14 јануари 2016
Театарот во Велес се гради и по отворањето
За Театарот во Велес првично беа одвоени два милиони евра и рок за изградба до 2010 година. Тој беше пуштен во употреба во 2014 година. Седум години по поставувањето на камен темелникот, за овој објект сè уште се склучуваат нови договори, па цената достигна 11,5 милиони евра.
„Во услови кога Република Македонија и македонскиот народ се соочуваат со организирано и континуирано оспорување на идентитетот и името на државата, еден од аргументите кои ни стои на располагање за одговор на ваквите притисоци е културата“, беше изјавата на премиерот Никола Груевски во мај 2008 година, на поставувањето на камен темелникот на новиот театар во Велес.
За првата фаза од оваа инвестиција беа одвоени два милиони евра и рок за изградба од две години.
Владините прогнози, кои можат да се прочитаат и на архивата на веб страницата на Владата, сепак, не беа испочитувани.
Театарот во Велес беше пуштен во употреба во 2014 година, а не во 2010 како што првично беше најавено. Седум години по поставувањето на камен темелникот, за овој објект сè уште се склучуваат анекс – договори и излегуваат непредвидени работи, па неговата цена, според податоците од Бирото за јавни набавки, достигна 11,5 милиони евра.
Завеси, ентериер, фасада и други непредвидени работи за 9 милиони евра
Основниот договор за изградба на театарот во Велес (градежниот дел со сите завршни занаетчиски и инсталатерски работи) е објавен во мај 2008 година. Станува збор за договор помеѓу Министерството за култура и фирмата „Еуро проект“ од Тетово склучен на 2 милиони евра.
Но, тука не престануваат да се трупаат анексите и непредвидените работи за овој објект. Во следната, 2009 година, се потпишуваат уште два договора. Едниот е анекс од 5.800 евра за „нарачка, изработка и откуп на основни проекти за сценски технологии“ со фирмата „Константа инженеринг“ од Белград, а околу 35 илјади евра се дадени на фирмата „Светлост театар“ ДОО за Изработка на проекти за градежна и архитектонска акустика.

Во 2010 година се потпишуваат нови договори за над 5 милиони евра. Договорите во најголем дел ги добива фирмата што го гради театарот, „Еуро проект“ од Тетово и српската „Светлост театар“. Станува збор за изработка на надворешната фасадна алуминиумска столарија, изведбен проект за објектот, поставување мермерна фасада, проект за внатрешно уредување итн.
Во 2011 година се набавуваат мебелот, опремата и осветлувањето за „Театар Велес“ од фирмата „Делта пром“ за цена од 1,7 милиони евра. Речиси половина милион евра чинат системите за греење, ладење, вентилација и климатизација, а партерното уредување достигнува околу 400 илјади евра.
Една година пред да се пушти театарот во употреба, од српската фирма „Светлост театар“ се набавуваат свечени и технолошки завеси за оформување на сценскиот простор за големата сцена и сценски специјални покривки за сума од околу 300.000 евра.
Во јуни 2014 година, министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска, присуствуваше на свеченоста по повод примопредавањето на новата театарска зграда „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.
Тогаш велешани влегоа во новиот театарски објект изграден на површина од 4.200 квадратни метри, кој располага со сала со капацитет од 370 посетители, како и мала сцена со можност да прими од 50 до 110 посетители.
Во декември истата година, на големата сцена на театарот се одигра и првата претстава, комедијата „Најважната работа на светот“, по текст на Братислав Димитров, а во режија на Љубиша Георгиевски. Првите столчиња беа резервирани за премиерот Никола Груевски, претседателот Ѓорге Иванов, министерката за култура Канческа – Милевска.
Но, тука не заврши и склучувањето на договорите за овој објект. Минатата година беа потпишани уште три договори за театарот, во вредност од над 700 илјади евра.
Повторно бил набавувани мебел и ентериерни работи за театарот, а минатиот месец потпишан е и нов договор за партерно уредување со фирмата „Делта пром“.
