Новиот Турски Театар

Објектот на Турскиот Национален Театар во Скопје е замислен да функционира како културен центар за приближување и промовирање на турската култура и традиција кон секојдневниот живот на градот и државата. Затоа тој претставува комлексна целина која во себе го интегрира театарот со сродни функции како што се: галерија, мала сала, национален ресторан, културен инфо центар и слично, со цел да се овозможи зголемен интерес за посета на објектот.
Објектот „Турскиот Национален Театар во Скопје“ е проект на Владата на Република Македонија, преку Министерството за култура на Република Македонија и институцијата Турски Национален Театар, кој се јавува како Инвеститор.
УРБАНИСТИЧКИ УСЛОВИ
Локацијата предвидена за иградба на Турскиот Национален Театар е дел од интегрален урбан блок кој е сместен помеѓу ул. Кузман Јосифовски Питу на северо- исток, Страшо Пинџур на југо-запад и потегот меѓу булеварите Крушевска Република, на северо-запад и Никола Карев, на југо-исток. Локацијата, според новиот ДУП, е предвидена да биде високофреквентна. Сместена меѓу четири булевари, во непосредна близина на строгото централно градско јадро, таа има реален потенцијал да прими ваков објект од јавен интерес, со потенцијал да стане културолошки фокална точка за околниот урбан простор.
Парцелата за градба на објектот на Турскиот Национален Таетар има неправилна ортогонална форма а градежнаталинија, регулационата линија и линијата на парцелата не се поклопуваат. Градежните линии се дефинирани со нумерички вредности дадени од три страни на парцелата, кон североисток, југоисток и северозапад. Од страната на новопредвидениот булевар „Страшо Пинџур“ за кој во моментот на изработка на овој Основен проект нема податоци за нивелети, градежната линија е определена графички, според постоечките станбени објекти, кои се наоѓаат југоисточно и северозападно од предметната локација.
За објектот на Турскиот Национален Театар е определено да се искористи дел од целата површина за градба, кој според Основниот проект изнесува 2058 м2, или
48,35% од планираните 4261 м2. Формата на графичкиот отсечок има прекршена „Г“ форма со ортогонални правци, геометриски и метрички дефинирани во графичките прилози Ситуација и Партерно решение.
Приклучоците кон градската инфраструктура се дефинирани според Согласности издадени од надлежните органи.
Колскиот и пешачкиот пристап до објектот на Турскиот Национален Театар е исклучиво од северо-источната трака на булевар “Страшо Пинџур”, со приоритетен приклучок на автомобили од правецот југоисток - северозапад.
Бидејќи пристапната сообраќајница “Страшо Пинџур” во моментот на изработка на Проектот не е изведена, пристапот до објектот ќе виде од постоечкиот паркинг на југозападната страна на локацијата.
Паркирањето е решено во границите на парцелата, како подземно (на второто подземно ниво на објектот, на кота -6,80м) и надземено паркирање на ниво на партер. До подземните паркинзи се доаѓа преку дефиниран пристап со влезно-излезна рампа,
ФОРМА
Базичната форма на објектот е определена со урбанистичките параметри изразени преку површината за градба и котата на завршниот венец. Поради набиената проектна програма, архитектонската структура во целост го исполнува зададениот габарит. Композицијата на масите, на ниво на првостепена пластика, до котата на главниот венец е разиграна само со исфрлената каскада на катовите во однос на приземјето. Петтата фасада, со повлечените поткровни кубуси ги следи функционалните одредници, кои произлегуваат од намената на објектот.
Архитектонскиот израз е пронајден во примената на современи градежни материјали кои го обвиткуваат објектот – стакло и метал, софистицирано аплицирани во форма на двојна структурална фасада, која е геометриски и колоритно третирана со транскрипција на елементи карактеристични за ориентот.
ФУНКЦИЈА И СОДРЖИНА
Распределбата на функционалните содржини е произлезена од намената на објектот и специфичните услови на локацијата. Функционално, објектот е решен на 7 нивоа - 5 надземни и 2 подземни. Поради ограничувачките параметри на локацијата, понудено е неконвенционално функционално решение во кое службениот и јавниот простор сеиспреплетуваат низ целиот волумен, без вообичаената функционална поделба на блокови. Службениот дел на театарот (просториите за глумци и администрација), техничките простории и магацините се целосно подредени на функцијата, со логични комуникации кои ги поврзуваат по хотизонтала и вертикала. Бројот на вработени во театарот не е дефиниран со Проектната програма, но според бројот на канцелатии и други работни места дефинирани во графичкиот дел, е проценет на 35 уметници (глумци, режисери и слично), 20 вработени во администрацијата и 35 луѓе вработени како технички персонал (кој е во функција на одржување на објектот и техниката, припрема и следење на претставите). Планираниот број на вработени, според таа проценка, изнесува околу 90 луѓе.
