Оваа нишка е наменета за проекти поврзани со телекомуникациски оператори,најави за изградба на дата центри и останати актуелности поврзани со примена на вештачка интелигенција.
МАКЕДОНИЈА ЌЕ ДОБИЕ ФАБРИКА ЗА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА „ВЕЗИЛКА“, ЌЕ СЕ РАЗВИВААТ АЛАТКИ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК
Македонија ќе добие национална фабрика за вештачка интелигенција „Везилка“. Со проектот кој беше промовиран денес, Македонија станува дел од европската мрежа на центри за вештачка интелегенција и добива пристап до најсовремена инфраструктура за развој на вештачка интелигенција, европски суперкомпјутери и нови можности за истражување и иновации. Проектот го спроведува Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје во соработка со Министерството за дигитална трансформација.
Проектот чини 6,5 милиони евра, од кои 1,5 милиони евра се државни средства, 1 милион евра се обезбедени од факултетите, а остатокот е финансиран од Европската Унија.
„Ова не е проект за компјутери. Ова е проект за луѓе. Ова е инвестиција во нашите студенти, истражувачи, инженери и претприемачи. Инвестиција во знаење, во конкурентна економија и во иднина во која македонските таленти ќе создаваат и успеваат дома. Особено сум горд што преку ‘Везилка‘ ќе работиме на развој на македонски јазични модели, затоа што во дигиталната ера и нашиот јазик, култура и идентитет мора да имаат свое место во технологиите на иднината. Денес поставуваме темели Македонија да биде држава што не само што ги користи новите технологии, туку активно учествува во нивното создавање“, рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на промоцијата на „Везилка“.
„Везилка“ се реализира преку стратешко партнерство со грчката фабрика за вештачка интелигенција „Фарос“ (Pharos), со што земјата се вклучува во европскиот екосистем за развој на доверлива и иновативна вештачка интелигенција. За „Везилка“ се обезбедени околу 6 милиони евра финансиска поддршка од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“ и иницијативата ЕуроХПЦ, а е кофинансиран од Министерството за дигитална трансформација и факултетот ФИНКИ кој е носител на проектот.
Целта на проектот е да обезбеди пристап до европска инфраструктура за вештачка интелигенција и напредни суперкомпјутерски капацитети, што би им овозможило на домашните истражувачи, универзитети, стартап компании и бизниси да развиваат нови производи и услуги со поголема додадена вредност во воспоставувањето на центарот се отвора можност македонската научна и технолошка заедница да работи на проекти кои можат да бидат конкурентни на европско и глобално ниво. Особено значаен сегмент е развојот на модели на вештачка интелигенција и дигитални алатки на македонски јазик, што треба да придонесе за поголемо присуство на јазикот во современите дигитални технологии.
Во Македонија дневно се прават 6,7 милиони повици, телефонот ѕвони 78 пати во секунда
Апликациите за пораки и интернет-разговори одамна се дел од секојдневието, но класичниот телефонски повик и понатаму убедливо се држи. Во Македонија во текот на 2025 година преку мобилните мрежи биле направени 2,448 милијарди повици, покажува најновиот извештај на Агенцијата за електронски комуникации.
Тоа значи дека во просек се правеле околу 6,7 милиони повици дневно, приближно 280.000 на час, повеќе од 4.600 во минута или околу 78 повици секоја секунда.
Македонците лани поминале и огромно време во телефонски разговори. Вкупното времетраење на повиците достигнало 5,37 милијарди минути, што е за 1,48 отсто повеќе од една година претходно.
На дневно ниво тоа се околу 14,7 милиони минути разговор. Ако сите разговори направени во еден просечен ден се спојат во еден, би траеле приближно 28 години.
Еден повик во просек траел околу 2,2 минути, а еден активен мобилен претплатник во текот на месецот иницирал во просек 102 повици, односно нешто повеќе од три дневно.
Интересно е што и класичната СМС-порака сè уште има свое место. Во 2025 година биле испратени 173,3 милиони СМС-пораки, или околу 475.000 дневно. Сепак, нивниот број за една година се намалил за 13,24 отсто, што покажува дека дел од комуникацијата сè повеќе се префрла на интернет-апликациите.
Бројот на самите повици, пак, останал речиси непроменет. Во 2024 година биле направени 2,462 милијарди повици, а во 2025 година 2,448 милијарди, што е пад од само 0,58 отсто. Истовремено, времето поминато во разговор пораснало.
На крајот од 2025 година во Македонија имало 1.992.046 активни мобилни претплатници, што е за 0,82 отсто повеќе од претходната година.
Податоците се дел од најновиот Годишен извештај за развој на пазарот на електронски комуникации, кој АЕК го објави овој месец.
Советот на Општина Пехчево гласаше против изградбата на дата-центар во градот
Одбрана локацијата за Националниот дата-центар: ќе се гради во близина на главниот град
Избрана е потенцијалната локација за изградба на Националниот дата-центар, кој најверојатно ќе биде сместен во близина на технолошко-индустриските развојни зони Скопје 1 и Скопје 2.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека локацијата е избрана поради близината до Скопје, автопатот и оптичката инфраструктура. Станува збор за парцела на која нема плодно земјиште, а има и доволно простор за евентуална изградба на фотонапонска централа, преку која во иднина би можел да се обезбедува дел од електричната енергија за центарот.
„Најверојатно центарот за податоци ќе биде сместен таму“, изјави Андоновски.
Проектот е проценет на 20 милиони евра, од кои 70 отсто се предвидени за изградба на објектот, а 30 отсто за опремата. Дел од финансирањето треба да биде обезбедено како грант, додека Владата во моментов бара меѓународна финансиска институција за преостанатиот дел.
Претходно биле водени разговори со Светската банка, но според Андоновски, таа нема да може да го финансира проектот поради неусогласеност со барањата на Европската Унија. Владата сега разговара со повеќе потенцијални финансиери, меѓу кои и Банката за развој на Советот на Европа. Изградбата, од почетокот на работите до пуштањето во употреба, би траела околу две до две и пол години.
Центарот ќе биде изграден како модуларна инфраструктура, што ќе овозможи негово постепено проширување. Тоа треба да остави простор за дополнителна опрема, колокација на системите на државните институции и идни потреби поврзани со вештачката интелигенција.
Посебен предизвик претставува цената на хардверот. Поради огромните глобални инвестиции во вештачка интелигенција и дата-центри, цените на дел од опремата значително пораснаа. Владата планира набавката на опремата да се реализира во периодот 2027–2028 година, со очекување дека тогаш цените ќе се стабилизираат.
По изградбата на Националниот дата-центар ќе следи постепена миграција на податоците и информациските системи на државните институции. Целта е да се намали зависноста од големиот број одделни серверски локации, да се зголеми сигурноста на државната инфраструктура и да се подобри заштитата од сајбер-напади.
Во моментов државата има резервен дата-центар во Прилеп, кој е под надлежност на Министерството за внатрешни работи.