Последниот договор за театарот во Велес е од вчера – за 20.465 евра склучен е договор за набавка на опрема за одржување на костими и одржување на хигиена. Набавувани се машини за сушење, за перење и за хемиско чистење.
[ https://prizma.mk/teatarot-vo-veles-se-gradi-i-po-otvoraneto/ ]
17 мај 2018
ПРОКИСНАА НОВИОТ ТЕАТАР И НОВИОТ ПОКРИВ НА СПОРТСКАТА САЛА ВО ВЕЛЕС

Од поројните дождови кои неколку дена интензивно паѓаа во Велес прокисна новата театарска зграда како и спортската сала „Гемиџии“. Посебно лоша е состојбата со спортската сала, каде водата протекува на повеќе места, и на трибина кај публиката и на терен. Среќна околност е што деновиве таму немаше спортски настан. Водата се собира со кофи, но вработените никако да престасаат да ја соберат и исфрлат.
„Санацијата на кровот беше завршена пред половина година. За жал кровот и натаму протекува. Затоа на изведувачот веднаш му реагирав, бидејќи уште е под гаранција, да ги изведе неопходните работи и кровот и водата да не протекува“, рече Златко Гуцев, директор на ЈП „Парк спорт“, каде припаѓа салата „Гемиџии“.
Минатата година на 27 ноември, на примопредавањето претходниот директор Александар Табаков се пофали дека е решен крупен проблем со санирањето на кровот во салата кој протекуваше со години, откако таа беше пуштена во употреба од 1982. Санацијата ја изврши МЗТ „Инжинеринг Битола“ во вредност до 7,5 милиони денари и беше извршен технички прием. По шест месеци кровот повторно протече.
Протече и во една од просториите на новата зграда на Велешки театар, кој беше пуштен во употреба на крајот на декември 2014. Поточно во пералната, вчера вработените морале со кофи да ја собираат водата. Денес во просторијата уште беше присутна вода а по ѕидовите влага. Велешкиот театар е на турнеја по Бугарија и директорот и техничкиот директор не се достапни за коментар за ваквата состојба.
25 јуни 2018
ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР РАБОТИ БЕЗ ТЕХНИЧКИ ПРИЕМ, УТВРДИ ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
Државниот завод за ревизија констатирал повеќе неправилности при изградбата на новата зграда на Велешкиот театар, од извршената ревизија на Министерството за култура за 2016 година.
Изградбата на зградата на Велешкиот театар била со пробиени рокови, со нецелосна проектна документација и објектот работи без технички прием, утврдиле ревизорите.
Театарот во Велес кој започна да се гради во 2008 година, се отвори два пати во 2014 година кога се одигра и првата претстава.
„Од страна на носителот на набавката, Министерството за култура, извршени се градежни работи пред да се даде понуда и да се склучи договор за истите за објектот Театар Велес во Велес.
За објектот ‘ Театар Велес’ во Велес не е извршен технички преглед, извршен е само интерен технички преглед по фази на ден 02.06.2015 година со кој се констатирани повеќе забелешки и недовршени позиции. И покрај тоа театарот е пуштен е во употреба во јуни 2014 година, а на истиот се уште се извршуваат градежни работи“, пишува во документот.
Ревизијата утврдила неправилности и при набавката на опремата и инсталацијата од странски добавувач, при плаќањето на ДДВ.
Во документот, Државниот завод констатирал дека се спроведени повеќе постапки за јавни набавки и постапки со преговарање без објавување на оглас и склучени се договори по истите без притоа да се надмине законскиот услов од 30 отсто од вредноста на основните договори.
,,Големиот број на постапки со преговарање без објавување оглас за непредвидени работи создава ризик од необезбедување транспарентност, фер конкуренција и еднаков третман на понудувачите“, стои во ревизијата.
Ревизорите реагирааат и на изведување на работите пред да се даде понуда и да се склучи договор што не било во согласност со одредбите од Законот за јавни набавки и од договорите во кои е наведен рок од 60, односно 30 дена за извршување на работите од потпишувањето на договорот.
