26 јануари 2021
Расадникот како последно упориште во битката за Скопје

Расадникот е последниот слободен простор во Општината Кисела Вода. Изминатите 5 години се реактуелизира неговото урбанизирање, преку предлог-планови што предизвикуваат негодување и страв од урбанистичко фијаско за општината и за градот.
Поради „транспарентноста“ на урбанистичките процеси во Македонија, ќе се обидеме детално да ве запознаеме со локацијата, што содржеа последните два предлози на општината и кон што би требало да се стремиме како заедница и професија.
Местоположба
Расадникот е позициониран среде општината и претставува клучен простор за меѓусебно поврзување на урбаните делови на Кисела Вода.
На североисточната страна тој е распослан долж булеварот „Борис Трајковски“ , на југоисток допира до населбата Цементарница, на југ до маалото попознато како „Последна 24-ка“, додека веќе на запад границата ја дефинира истоимената населба Расадник.
Планскиот опфат за градска четврт Ј14 е многу поголем, но центарот на нашето внимание е слободниот простор за којшто треба да се избориме како општество.
Дејноста на овој простор, по земјотресното урбанизирање на Скопје, била планирана за градски парк на долг рок, а сѐ до пред 15-ина години функционираше како овоштарник. Во него се одгледуваа вишни, урми, шипинки, ореви итн. Некои од насадите беа отстранети, додека по процесот на денационализација настапува целосно запуштање на просторот и спонтан развој на флората.
Просторот на Расадникот е дел од „светиот триаголник“ на градски паркови во урбанистичките планови на Град Скопје сѐ до почетокот на 90-тите години на XX век.
Денационализација
По менувањето на општественото уредување во самостојна Република Македонија и движењето кон капитализмот, во 1998 година за првпат беше донесен Законот за денационализација, со којшто државата требаше да го врати имотот национализиран во текот на Поранешна Југославија. Покрај ова, како мерка се даваа и државни обврзници или, пак, одреден вид компензации, доколку постапката за враќање на конкретниот имот е невозможна од различни причини.
Со овие процеси, битката за Расадникот од страна на некогашните сопственици започна. Нема ништо спорно во враќањето на имотите, но желботеката наречена Детален урбанистички план брзо беше разбрана од потенцијалните нови корисници.
Со пропаѓањето на ваквиот тип расадници и нивното запоставување, како и со развојот на градот и неговите потреби, урбанизацијата на овие простори беше неминовна. Во меѓувреме, општеството се стекна со лоши навики и бајат менталитет во којшто процесите во развојот на просторот се препуштија на желбите на поединци, инвеститори, бизнисмени, политичари, додека професионалците имаа улога единствено на коментатори по весниците.
Предлог урбанистички план 2016
Општината Кисела Вода, во текот на изминатите 5 години, предложи 2 плана за урбанизација на Расадникот. Првиот се случи 2016 година, додека вториот во 2019 година.
Предлог-планот од 2016 година го третираше слободниот простор на Расадникот доминатно за станбено домување.

Подреденоста на дел од објектите беше во правилна ориентација во поглед на осончувањето и проветрувањето што доаѓа од падините на Припор и Водно. Но, помеѓу нив, неразумно следеа долги „штангли“ кои истите позитивни можности ги блокираа.

Планот воопшто не го третираше овој простор како градски простор во поглед на неговите функции, а просторот не ги задоволуваше ниту своите локални. Во општина во која недостасуваат безброј јавни функции, не се предвидуваше ништо дополнително. Уште во тој период реагиравме со објави и со писма до тогашната локална власт, коишто во процесот на јавното анкетирање беа одбиени.
Реагиравме на недостигот на голема зелена површина во облик на градски парк, јавни образовни институции, полиција, поликлиника, трговски содржини, спортско- рекреативен центар (за фудбал, тенис, ракомет, кошарка), можеби стадион, плоштад и шеталиште.
Поради големата густина на објектите и неусогласеноста со бројките што произлегуваат од ГУП, како и големиот број реакции на јавноста, предлог-планот беше вратен од страна на Министертвото за транспорт и врски.
Предлог урбанистички план 2019
По три години, Општина Кисела Вода предложи нов план за усвојување, којшто видно имаше подобрување во смисла на дополнување со некои од јавните функции.