Двете сали имаат вкупен капацитет од сса 450 посетители.
Ресторанот за надворешни гости има вкупен капацитет од 80 посетители.
Комуникации
Специфичните услови на локацијата и специфичната форма на габаритот, во овој случај се наоѓаат во конфликтен однос со јасно дефинираните стандардни барања на функцијата. Решението е пронајдено во преплетот на функционалните врски на интерните содржини на театарот со патот на публиката, сепарирајќи ги дискретно преку вертикалните комуникации, притоа избегнувајќи вкрстување на патеките на движење на едните и на другите.
Публика
Централнит хол е интегративен елемент на содржините наменети за публика. Тој врзува три ката во импресивен волумен во кој доминираат скалишните каскади и го реализира јадрото на идеата на авторот за транскрипција на турското „Памук-кале“ во геометриски артикулиран архитектонски простор. Зедно со репрезентативните скали, холот гради специфичен просторен однос со содржините на објектот во кој се вткаени елементи од турската традиција, пејзажот и култура, како и односот на традицијата кон релациите отворено-затворено и внатре-надвор. Во дискретна позиција, прислонети од десна страна кон големата сцена, се наоѓаат и помошни скали за публика со мал патнички лифт, кои се наменети за лица со специјални потреби. Две скалишни вертикали, наменети за евакуација од подземните нивоа, функционално ги поврзуваат паркинзите со партерот. Тие имаат директен излез кон надвор, но и можност за пристап преку контролирана зона – едните во службениот дел, а другите во централниот хол за публика.
Персонал
Вертикалните комуникации кои ги врзуваат службените содржини, сместени се во периферните делови на габаритот. Тие ги тангираат виталните содржини во објектот и обезбедуваат движењето на глумците, сценските работници, техничкиот персонал и администрацијата да се одвива дискретно и непречено до местата на случување – сцените. Опремени се со скалишни вертикали, лифтови или теретни платформи, зависно од намената во функционалниот склоп кон кој припаѓаат. Во централниот дел за глумци, под каскадите на т.н. памук-кале“ се наоѓа една кратка скалишна вертикала која го поврзува приземјето со првиот кат, како интерна комуникација наменета за уметниците, на патот до сцената.
Сали
Објектот има две сали - Голема тетарска сала и Мала сцена.
ГОЛЕМА САЛА - капацитет од 329 места
Функционално е проектирана како сала со кубичен волумен и линеaрано поставени седишта. Овој тип е доминантен модел за помали тетарски сали. Правоаголната форма со партер во еден сегмент е одлична база за проектирање на квалитетна
акустика во сите позиции на гледалиштето. Следствено на потенцијалот на објектот да прерасне во мултимедијален и културен центар, Големата сала е функционално планирана да биде искористена (освен за примарната намена) и како аудиториум за предавања, семинари, прес-конференции и слично, што ќе и овозможи да функционира рентабилно во текот на денот, неделата или годината. Главната сцена ја пратат задната и двете помали бочни сцени. Таа е модуларно третирана со соодветна сценска технологија и овозможува флексибилност во поставките на сценографијата. Сценската технологија која се однесува на сценскиот простор и гледалиштето се предмет на разработка во посебен проект.
МАЛА СЦЕНА - флексибилен капацитет, проценет на max. 120 места за посетители.
Со својот облик, функионалното решение и волуменската позиционираност во објектот
е рамноправена со Големата сала, по својата употребна вредност и практична примена. Воглавно е наменета за помали, камерни тетарски перформанси, но може да се користи и како аудиториум за предавање, семинари, прес-конференции и слично, што дава можност за рентабилно функционирање како повекенаменски простор. Опремена е со горна и долна сценска техника, со што по потреба би се менувала формата на аудиотриумот, а просторот би се прилагодувал на потребите на претставата или активностите кои ќе бидат планирани да се одвиваат во неа. Со пристапот од центрелниот хол, Малата сала е целосно независна од Големата. Ова решение дава можност двете сали да се користат истовремено. Од друга страна, распореденоста на фоајеата по нивоа, создава услови делот за публика да се најде истовремено во функција и на двете сали, без да биде загрозена нивната сепаратност во функционирањето.
