Новиот театарски храм, вториот дом на актерите се наоѓа на левиот брег на реката Вардар. Изграден е врз темелите на стариот театар поставени во 1927 година. Покрај основната функција што ја има театарот (драмата), тој воедно сам по себе претставува и музеј со оглед на орнаментиката претставена на ложите. Во внатрешноста е претставен дел од богатото македонско културно наследство кое воедно ќе биде презентирано и преку виртуелниот музеј.
Театарот е позициониран на вкупна површина од 7.200 метри квадратни, а аудиториумот е поделен на голема сала со вкупно 724 седишта и мала сала наменета за моно драми и камерни претстави со 213 седишта. Македонскиот народен театар ја поседува најмодерната и најсофистицирана техничка опрема во рамките на сценската технологија, движечки платформи, чиги, а целокупната сценска површина е изработена од модуларен тип со двојно дно итн. Акустиката е на завидно ниво. Однадвор театарот го има задржано својот автентичен изглед.
Што се однесува до орнаментиката, големата сала е орнаментирана со фрагменти кои се превземени од археолошки наоди во Македонија, фрагмент од иконостасот во Бигорскиот манастир и црквата Свети Спас во Скопје. На плафонот се претставени најрепрезентативни археолошки артефакти од 6 век п.н.е па се до 6 век од н.е. Во другите делови претставени се музите како заштитнички на уметноста и науката. Тука се претставени значајни мозаици, керамички садови, иконостаси, мермерни плочи итн. Сите тие датираат од 6 век п.н.е па се до 19 век. Најмногу детали се превземени од ранохристијанските капители во Хераклеа и Стоби, мермерните плочи од црквата Света Софија во Охрид, како и единствените и уникатни иконостаси во Македонија изработени од тајфата на Петре Филиповски - Гарката.



[ https://mnt.mk/za-mnt/mnt/objekt-mnt#eksterier ]
09/03/2026 12:52
МНТ доби 234 илјади евра за богатата програма и санација на објектот
Околу 234 илјади евра (14.473.499 денари) доби МНТ од Министерството за култура и туризам за реализација на годишната програма.Во однос на минатата година, буџетот за МНТ е зголемен за 56 проценти, соопшти денеска на прес-конференција директорот Никола Кимовски. Од лани, Министерството доделува делегиран буџет на повеќе национални установи.
Покрај премиери, копродукции, гостувања и отвореност за младите актери и независната сцена, со фокус кон зајакнување на малата сцена и патувачкиот театар, во оваа година МНТ доби и повеќе средства за санација на објектот.
Техничкиот директор на МНТ Гунтер Кубе на прес-конференцијата рече дека оваа година е драстично зголемен буџетот со што ќе се решаваат долгогодишните проблеми на МНТ – ќе се санираат левото и десното фоаје оштетени од прокиснувањето од терасите на објектот.
-Годинава треба да се доврши северната тераса што ја почнавме минатата година. Вторпат, меѓутоа овој пат многу посериозно, со изготвен проект бидејќи наидовме на многу кочници од градежната фела од која очекувавме поинаку да се постави кон задачите што ги добива и за кои имаме договори. Планот е таа тераса да се заврши до крајот на јуни, а во меѓувреме се планира и отпочнување на јужната тераса, која е исто така оштетена уште од примопредавањето на објектот. Но бидејќи е на јужна, потопола страна, тие проблеми се помалку изразени. Планираме и таа да се заврши, а воедно и ентериерот зашто покрај надворешноста треба да се заврши работата и внатре, рече Кубе.
[ https://nezavisen.mk/mnt-dobi-234-iljadi-evra-za-bogatata-programa-i-sanacija-na-objektot/ ]
9 март 2026
ВТОРПАТ СЕ САНИРА СЕВЕРНАТА ТЕРАСА НА МНТ ОД КАДЕ ТЕЧЕ ВО ФОАЈЕТО

По вторпат се санира северната тераса на објектот на Македонскиот народен театар (МНТ), кажа денеска техничкиот раководител Гунтер Кубе. Директорот на МНТ, Никола Кимовски, денеска одржа прес-конференција, на која ги соопшти делегираниот буџет од над 230.000 евра од Министерството за култура и туризам и планираните проекти.
Северната тераса со години прокиснува и под неа има кофа, на десната страна од фоајето. Објектот во центарот на Скопје, како дел од проектот „Скопје 2014“, беше отворен во 2013 и чинеше 40 милиони евра.