Се отворија неколку позиции за локални форми на парк, пешачки продори меѓу станбените објекти, зелени коридори. Во овој план се предвидуваат и повеќе објекти од општествен карактер. Со тоа е извојувана еден дел од битката за јавниот интерес.
Но, да не се залажуваме, ова е далеку од добар план. Во него е подигната свеста за потребата од одредени функции на просторот, но станбената мегаломанија е сѐ уште присутна до граници на задушување
Хаотична архитектура на повидок
Организацијата на просторот подразбира креирање композиција која, пред сѐ, треба да е функционална, а потоа и естетска, нудејќи слики што произведуваат доживување и личен впечаток за просторот. Обликувањето на објектите, т.е. предвидувањето на нивниот габарит е вовед во архитектурата. Без вакво нешто, создавањето квалитетна архитектура е невозможно.
Овој предлог-план нуди максимум и проектански офсет, според лошата организација на дел од парцелите. Па така, долж продорот предвиден за минувањето на далноводот, се случува невкусно отсекување на габаритите. Знаејќи ги инвеститорските апетити за максимум заработка, можеме само да замислиме под каков притисок ќе се најдат идните проектанти на овие објекти, додека градот може да очекува неквалитетен градски пејсаж.
Слепи пред можностите
Во ХХI век, да се претстави сопствената визија на ваков начин е неброен пораз во редицата лоши планови кои го прекроија Скопје. Загрижувачка е лежерноста на неразбраната лекција и особено, недостојноста да стоите пред толку слободна површина нудејќи урбанистички хаос. Во ерата на интернетот и достапноста на информација во делови од секундата, да дозволите ваква безидејност е само уште еден доказ за македонската летаргичност. Одлучуваме да бидеме неми набљудувачи на светските движења, стоејќи во калта и кревајќи раменици.
Закони, правилници, урбанистички планови и тивка политички коректна интелигенција е совршената равенка за нашето хибернирање.
Јавноста веќе одамна реагира, веќе и медиумите почесто известуваат за проблемите во градот, но политиката успешно го игнорира проблемот бидејќи нема доволно капацитет да го перципира како проблем. Изгледот на нашите градови е вистинска слика за нашето културно уназадување.
[ https://samoprasaj.mk/naacik/rasadnikot-kako-posledno-uporiste-vo/ ]
10.02.2023
Мета факт: Во тек е реализацијата на ветувањето за меѓународен конкурс за избор на идејно решение за „Расадник“ во Кисела Вода

