Скопска Чаршија



Старата Скопска Чаршија е трговски и културно-историски дел во Скопје и една од најголемите знаменитости на градот. Се наоѓа на просторот од Камениот мост до Бит-пазар и од Калето до реката Серава. Според административната поделба на градот, просторот на чаршијата се наоѓа на подрачјето на општините Чаир и Центар. Првите документирани податоци за постоење на трговски центар на местото на денешната чаршија датираат од XII век.
Отомански белег на Скопска чаршија
Во време на отоманското владеење со Скопје, местото забрзано прераснало во најголем трговски дел од градот. Во неа се наоѓале околу 30 џамии, бројни сараи и анови, како и други турски споменици. Скопска Чаршија претрпела големи штети со земјотресите од 1555 и 1963 година, пожарот во 1689 година, како и двете светски војни, по што неколку пати била обновувана. Но и покрај претрпените штети, чаршијата претставува единствен споменик на културата во Македонија. Во неа се препознава наследството од повеќе култури и цивилизации, кои учествувале во нејзиното создавање.
Во Скопска Чаршија преовладува отоманската архитектура, иако се забележителни и остатоци од византиската, а во последно време се забележува и примената на модернистичката архитектура. Голем број од градбите кои некогаш служеле како преноќевалишта за трговските патници или како амами за намесниците и управителите во градот се пренаменети и служат како простор за одржување на културно-уметнички настани.
На просторот на Скопска Чаршија и во нејзината околина се останати и неколку џамии, турбиња, две цркви и саат-кула. Во втората половина на XX век биле изградени и зградите кои го сочинуваат Музејот на Македонија и зградата на Музејот на современата уметност. За развитокот на Скопска Чаршија низ историјата, нејзината културна вредност и занаетите кои биле застапени на просторот сведочат предметите изложени во Музејот на Старата Скопска Чаршија, сместен во рамките на Сули ан.
Археолошки откритија во близина на Старата Скопска чаршија
Со Законот за Старата Скопска Чаршија донесен од страна на Собранието на Република Македонија на 13 октомври 2008, чаршијата била прогласена за културно наследство од особено значење и оттогаш е под трајна заштита на државата. На почетокот од 2010 година, започна да се спроведува петгодишна програма за ревитализација на чаршијата, која има за цел обновување на објектите, поддршка на занаетите, како и постигнување економски и културен развој на просторот на Скопска Чаршија.
Историски развој на старата Скопска чаршија
Појавата на Големата криза во светот во раните 1930-ти години имала голем одраз и врз трговијата во чаршијата. Дошло до раслојување и осиромашување на занаетчиството, зголемување и на невработеноста и на задолженоста. За текот на овие години во Скопска Чаршија сведочи и репортажата на Љубо Стојовиќ во весникот „Вардар“ од 1934 година. Во неа тој ја истакнува монотоноста и здодевноста во чаршијата и како трговците ги молат купувачите да купат. Тој исто така, ја споменува и запуштеноста на безистенот и тоа дека е затворен како тврдина и издаван под кирија. За време на Втората светска војна Скопска Чаршија била целосно економски умртвена и била користена за потребите на НОБ во Вардарска Македонија.
Така во неа биле подготвувани илегални акции, а служела и како засолниште за припадниците на НОБ. Во близина на Исхак-беговата (Шарена) џамија се наоѓа куќа во која од 1942 до 1944 година, престојувале и се состанувале членови на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија и на Оперативниот штаб. Во непосредна близина пак на Камениот мост, на местото на денешната зграда на Комерцијалната банка, имало куќа во која била сместена првата илегална работилница за оружје, муниција и диверзантски материјал.
Влијанието на војната врз старата Скопска Чаршија
Периодот на војната е време во кое биле причинети огромни штети и загуби во самата чаршија и во нејзината околина. Чаршијата останала без своето еврејско население, чијашто депортација кон концентрациониот логор Треблинка започнала на 11 март 1943 година. Истата 1943 година, бугарските фашистички власти ја ограбиле и опожариле црквата „Св. Богородица“, која се наоѓала во непосредна близина на чаршијата.
За време на бомбардирањата на Скопје била уништена и Јигит-пашината џамија. До темел била разурната и синагогата „Бет Јаков“. Од црквата „Св. Спас“, бугарските власти го разглобиле иконостасот, со намера да го префрлат во трезорите на Народната банка, но по војната истиот бил вратен во црквата.
По завршувањето на Втората светска војна, просторот на чаршијата повторно се претворил во главен трговски центар во градот. Под раководство на Заводот за заштита на спомениците и културата, за првпат започнало систематско истражување и проучување на чаршијата. Таа е споменик од непроценлива вредност. Истражувањето имало за цел да пронајде начини за нејзина понатамошна заштита.