Новиот Турски театар ќе има капацитет за повеќе од 450 гледачи
[ http://www.turktiyatrosu.mk/nov-teatar/ ]
Градбата на театарот започна во 2014г. така што ДГ Бетон како изведувач во рок од две години ја изведе карабината.
Потоа следуваше извесен застој па повторно во текот на 2022 отпочнаа градежни активности поврзани со изведба на фасадата и кровната конструкција за сега да се работи во внатрешноста.
Во прилог неколку вести поврзани со текот на градбата.
16.10.2021
ПО СЕДУМ ГОДИНИ ОТКАКО ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ, ТУРСКИОТ ТЕАТАР ВО СКОПЈЕ ЌЕ ДОБИЕ ФАСАДА И КРОВ ЗА 3,8 МИЛИОНИ ЕВРА




Откако пред четири години беше изградена карабината, Турскиот театар од Скопје ги врши подготовките за оформување на градилиште и почеток со изградба на фасадата и кровот од новиот објект кој се изгради близу Железничката станица во Скопје, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорката Несрин Таир. Изградбата на карабината почна на 23 јуни 2014, а беше завршена и примопредадена на 15 јуни 2017.
Театарот почна да се гради во 2014, како еден од капиталните проекти на тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ со премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Според тогашните најави, карабината на театарот ќе ја финансира Министерството за култура, а за втората фаза пари ќе даде Турција.
Носител на изградбата и инвеститор е Турскиот театар. Карабината е завршени за сума од 301.092.183,00 денари (скоро 5 милиони евра) со вклучен ДДВ.
Министерството за култура во целост ги префрли потребните средства, а инвеститорот Турски театар ги исплати сите побарувања во врска со изведбата на новиот објектот до фаза карабина на изведувачот ‘Бетон Скопје АД – Скопје’“, вели Таир.
Реализацијата на фазите фасада и кров од проектот се предвидени во Годишната програма на Министерството за култура за инвестиции во културата за 2021, а од Буџетот на Македонија за 2021 за оваа намена обезбедени се 19.000.000 денари (околу 310.000 евра).
„Имено, поради повеќегодишниот прекин на изградбата на објектот, Турски театар побара од одговорниот проектант на анексот на Основениот проект да направи анализа на Основниот проект за деловите – фасади и кровови на објектот (да се проверат проектните решенија за фасадните облоги и кровните слоеви и покривачки системи и материјали во смисла на нивна актуелност и можност да бидат изведени во целост и со матeријали и системи според упатствата во проектот). По направената анализа од страна на последниот потпишан Одговорен проектант на Анексот на основниот проект на Турски театар – Скопје, препорачано е да се продолжи со изведба на објектот на НУ Турски театар – Скопје според важечкиот Основен проект чии решенија се комплексно поврзани во меѓузависен систем кој е актуелен и реален“, вели Таир.
По доставената информација од Министерството за култура, Владата и Министерството за финансии дале согласност и донеле одлука за обезбедени пари за повеќегодишна јавна набавка за изведба на фазата на фасада и кров на објектот, со што ќе се доведе објектот до една затворена функционална целина до степен на затворена карабина. По донесената одлука на Владата, Театарот спровел јавни набавки за изведба на предвидените градежни работи и за стручен надзор над изведбата.
По овие јавни набавки склучени се договори со Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии Скопје АД Скопје, за стручен надзор со вредност од 724.520,00 денари (околу 12.000 евра), и со групата на понудувачи составена од Градежно, проектантско, трговско друштво „Универзал-Балкан ДОО увоз-извоз“ Скопје, и „Актива ДОО“ Штип, за изведба на предвидените работи на фасада и кров во вредност од 230.416.351,51 денари (околу 3,8 милиони евра). Овие суми се однесуваат на повеќегодишна исплата со фактури.
Изведбата на работите ќе биде во текот на 2021, 2022 и 2023 година.
Таир рече дека во зависност од условите за работа, динамиката и можностите за преземање на обврските изведбата на работите би можела да заврши и порано, односно во текот и до крајот на 2022. Во наредната фаза ќе ги подготвуваат документите за инасталациите кои по технологијата на изведба треба да бидат следни за изведба.