Градоначалникот на скопската општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски во предизборната кампања пред локалните избори во 2021 година им вети на граѓаните дека ќе спроведе меѓународен конкурс за избор на идејно решение за урбанизација на локацијата „Расадник“ во населбата Кисела Вода. Ова ветување што треба да се спроведе во неговиот мандат до 2025 година во моментов е во тек на реализација, беше распишан меѓународниот конкурс, но истиот е поништен поради малиот број на доставени конкурсни трудови. Сепак, Општина Кисела Вода ќе распише нов меѓународен конкурс за Расадник, на кој очекуваат поголем интерес од домашните и странските архитекти и урбанисти и остварување на ова ветување на градоначалникот во текот на неговиот мандат.
Орце Ѓорѓиевски како кандидат за градоначалник на Кисела Вода во изјава за медиумите на 28 септември 2021 година рече дека со неговиот тим во претстојниот мандат ќе работи на реализација на меѓународен конкурс за идејно решение за урбанизација на Расадникот во Кисела Вода.
„Нас почитувани не ни се приоритет провизиите и не ни е приоритет да направиме хаос со 100-тина згради. Нам ни е приоритет рамномерен, плански и развој со многу зеленило. Бидејќи истото го ветуваме во нашата програма и се обврзуваме за тоа. Затоа Расадник ќе биде даден односно за Расадник ќе биде спроведен меѓународен конкурс каде што ќе можат и од земјава, но и од странство да конкурираат со проектно идејно решение и најдоброто решение ќе биде прифатено и ќе се реализира со нормален број на објекти и уште поголем број на паркови и зеленило како што и доликува на една општина како нашата Кисела Вода. Наместо бетонизација и силување за провизии, треба да направиме населба атрактивна за живеење, населба која ќе нуди хуман пристап и многу, многу зеленило“, рече Ѓорѓиевски.
Неколку дена подоцна, тој го повтори ваквото ветување, при што на 3 октомври Ѓорѓиевски изјави дека „јавно, јасно и гласно, ветувам и се обврзувам, дека за Расадник ќе биде распишан меѓународен конкурс, каде што вие граѓаните ќе ги постават условите како да се развива, а фирми од цела Европа ќе можат да конкурираат за идејно решение. Расадник ќе биде населба на можности и зеленило, а не населба со 100 згради како што планираат во СДСМ“.
По неговото доаѓање на функцијата, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најпрво во февруари 2022 година го објави нацртот за меѓународниот конкурс за локацијата „Расадник“, при што од Општина Кисела Вода на 11 февруари лани информираа дека за овој конкурс соработуваат со Архитектонскиот факултет во Скопје, Комората на овластени архитекти и инженери и Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Неколку месеци подоцна, градоначалникот на Кисела Вода на 13 јули 2022 година информираше дека ден претходно општината го распишала меѓународниот идејно урбанистичко-архитектонски конкурс и ги повика сите заинтересирани професионалци да учествуваат на истиот. На Конкурсот тие очекуваа најмалку седум конкурсни трудови од архитектите, додека првата награда за победничкото идејно решение изнесуваше 15.000 евра.
Во објавениот Конкурс на веб-страницата на Општина Кисела Вода се наведува дека конкурсните трудови треба да се достават најдоцна до 11.11.2022 година до 10:00 часот (по локално време) по пошта или лично со поднесување во архивата на општина Кисела Вода.
Градоначалникот Ѓорѓиевски најави дека по изборот на идејното решение ќе следи и изработката на деталниот урбанистички план (ДУП) за градската четврт Ј 14, односно за просторот што ја опфаќа локацијата „Расадник“ и додаде дека обидот за бетонирање на Расадникот станува минато, а со тоа и претходно планираните 99 згради на оваа локација.
Веќе на 23 септември 2022 година, од Општина Кисела Вода излегоа со соопштение дека постои голем интерес кај стручната јавност за Меѓународниот конкурс за идејно решение за Расадникот, а интерес за учество на истиот искажале и стручни лица од Англија, Иран, Украина, Србија, Црна Гора и други земји.
Сепак, од Општина Кисела Вода за Мета.мк кон крајот на јануари годинава информираа дека до истекот на рокот на меѓународниот конкурс пристигнале четири конкурсни трудови, од кои еден конкурсен труд од Македонија и три конкурсни труда од земји од Европа и Азија.
„Со оглед дека согласно конкурсната документација минимален број на конкурсни трудови кои ги исполнуваат условите беше седум, жири комисијата констатира дека не се исполнети условите за евалуација на пристигнатите трудови и согласно Конкурсните правила му предложи на градоначалникот да го поништи Конкурсот и да објави нов Конкурс“, информираат за Мета.мк од Општина Кисела Вода.
Притоа, локалните власти потенцираат дека Општина Кисела Вода не се откажува од Меѓународниот конкурс и по севкупна анализа за причините за малиот број на пријавени компании од Македонија, како и одржување на состаноци и координација со партнерите во овој проект односно Архитектонскиот факултет од Скопје, Комората на Архитекти на Македонија и Асоцијацијата на Архитекти на Македонија, наскоро повторно ќе објави нов меѓународен конкурс за локалитетот „Расадник“.
„Во Буџетот на Општина Кисела Вода за 2023 година предвидени се средства за изработка на Детален Урбанистички план за Ј14-или народно кажано ДУП Расадник, и веднаш по изборот на идејното решение ќе се пристапи кон спроведување на тендерска постапка за избор на изведувач за изработка на ДУП Расадник“, појаснуваат од Општина Кисела Вода.