Старата Скопска Чаршија за време на Скопскиот земјотрес
На 26 јули 1963 со силниот земјотрес кој го погодил Скопје, голем број на дуќани биле целосно разрушени. Од културно-историските знаменитости, речиси целосно разрушени Сули ан, Капан ан, џамиите Араста и Казанџилер, и Ѓулчилер амам. Делумно разрушени биле Чифте амамот, Куршумли ан, црквата Свети Спас, Безистенот, џамијата Ќосе Кади и Султан-муратовата џамија.
Обновувањето на разрушената Скопска Чаршија продолжило по земјотресот. За таа цел до израз доаѓа примената на современ градежен материјал. Во раните 1970-ти биле обновени водоводната и канализационата мрежа. Воедно истовремено било извршено и поплочување на улиците низ чаршијата и отстранување на турската калдрма. Во тој период, исто така бил изграден и мост со стоковна куќа над булеварот Гоце Делчев. Со овој мост биле споени отсечените делови од Скопска Чаршија. Кратко потоа започнало и обновувањето на речиси целосно разрушените Капан-ан и Сули-ан. Потоа биле обновени и останатите културно-историски знаменитости, кои претрпеле штети со земјотресот.
[ https://macedonia-timeless.com/mac/zanas/zanas/dali_ste_znaele/skopska-carsija ]
19 мај 2020
СКОПСКАТА ЧАРШИЈА ОДАМНА ГО НЕМА ИЗГЛЕДОТ КАКО ПРЕД 500 ГОДИНИ, ТРАВЕРТИН СЕ ВАДИ, ТРАВЕРТИН СЕ СТАВА, ВЕЛАТ КОНЗЕРВАТОРИТЕ


Во средината на 19. век, српскиот политичар и историчар Стојан Новаковиќ ја опишал скопска Стара чаршија како „склоп тесни и криви улички со многу трговско-занаетчиски продавници и дуќани. Улиците биле покриени со штици, а дуќаните со ќепенци. Чаршијата е долга и има повеќе напречни улици, исто така покриени“. Подоцна улиците во Чаршијата се обложени со неправилни некршени камења или калдрма и формирани тротоари пред дуќаните.
Оваа слика или калдрмата од турско време одамна ја нема во скопската Стара чаршија. Од Националната устанва Конзерваторски центар – Скопје велат дека реакциите во јавноста дека се менува автентичноста на старото градско јадро откако минатиот месец почнаа градежни работи на улицата Битпазарска, се сосема неосновани и неиздржани.
„Не станува збор за поплочена улица од турскиот период стара 500 години. Колективната меморија на корисниците на Чаршијата ја препознава истата како Чаршија покриена со травертински плочи. Травертин се вади, травертин се поставува. Во минатото, во неколку наврати се вршеле градежни работи за менување на плочникот поради оштетување, но и поставување на комунална инфраструктура“, вели Коле Чапкановски, директор на Конзерваторскиот центар – Скопје.
Според податоците на Конзерваторскиот центар – Скопје, ликот на Чаршијата се менува во текот на 1970-тите и 1980-тите години, кога постепено и континуирано се вршела делумна ревитализација. Притоа, извршена е промена на постојната калдрма со травертински плочи, кои во зависност од периодот на поставување на некои улици биле со неправилни, а на некои со правилни форми. Притоа, природниот пад на улиците е заменет со нивелирање на одните површини и појава на скали на одредени места во Чаршијата.
„Со текот на времето, а за потребите на корисниците на Чаршијата извршено е поставување на целосна инфраструктура, водовод, канализација, електрична мрежа и телефонија, при што комплетно е деградирана подната подлога. Дополнителна деградација настанува секојдневно со одржувањето на наведената инфраструктура и отстранувањето на дефекти на истата. Друг сериозен проблем е моторниот сообраќај во скопската Стара чаршија, кој иако е со режим, сепак предизвикува оштетувања на одната површина во форма на напукнување, дробење и изместување на травертинските плочи“, објаснува Чапкановски.
Од Конзерваторскиот центар велат дека проектот, чија реализација е во тек, е регулиран по сите законски позитивни прописи. Издадено е одобрение од Управата за заштита на културното наследство, Општина Чаир до Конзерваторскиот центар доставила проект запазувајки ги сите регулативи и направена е стручна контрола на проектот од стручен тим на Конзерваторски центар – Скопје и извештајот е доставен со Управата.
