.
А, како ќе постапи Министерството за здравство во однос на забелешките за условот за зафатнината, ќе се знае набрзо. Сите забелешки, прашања и официјални барања за измени мора да се поднесат најдоцна до 18 мај. Министерството потоа има два дена, до 20 мај, да им одговори. По овој датум, условите стануваат конечни.
промоцијата на проектот за набавка на 100 нови амбулантни возила, што претставува значаен чекор кон модернизација и зајакнување на македонскиот здравствен систем. Новите возила, опремени со современа медицинска опрема, ќе овозможат побрза и поефикасна интервенција, подобри услови за работа на медицинските тимови и поголема сигурност за граѓаните.
https://www.facebook.com/VladaMK
ЗДРАВСТВОТО ДОБИ 100 НОВИ АМБУЛАНТНИ ВОЗИЛА, КЛЕКОВСКИ ВЕЛИ НАЈМНОГУ ФАЛАТ ВОЗАЧИ
Сто нови амбулантни возила ќе бидат распределелени низ здравствените установи во земјава, кажа денеска министерот за здравство Сашо Клековски на промоцијата на новите возила. Тие се опремени со ЕКГ, респираторна поддршка и со дефибрилатори, имаат комфор зона и регулација на вентилација и на климатизација.
Во моментов во земјава има 140 активни возила, 60 од новите возила ќе бидат наменети за зголемување на капацитетот на Итната медицинска помош, а другите ќе бидат наменети за замена на дотраените возила.
Клековски рече дека дистрибуцијата на овие возила ќе се одвива според утврдени критериуми, а тоа се демографија, територија која се покрива, бројот на интервенции годишно, бројот на транспорт и дотраееност на возилата.
На новинарско прашање за недостигот на кадар во Брзата помош, министерот одговори дека целосната анализа на кадрите на национално ниво по категориите возачи, лекари и медицински сестри со прогноза за пензионирање до 2030 покажува каде се најтесните грла во моментов.
„Најтесното грло се возачите, а врз основа на тие анализи кои се подготвени во Министерството за здравство ќе комуницираме со соодветните здравствени институции и со Министерството за финансии“, додаде тој.
„Меѓутоа, не се возилата единственото нешто што е неопходно да го промениме во итната медицинска помош. Во основа, овојпат сакаме да направиме повеќе промени и реформи во итната медицинска помош. Прв чекор е веќе започнат, тоа е одвојувањето на Итната медицинска помош во посебна служба од Здравствениот дом Скопје, со намера тоа да оди понатаму на национално ниво. Подготвуваме носење на национални стандарди за тријажа, што треба да доведе до унифицирано постапување на сите служби за итна медицинска помош и во некој одреден период да воведеме и национален диспечерски центар за координација на различните тимови. Граѓаните не ги знаат општинските граници на здравствените домови и соодветно на тоа, ние мораме да реагираме без разлика кој од каде е, најблиска што може да пристигне на време. Една од планираните реформи е постепено воведување на парамедици во тимовите на итната медицинска помош, со што би се ослободиле лекарите за итните центри, бидејќи итната медицинска помош треба да ги транспортира пациентите до одреден ургентен центар“, рече министерот за здравство.