Ова практично значи дека целокупната постапка за распишување на меѓународниот конкурс ќе треба да се повтори, за што ќе биде потребен период од неколку месеци. Доколку биде успешно заокружена целата постапка со новиот конкурс, на крајот од постапката треба да бидат презентирани победничките конкурсни трудови и да се доделат архитектонските награди. Што е уште поважно, Општина Кисела Вода ќе треба избраниот најквалитетен труд да го преточи во законската постапка за усвојување на нов детален урбанистички план, којшто има десетина чекори на донесување, меѓу кои е и добивањето на позитивно мислење од Агенција за катастар на недвижности и Град Скопје и добивање на согласност од Министерството за транспорт и врски. Конечно, предложениот ДУП треба да биде усвоен и на седница на Советот на општина Кисела Вода.
Сите овие конкретни чекори бараат понатамошна работа на подолг период од минимум неколку месеци од страна на општинските власти, но нема дилема дека ветениот нов ДУП за локацијата „Расадник“ од страна на градоначалникот Ѓорѓиевски би можел да биде усвоен до крајот на неговиот мандат во 2025 година, доколку постои волја и континуирана работа. Од Општина Кисела Вода во доставените одговори потенцираат дека ќе се држат до условите во новиот конкурс како и во претходниот, односно на локацијата „Расадник“ да има минимум 100.000 метри квадратни парк шума и објекти од јавен карактер, со што би се овозмoжило „Расадник“ да биде место за хуман живот. Токму поради ова, оценуваме дека ветувањето на градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски во моментов е во тек на реализација, но не е исполнето до денешен
15.03.2023
Општина Кисела Вода го реобјави меѓународниот конкурс за идејно решение за Расадник
Општина Кисела Вода го реобјави меѓународниот конкурс за идејниот лик на градскиот кварт Ј14, попознат кај нашите граѓани како ДУП Расадник, информираат општинските власти. Од денес, па во наредните четири месеци тој ќе биде предизвик за изработка на идејно урбанистичко-архитектонско решение за идниот изглед на оваа локација во населбата Кисела Вода.
„Иако посакуваните решенија, не ги добивме во првиот обид, поради тоа што и покрај големата заинтересираност, имаше недоволен број на пријави и конкурсот мораше да се поништи, сепак Општина Кисела Вода не се обесхрабри во намерата Расадник да биде пристојно и хумано место за живот“, велат од Општина Кисела Вода.
Жирито веднаш по завршување на конкурсот направило опсежна анализа за причините за недоволниот број на пријавени апликации. Во изминатиов период се одржале состаноци со Архитектонскиот Факултет, Комората на Архитекти и Асоцијацијата на Архитекти на Македонија и се направиле анкети на сите заинтересирани потенцијални апликанти, по што, мешовитата работна група од трите институции и општината ги вклучила во конкурсната документација насоките добиени од факултетот и професионалната заедница.
Од денес 15.03.2022 се до 03.07.2023, конкурсот е јавно достапен на веб страната на Бирото за јавни набавки: https://www.e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie/46dfaa8e-a95d-442c-bacf-bab88806cd38/6 , како и на линкот: http://www.kiselavoda.gov.mk/index.php/component/content/article/8-soodrzina/3559-33333 .
Од општината информираат дека архитектонските награди се во износ од 15.000, 8.000 и 3.000 евра за прво, второ и треторангираниот, како и за двата откупа во износ од по 2.000 евра, а за нивното доделување ќе одлучува 9-члена меѓународна стручна жири комисија, во која се вклучени и граѓаните преку Партиципативното тело за урбанизам на Општина Кисела Вода.
21.11.2023
Презентирани резултатите од меѓународниот конкурс за РАСАДНИК
Во просториите на Културниот дом „ Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, во 12 часот беа презентирани резултатите од Меѓународниот конкурс за Расадник.
На презентацијата воведен збор даде градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, како и претседателот на жири комисијата, деканот на Архитектонскиот факултет при УКИМ, професорот д-р Огнен Марина.
Низ образложение, беа спомнати сите чинители, важноста од вклучувањето на образовните институции и организациите во создавањето на овој конкурс, како и соопштувањето на резултатите од меѓународниот конкурс.
За жал, можеме да констатираме дека беа пристигнати единствено 5 проекти, што говори за изгубената доверба во конкурсите во Македонија од страна на домашната професионална јавност.
Како платформа и медиум, од каде започна иницијативата за спас на Расадник од домашниот несовесен урбанизам, место од каде започна идејата за меѓународен конкурс, искрено жалиме за ваквиот исход и неразбраната единствена можност да се придонесе кон промените на домашната архитекотонско урбанистичка сцена.
Покрај 5те пристигнати решенија, беа презентирани и студентските трудови од Архитектонскиот факултет при Уким, како и проектите од Политехно, Италија.
Доделени се рамноправни две први награди, една трета награда и еден откуп. Добитници на првата награда се Студиото AG PLANUM doo од Хрватска и тимот од Грција на чело со Алексиос Цомпанакис.
ПРВО МЕСТО:
AG PLANUM doo, Хрватска
Marko Cvjetko, mag.ing.arch
Miron Hržina, mag.ing.arch
Ivica Keršić, mag.ing.arch
Dunja Sloković,mag.ing.arch
Elena Tikvić,mag.ing.arch
ГЛАВЕН АРХИТЕКТ
Alexios Tzompanakis, Грција
ТИМ
Angeliki Benioudaki, architect
Diamantaki Maria
Goula Marianna
Klouvidaki Emmanouela
Kokouva Athina
Krystalogianni Eleni
Ouranou Argyro
Palaiologos Georgios
ТРЕТО МЕСТО:
“Team PUPA, Life over space”, Литванија
Tadas Jonauskis
Justina Muliuolyte
Lukas Kulikauskas
Hristina Sekuloska
Jurate Volkavičute”
AG PLANUM / Хрватска

Алексиос Цомпанакис со тимот / Грција


PUPA, Life over space / Литванија и Македонија


[ https://marh.mk/rezultati-prezentacija-rasadnik/ ]