Тоа придонесувало за незаконско постапување при трошењето на буџетските средства со што се намалува можноста за приговор во случај на неквалитетно извршување на работите, бидејќи работите кои се предмет на договорот веќе биле извршени.
Користењето на објектот пред да се изврши технички преглед не е во согласност со одредбите на член 87 од Законот за градба и создава ризик за безбедноста на корисниците на објектот по вработените и посетителите, како и придонесува за незаконско постапување во постапката на давање во употреба на објект, објаснил ревизорот.
4 декември 2019
ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР НЕМА ПАРНО И ПРЕТСТАВИ, ДОСЕГАШНИОТ В. Д. ДИРЕКТОР ИВАНОВСКИ И МИНИСТЕРСТВОТО СЕ КАРААТ КОЈ Е ДИРЕКТОР
Десетина денови нема претстави на репертоарот на Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Последната комедијата „Одам на лов“ се одигра на 23 ноември и оттогаш сцената е празна. Нема официјална информација зошто актерите не играат. Неофицијално, нема греење, оти бил промашен терминот за набавка на гориво за затоплување на објектот.
На писменото прашање зошто нема претстави на репертоарот, в. д. директорот Александар Ивановски, кој е во Романија каде подготвува премиера на театарска претстава, вели дека му е истечен мандатот.
„Не сум во позиција да дадам официјален одговор. Истечен ми е мандатот“, напиша во пораката Ивановски.
Истото прашање, зошто нема театарска претстава во Велешки театар го испративме и до Министерството за култура.
„По истекувањето на мандатот од шест месеци до 30. 11 .2019 година, театарскиот режисер Александар Ивановски повторно е назначен за в. д. директор на Центар за култура ‘Јордан Хаџи Константинов Џинот-Велес’“, вели Нурџан Асановска, портпаролка во Министерството.
Овој документ не е стигнат до Велешкиот театар и до старо-новиот в. д. директор. Актерите не зборуваат јавно зошто нема греење, каде е проблемот, кој дозволи на почетокот на грејната сезона објектот да остане без мазут. Но, стравуваат кој ќе им потпише за да ја земат ноемвриската плата и кога ќе ја земат, бидејќи немаат в. д. директор.
При крајот на минатиот месец, требаше премиерно да се прикаже претставата „Сестрите Брозорови“, но досега тоа не се случи, а до крајот на годинава планирана е премиерата и на претставата „Сара“ и двете работени од сопствени средства.
Центарот за уметност и култура од Велес има и дигитален проектор за прикажување филмови, но бидејќи тој е расипан една година, велешани остана без можност пролетва да ја следат ревијата на Новиот германски филм, и да ги видат најновите македонски филмови „Врба“ на Милчо Манчевски, „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов и „ Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Митевска.
3 февруари 2021
ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАР ПАК ПРОКИСНУВА ПОСЛЕ ДОЖД, ОБЈЕКТОТ 7 ГОДИНИ НЕМА ТЕХНИЧКИ ПРИЕМ

Повторно прокиснува во зградата на Велешкиот театар. Протекува во фоајето како и во помошните простории. Дождовите од изминатиот период придонесоа водата да протече во внатрешноста на новата театарска зграда, слично како што се случи во мај 2018.
Сашо Димоски, в. д. директор на Театарот, ја потврди ваквата состојба и кажа дека преземаат мерки за санирање.
„Известено е Министерството за култура. Претходно кога протекувало, преземени биле одредени мерки, поради тоа сега е стеснет просторот каде се случува и не е драматично. Се работи на санирање на оштетувањата“ , кажа Димоски.
На прашањето дали во меѓувреме е извршен технички прием на новата зграда на Велешкиот театар, за реагираше Државниот завод за ревизија уште летото 2018, Димоски кратко ни одговори: „Сѐ уште не“.