„Годинава треба да се доврши северната тераса. Ја започнавме минатата година по вторпат, меѓутоа овојпат многу посериозно, со изготвен проект, затоа што ние во суштина не сме градежна оператива, стручни сме за многу подруги работи од оваа. Наидовме на многу кочници и непознаници, најмногу од градежната фела, која очекувавме дека поинаку ќе се поставува кон задачите што ги добива и за кои имаме договори. Така што, вторпат се работи таа тераса, овојпат многу посериозно“, кажа Кубе.
Се планира да се заврши до крајот на јуни, а во меѓувреме се планира почнување на другата, јужна тераса, која, како што рече Кубе, е исто така оштетена уште од примопредавањето на објектот.
„Меѓутоа, бидејќи е на јужна страна, едноставно е потопло и помалку се изразени тие проблеми. Планираме и таа да се заврши и воедно ентериерот, затоа што многу е битно да се заврши надворешноста за да не се трошат средства, а да не е завршена работата одвнатре. Оваа година имаме драстично зголемување на буџетот за санација на тие проблеми и се надевам дека конечно ќе имаме две куполи. И искрено се надевам дека средствата што оваа година Министерството за култура и туризам ги обезбеди, догодина ќе ги искористиме за нешто сосема друго“, додаде Кубе.
[ https://sdk.mk/index.php/kultura/vtorpat-se-sanira-severnata-terasa-na-mnt-od-kade-teche-vo-foajeto/ ]
Тринаесет години откако беше пуштен во употреба и по многу проблеми со прокиснувањето, старо-новиот барокен Македонски народен тетар (МНТ) почнува со темелна санација.
Тендерот од над 560 илјади евра го доби фирмата „Мартин инженеринг.“ За тие пари, фирмата, во рок од три месеци, треба да ги санира двете тераси на јужната и на западната страна на објектот, да го санира ентериерот, да ги репарира столчињата и да го замени теписонот.
Според тендерската документација, станува збор за темелен зафат, кој практично ќе ги „соголи“ терасите, ќе се отстрануваат сите површински слоеви за да се дојде до бетонската плоча. Во спецификацијата пишува дека ќе се демонтираат, кршат и ќе се отстрануваат пристапните скали поставени на фасадниот дел од терасата, а ќе се поставува и нова хидроизолација.
За да се задржи постојниот изглед, ќе се поставуваат столпчиња и декоративни елементи за излупената ограда со слоеви од стиропор. Во документацијата пишува дека т.н. „балустради“, односно елементи за оградата, треба да се изработени од лесен материјал и да бидат заштитени со полиакрилна и боја што не пропушта вода.
Постојниот спуштен гипсен плафон, на една од позициите во театарот ќе се демонтира и ќе се реконструрира повторно. И молерисувањето на ѕидовите треба да го задржи постојниот изглед, односно да биде со „боја, ефект свилен цветен ефект со светлосен отсјај – боја и нијанса иста како постојната или еквивалент.“
Изведбата треба да биде според цртежите, техничките спецификации, препораките на производителот, но одобрување треба да даде и надзорниот орган на МНТ.
Освен овие поголеми интервенции, ќе се вади стариот теписон и ќе се става нов, а ќе се репарираат и 700 столчиња поради тоа што се амортизирани.
Изведувачот треба две години да гарантира за изведбата.
Директорот на МНТ,Никола Кимовски,за БИРН, потврди дека со градежните работи почнуваат деновиве и дека очекува со новата театарска сезона работите да завршат и да се искористи летниот период за градежните интервенции во кој театарот не работи.
Според Кимовски, станува збор за темелно решавање на проблемите што ги има објектот, како во надворешниот дел, така и ентериерно.
БИРН, уште во 2020 година пишуваше дека МНТ, кој чинеше речиси 40 милиони евра, се соочува со сериозни проблеми со прокиснувањето.
Во фоајето, со години, стоеше огромна црна кофа, во која се собира вода, на плафонот имаше огромна дупка со изваден лустер, излупени ѕидови од влага и кабли што висат. Имало обиди да се санираат проблемите, но тие најчесто биле половични.
Театарот, кој беше дел од проектот „Скопје 2014“, го градеа повеќе фирми, но најмногу договори за градење добија штипски „Бетон“, „Страбаг АГ“, „Ламоне Мореда“ и „Конструктор.“
https://prizma.mk/nad-pola-milion-evra-za-popravki-na-barokniot-mnt/