Театарот треба да има осум нивоа, од кои пет надземни и три подземни. Планирани се две сцени, малата со капацитет од 150 седишта, и голема со 329 седишта. Во рамки на театарот треба да има и галерија, културно-информативен центар и мултимедијална сала. Автор на идејното решение е архитектот Виктор Михајлов. Михајлов е автор и на објектот на Филхармонијата.
Турскиот театар е основан во 1950, а прва претстава била „Сомнително лице“ во режија на Абдуш Хусеин. Турскиот и Албанскиот театар со години заедно функционираа во Театарот на народности во Старата чаршија. Во 2014 почна реконструкцијата на таа зграда, и ансамблите на двата театара се преселија во Театар Комедија, каде сѐ уште функционира Турскиот театар.
05.11.2023
ПО ДЕВЕТ ГОДИНИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ГРАДБАТА, ГОТОВИ СЕ ФАСАДАТА И КРОВОТ НА ТУРСКИОТ ТЕАТАР ВО СКОПЈЕ

Завршуваат последните активности околу изградбата на фасадата и кровот на новата зграда на Турскиот театар во Скопје, со кои објектот ќе биде целосно затворен, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорката Ајлин Емин-Скоро. Објектот, кој се наоѓа во населбата Пролет близу железничката станица, почна да се гради пред девет години, а следна е фазата за внатрешни инсталации.
„Архитектонскиот израз е пронајден во примената на современи градежни материјали кои го обвиткуваат објектот – стакло и метал, софистицирано аплицирани во форма на двојна структурална фасада, која е геометриски и колоритно третирана со транскрипција на елементи карактеристични за ориентот.
Објектот на Турскиот театар во Скопје е замислен да функционира како културен центар за приближување и промовирање на турските култура и традиција кон секојдневниот живот на градот и државата. Затоа тој претставува комлексна целина која во себе го интегрира театарот со сродни функции, како што се галерија, мала сала, национален ресторан, културен инфо-центар и слично, со цел да се овозможи зголемен интерес за посета на објектот“, вели директорката.
Објектот е проект на Министерството за култура и институцијата Турски театар, кој се јавува како инвеститор. Автор на идејното решение е архитектот Виктор Михајлов, кој е автор и на објектот на Филхармонијата. Театарот има две сали, голема со 329 места и мала со 120 места. Функционално, објектот е на седум нивоа, од кои пет надземни и два подземни.
Изградбата на карабината почна на 23 јуни 2014, а беше завршена и примопредадена на 15 јуни 2017. Театарот почна да се гради како еден од капиталните проекти на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ со премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Скопскиот Турски театар е единствениот театар на Балканот кој опстојува 73 години како национална установа поддржана од Министерството за култура, кој претставите ги игра на турски јазик надвор од границите на Турција. Откако почна да се гради новиот објект, Турски театар ги користи просториите и сцената на Театар Комедија. Претходно, Турскиот и Албанскиот театар со години заедно работеа во Театарот на народностите во скопската Стара чаршија.
25.04.2024
Турскиот театар со покрив и фасада – на ред се внатрешни инсталации


Надворешноста на новиот објект на НУ Турски театар-Скопје – неговата фасада и покрив се завршени, и проектот за изградба продолжува во трета фаза во која ќе бидат поставени внатрешни инсталации за што е во тек јавна набавка за избор на изведувач.
Објектот во изградба денеска го посети министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која по увидот искажа задоволство затоа што, рече, процесот на градежните активности се одвива професионално, стручно и квалитетно и е „забележителен напредокот во изградбата на објектот особено фасадата и покривот“.
За сѐ што досега е реализирано биле издвоени 4,4 милиони евра или 274 милиони денари, а со новите инвестиции на Министерството за култура процесот ќе се финализира и, нагласи министерката, „наскоро очекуваме публиката да има нов театар“.
Гаранција дека театарскиот ансамбл наскоро ќе има свој дом, рече Костадиновска-Стојчевска, е обезбедена со одлуката на Владата за тригодишно континуирано финансирање на проектот за Турскиот театар.
Министерството за култура во три буџетски години – 2024, 2025, 2026, продолжува непречено да го финансира проектот за што се проектирани средства во износ од 6,1 милиони евра односно 380 милиони денари. Од буџетот на Министерството за култура за оваа година се обезбедени 1,7 милиони евра или 104 милиони денари. Со овие средства ќе се комплетираат градежните зафати, поставувањето инсталации, уредувањето на ентериерот и ќе се обезбеди стручен надзор за театарот да го добие својот облик и форма за да можат вработените низ уметничкото творештво да придонесат во уште поголема афирмација на македонската културата, изјави Костадиновска-Стојчевска.