„Користење на објектите без технички преглед не е во согласност со одредбите од член 87 од Законот за градење каде е утврдено дека градбата ќе се стави во употреба по извештајот од технички инженери, за да не се изложат на безбедносен ризик субјектите кои го користат објектот“, пишува Ревизорот во извештајот од 2018.
Новата театарска зграда во Велес започна да се гради во 2008, се отвори два пати во 2014 на 26 јуни кога се изврши примопредавање и на 20 декември 2014 кога се одигра и првата претстава. Театарот има две сали, големата е со капацитет од 370 седишта, додека малата од 120.
Првата претстава која се изведе на сцената од новиот театар беше „Најважната работа на светот“ работена по текст на Братислав Димитров, а во режија на ЉубишаГеоргиевски. Таа се одигра само три пати.
11 ноември 2021
НЕМА ПРЕТСТАВИ ВО ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР ОТИ СЕ ДОВРШУВА ИЗГРАДБАТА, ИАКО РАБОТИ СЕДУМ ГОДИНИ

Не се изведуваат претстави на сцената на Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Периодов Велешкиот театар гостува во други градови, но нема репертоар на матичната сцена. Од Велешкиот театар нема одговор на прашањата зошто нема претстави, но од Министерството за култура велат дека во тек се градежни работи за да се заврши изградбата на објектот.
„Согласно предвиденото во Годишната програма за инвестиции за 2021, се изведуваат завршни работи од изградбата на објектот за театарот во Велес. Овие работи опфаќаат одредени испитувања, завршни изведбени работи и одредени санации на настанати оштетувања во внатрешноста и надворешноста на објектот. Поточно, се вршат испитувања на електричната инсталација како и на автоматски дизел агрегат. Се испитуваат и сервисираат инсталациите за дојава на пожар, се испитува водоводната мрежа, се монтираат подземни пожарни хидранти, се изведуваат завршни работи на внатрешен водовоод и испитување на внатрешен водовод“, ни рекоа од кабиенетот на министерката за култура Ирена Стефоска.
Освен ова се вршат и лимарски работи, санација на покривни бакарни олуци, гипс-картонски и молерофарбарски работи. Според предвиденото во договорот, градежните работи кои се во тек треба да се завршат до крајот на месецов.
Државниот завод за ревизија во 2018 уврди дека Велешкиот театар работи иако нема технички прием. Во писмените забелешки објавени тогаш, меѓудругото пишува дека „За објектот ‘Театар Велес’ во Велес не е извршен технички преглед, извршен е само интерен технички преглед по фази на ден 02.06.2015 година со кој се констатирани повеќе забелешки и недовршени позиции. И покрај тоа, театарот е пуштен е во употреба во јуни 2014 година, а на истиот сѐ уште се звршуваат градежни работи“.
Министерството во одговорот за тековните активности појаснува дека цел е „завршување на изградбата на театарот“.
8 февруари 2026
СЕ САНИРА НАДВОРЕШНОСТА НА ЗГРАДАТА НА ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАР

Се врши санација на дел од надворешноста на зградата на велешкиот театар „Јордан Хаџи Констатнинов-Џинот“. Изминатиот месец се работи на кровната купола, олуците и партерот пред влезот на зградата. Градежните зафати се со цел подобрување на одведувањето на атмосферските води, спречување влага и заштита на објектот на подолг рок.
„Во тек се градежни работи кои опфаќаат демонтажа и замена на дотраените олуци, изведба на нова хидроизолација на куполата и санација на вертикалната хидроизолација во партерниот дел“, кажа Жарко Спасовски, директорот на театарот.
Реконструкцијата чини 800.000 денари, обезбедени од Министерството за култура, по барање на Велешкиот театар.
Зградата на Велешкиот театар беше предадена за користење во декември 2014 со претставата „Најважната работа на светот“ во режија на Љубиша Георгиевски, по текст на Братислав Димитров.
[ https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/se-sanira-nadvoreshnosta-na-zgradata-na-veleshkiot-teatar/ ]





