Ски Кожуф, еден од најамбициозните спортски и туристички проекти што некогаш биле започнати во Македонија. Сместен во близина на Гевгелија, на границата помеѓу Македонија и Грција, Ски Кожуф бил замислен како модерен Европски зимски центар со хотели, апартмани, повеќе жичарници и неверојатни 150 километри скијачки патеки.
Проектирањето и изградбата на зимскиот центар започнала околу 2000-та година, а веќе во 2007-ма е за прв пат отворен за јавноста вклучувајќи ја една од првите шестосед жичари на балканот, два дополнителни ски лифтови, и околу 20 км уредени ски патеки.
За жал, функционирањето на овој зимски центар го следат многу контроверзи. Од повлекување на инвестицијата вредна 200 милиони долари од Дубајскиот инвеститор, до свлечишта и проблеми со регионалниот пристапен пат, рударските концесии доделени во близина на зимскиот центар, и генерална финансиска неиздржливост.
Во 2015-та центарот конечно запира со работа, а во 2023-та, по 7 години стечај, собранието на доверители донеле одлука да го продадат движниот имот на центарот за 21,5 милиони денари.
Во јуни 2026-та, излезе вест дека две Бугарски компании влегоа во сопственичката структура на „Ски Кожуф Инвест“, и со тоа се почна нова серија шпекулации дека овој зимски центар би можел повторно да се отвори за посетителите.
Денес, на 8 ноември 2026, туристикиот портал Кајак.мк сподели фотографии (линк) од зимскиот центар Кожуф со натпис:
На Ски центарот Кожуф се работи со полна пареа! Планината го заслужува туризмот, а нејзините убавини заслужуваат фотографии!
и коментар:
во процес на заживување е. Едвај чекаме да појдеме на скијање🌲






Дали зимава конечно ќе можеме повторно да скијаме на овој "модерен" и "Европски" ски центар?
Во врска со регионалниот пат Р1108 кој се протега од Гевгелија до Ски Кожуф, кој често пати се спомнува како еден од виновниците за нефункционирањето на овој зимски центар, и кој долго време страда од свлечишта, зарасната вегетација, и неодржување, порталот Кајак.мк во нивната објава (линк) велат:
според наши информации патот е скоро среден
Скорешни снимки на Google Street View, снимени во Август 2026 покажуваат дека патот иако прооден, сеуште е во очајна состојба, со многубројни свлечишта кои го стеснуваат од 2 ленти (една за секој правец) во само една проодна лента, и не е во никаква состојба да опслужува еден сериозен скијачки центар како Ски Кожуф.
Тоа што е добар знак во овие снимки е тоа што се забележува механизација и работа на пат, како и делници од патот кои очигледно биле исчистени во скоро време (сеуште ветрот и дождот не ја исчистиле прашината).
Штом решиле да го исчистат патот од свлечишта, тоа е уште еден позитивен знак дека се планира можно ре-отварање на овој ски центар.
Има ли надеж за ски центаров? Ако не за оваа сезона, барем за следнава
Планинава има потенцијал за многу сериозен ски центар по Европски стандарди...
Само треба сериозен инвеститор. Поранешниот премиер Груевски имаше една статија на ФБ пред некое време за ски центрите и многу добри идеи имал човекот за ски центрите и ски туризмот во државата, за жал никогаш реализирани.
Јас се надевам дека ќе проработи наскоро.
Трагично е што своевремено бил прв ски центар на балканот со модерна шестосед жичара (која очигледно сеуште постои и функционира според најновите слики), и големи амбиции за 140 км стази, а денес е запуштен и заборавен ски центар.
Огромен потенцијал како од природен аспект, така и од локациски, позициониран на пола пат помеѓу две метрополи - Скопје и Солун, и идеална шанса да се експлоатира туризам од Грција.