Нагласи дека оваа институција повеќе од седум децении придонесува за популаризација и афирмацијата на турската, но и севкупната култура.
-Затоа е потребен нов, современо опремен театар, достоен за реномето кое го имате и за целите што ги поставувате, рече министерката. Додаде дека активно се работи на реконструкција на голем број културни центри во земјава, а Владата е одлучна, рече, да ги заврши сите започнати објекти од културата со максимален квалитет и транспарентна постапка.
Директорката на Турски театар-Скопје, Ајлин Емин Скоро, соопшти дека втората фаза од изградбата е завршена и ќе се отпочне со третата фаза – внатрешните инсталации.
-Веќе е во тек јавната набавка која чекаме да заврши во законски рок, да се одреди изведувачот и веднаш да се почне со внатрешните инсталации – механиката, електриката, водовод и канализација. Објектот е замислен како културен центар кој ќе ги унапредува и афирмира јазикот и култура на турскиот народ тука, и во него ќе функционира и новоформираната национална установа Турски културен центар со галерии, изјави директорката на оваа национална установа.
НУ Турски театар-Скопје постои 74 години и до пред десетина години работеше во ист објект со Албанскиот театар-Скопје во тогашниот Театар на народностите. На таа локација во новоизграден објект сега работи Албанскиот театар-Скопје, а за Турскиот театар во 2015 почна изградбата на нова театарска зграда во близина на Железниччката станица. Додека трае изградбата на Турскиот театар, во изминатите десет години ансамблот ја дели сцената и работи под ист покрив со Театар Комедија.
[ https://nezavisen.mk/turskiot-teatar-so-pokriv-i-fasada-na-red-se-vnatreshni-instalacii/ ]
25.11.2025
Турскиот театар ќе се пресели во нова зграда до крајот на 2026 или почетокот на 2027 , вели Љутков

Турскиот театар, кој повеќе од една деценија е во изградба, ќе се пресели во нова зграда ( лоцирана во населбата Пролет близу Железничката станица), до крајот на 2026 или почетокот на 2027 , рече Љутков одговарајќи денес на новинарско прашање, при посетата на Театар Комедија, каде ансаблот сцената ја дели со нивните колеги од Турски театар-Скопје.
-Во 2023 година почна да се става фасадата, сега работиме со многу забрзано темпо за да го завршиме. Се работи третата, последната фаза – ентериерното уредување и сценската технологија која оди малку побрзо. Сè зависи од временските услови и од динамиката, би требало да биде готов до крајот на 2026 или почетокот на 2027, рече Љутков.
Објектот е проект на Министерството за култура и институцијата Турски театар, кој се јавува како инвеститор. Автор на идејното решение е архитектот Виктор Михајлов, кој е автор и на објектот на Филхармонијата.
Турскиот театар е замислен да биде современ технолошки објект кој ќе располага со две сцени со вкупен капацитет од над 450 гледачи. Малата сцена ќе биде со површина од 180 м2 и максимален капацитет до 150 посетители, а големата сцена во објектот ќе располага со гледалиште со капацитет од 329 седишта. Покрај основната функција на објектот, планирано е во негови рамки да има и изложбена галерија, културно-информативен центар и мултимедијална сала.
Министерството за култура продолжува непречено да го финансира проектот за што се проектирани средства во износ од 6,1 милиони евра односно 380 милиони денари.
Изградбата на карабината почна на 23 јуни 2014, а беше завршена и примопредадена на 15 јуни 2017. Театарот почна да се гради како еден од капиталните проекти на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ со премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Турскиoт театар во Скопје е единствениот театар на Балканот кој опстојува 74 години како национална установа поддржана од Министерството за култура, кој претставите ги игра на турски јазик надвор од границите на Турција. Откако почна да се гради новиот објект, Турски театар ги користи просториите и сцената на Театар Комедија.
Претходно, Турскиот театар со децении функционираше заедно со Албанскиот театар во некогашниот Театар на народностите на Битпазар. Поранешниот заеднички објект му е предаден на Албанскиот театар и беше реконструиран од темел.
Актуелен в. д. директор на Турскиот театар е актерот Осман Али