„Видов многу текстови по однос на оваа тема. Заради низа инфраструктурни зафати, поставениот травертин беше во очајна состојба и се однесува на улица Битпазарска како главен транзитен коридор во скопската Стара чаршија. Второ, невозможно е да се постави истиот од причина што истиот е ваден со помош на механизација. Се работи за подна подлога т. е. улица која од архитектонска смисла е менлива категорија. Калдрмата е реконструирана во текот на 1980-тите години после земјотресот и тогаш е опфатена целата Скопска чаршија. Голем дел од уличките беа поплочени со коцка, а дел на земјена подлога со штици и даски. Битпазарска во добар дел беше несоодветно поплочена, а за тоа најдобар показател се извадениот речен камен со кој набрзина беше поплочена улицата како и несоодветна подлога заради посетата на Јосип Броз Тито на Скопје и Старата чаршија.“, вели Чапкановски.
Дуќанџиите на улицата Битпазарска велат дека уште одамна било потребно да се реконструира оваа улица, а тоа им било најавено дури и од минатиот градоначалник на Општина Чаир Изет Меџити.
„Камењата беа целосно уништени, дупки имаше на секој чекор. При најмал дожд се создаваа вирови. Овој дел од Чаршијата беше целосно уништен, другите улици беа реновирани, но оваа остана. Уште лани ние дуканџиите имавме состанок со градоначалникот Висар Ганиу, на кој ни најави дека ќе се одвиваат градежни работи“, ни рекоа дел од дуќанџиите во Чаршијата.
Проектот за реконструкција на улицата Битпазарска е финансиран од Светска банка, со грант од 600.000 евра.
„Градежните активности во скопската Стара чаршија не се во насока да се измени автентичноста на Чаршијата, туку да се замени оштетениот камен травертин со ист таков камен, да се задржи автентичноста и да се создадат подобри услови и за занаетчиите и за туристите, вели градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу.
10.02.2026
Искршени плочки и дупки по улицата, срамна глетка на влезот во Старата скопска чаршија



Овој дел територијално ѝ припаѓа на Општина Центар, но оттаму тврдат дека тоа не е нивна обврска, туку на Град Скопје, од каде што, пак, надлежноста ја префрлаат на Општината. Но, пред неколку години, Општина Чаир реставрираше дел од Чаршијата.
Старата скопска чаршија е една од најпосетените локации од туристите што доаѓаат во Скопје, кои во изминативе години се сѐ побројни. Но, она со што се соочува секој гостин во градот уште при влезот во Чаршијата, односно уште на просторот штом го помине плоштадот „Филип Втори“ е грда слика на целосна негрижа кон она што претставува историско и културно наследство на главниот град.
Искршени плочки, расклатени или извадени, па на места ставени какви што се нашле за да се пополнат дупките и да се избегнат вировите со кал и вода кога врне и комплетно запуштена инфраструктура што се чини како надлежните сосема да ја заборавиле. Нема ниту најава дали некој размислува да го уреди влезот во Чаршијата.
-Срамно е колку не се грижиме за ваков „бисер“ на Градот и колку лошо се претставуваме пред туристите. Чаршијата е дел од нашата историја, прекрасна е, а каков впечаток добиваат гостите уште пред да влезат во неа? – вели скопјанец што реагираше за оваа состојба во нашата редакција
Овој дел територијално ѝ припаѓа на Општина Центар, но дали е таа надлежна да преземе активности за реконструкција на плочникот, тешко е да се каже, затоа што оттаму тврдат дека тоа не е нивна обврска.
-Тоа е под надлежност на Град Скопје – кусо одговараат од Центар на прашањето дали планираат некаква реконструкција на плочникот на влезот од Старата чаршија.
На истото прашање упатено до Град Скопје, следува сличен одговор, односно упатуваат за сите прашања поврзани со влезот и уредувањето на Старата скопска чаршија, да се обратиме до „Општина Центар и Општина Чаир, кои се надлежни институции за ова подрачје“.
-Ве информираме дека влезот во Старата скопска чаршија не е во надлежност на Град Скопје. Ингеренциите на Градот завршуваат на просторот на плоштадот „Филип Втори“, по што управувањето и одржувањето на овој дел преминува во надлежност на општините – велат од Градот.
Но, оттаму тврдат дека Град Скопје ќе упати сугестија до надлежните општини за постапување во однос на овој проблем, со цел навремено и соодветно решавање на состојбата.
Старата скопска чаршија е прогласена за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, во 2008 година, што значи дека сите зафати на овој простор би требало да се спроведуваат во соработка со НУ „Конзерваторски центар“. Но и тие наскоро не планираат никаков зафат на влезот во Чаршијата.
Просторот што ве интересира делумно е во границите на Споменичката целина – Стара скопска чаршија, а поголем дел во границите на Контактната зона „Мост“. Во моментот не се планирани конкретни интервенции. Нема законска пречка потребните финансиски средства да бидат обезбедени од Градот Скопје или од Општината Центар – вели в.д. директорката на оваа Установа, Љиљана Китановска.
Есента 2020 година Општина Чаир со поддршка од Европската Унија и Светска банка преку проектот „Разубавување на Старата чаршија“ ја реставрираше улицата „Битпазарска“ и излозите на 39 дуќани, при што беа заменети прозорците и вратите на дуќаните, а беше реставрирана и калдрмата на улицата „Битпазарска“.
-Имајќи предвид дека фасадата и излозите на голем дел од дуќаните и на калдрмата беа застарени или заменети излозите на дуќаните со друг материјал со што се нарушуваше автентичната структура на Старата скопска чаршија, преку овој проект се потрудивме да реставрираме без притоа да уништиме ниту една точка од тоа што Старата скопска чаршија рефлектира од наследствен, културен или туристички аспект – истакна тогашниот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу.
Реставрацијата и отстранувањето на плочките тогаш предизвика бурни реакции во јавноста дека се уништува автентичниот лик на Чаршијата, но од Владата посочија дека се запазени сите процедури за заштита на автентичноста според програмата на Националниот совет за ревитализација на Чаршијата како културно наследство од особено значење.
Оттаму објаснија и како се изведуваале зафатите на калдрмата.
-Сите градежни материјали што се користат за реконструкцијата на излозите на дуќаните и калдрмата во споменична целина „Стара скопска чаршија“ се автентични и одобрени од стручни лица од НУ Конзерваторски центар – Скопје и Управата за заштита на културно наследство – соопштија од Владата.
Експерти, пак, во изјава за медиуми апелираа во иднина какви било градежни зафати и реконструкции во Чаршијата да ги изведува Конзерваторскиот центар, а не да се реализираат според општински проекти.
Сепак, останува прашањето, како е можно пред пет години Општина Чаир да биде надлежна за обновување на дел од Чаршијата во рамките на нејзината територија, а Општина Центар сега да тврди дека нема таква надлежност.
ОПШТИНА ЧАИР ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА СКОПСКАТА СТАРА ЧАРШИЈА, ЌЕ ЧИНИ 470.000 ЕВРА

Општина Чаир почна со реконструкција на скопската Стара чаршија, што ќе чини 470.000 евра. Како што соопштија од Општина Чаир, проектот опфаќа површина од 1.567 метри квадратни и предвидува реставрација на калдрмата со травертински камен, со што се зачувува историската автентичност на Чаршијата, како и целосна модернизација на подземната инфраструктура, вклучувајќи водовод, канализација, електрична мрежа и оптичка инфраструктура.
По повеќе од пет децении без сериозни интервенции, започнуваме вистинска трансформација на Старата чаршија. Ова е инвестиција што го враќа урбаното достоинство, функционалноста и живоста на овој историски простор“, рече градоначалникот Изет Меџити.
Интервенцијата вклучува и ново осветлување во традиционален стил, уредување на пешачките површини и поставување урбана опрема.
ФОТО | Отстранети дивите тезги на влезот на Скопската чаршија


Синоќа службите на Град Скопје и на Општина Центар ги отстраниле тезгите и импровизираните продажни објекти на влезот во Старата скопска чаршија, од страната на Камениот мост.
На ова место имаше неколку штандови кои со години, ако не и децении, работеа непречено и го узурпираа шеталиштето кон Чаршијата, кое поради нив беше стеснето. Таму се продаваа разни сувенири, магнети, како и традиционална облека.
Ноќеска, медиуми и граѓани споделија видеа и фотографии на кои можеше да се види како група луѓе ги отстрануваат импровизираните продажни објекти.
Од Општина Центар потврдија дека продажните објекти, кои биле поставени незаконски, а нивните сопственици немале никаков договор со Општината, биле отстранети синоќа, а во акцијата учествувале општинските служби заедно со службите на Градот Скопје.
-Екипи на Општина Центар заедно со Градот Скопје вчеравечер заеднички, согласно Меморандумот за меѓуопштинска соработка, ги отстранија импровизираните објекти на влезот на Старата скопска чаршија. Тоа беа објекти кои немаа никаков договор со Општина Центар и беа бесправно изградени- изјавија од Општината за „Слободен печат“.
[ https://www.slobodenpecat.mk/foto-otstraneti-divite-tezgi-na-vlezot-na-skopskata-charshija/ ]