15/07/2014
Поставен камен-темелникот на зградата за Државен завод за ревизија и Геолошки завод
Денеска на местото на старата зграда на Геолошкиот завод, почна да се гради новиот објект на Државниот завод за ревизија и Геолошкиот завод.
Објектот ќе се гради на површина од околу 7.000 метри квадратни и ќе се состои од подрум, приземје и шест ката, од кои најголем дел ќе припаднат на Државниот завод за ревизија, помал дел на Геолошкиот завод, а дуќаните во приземјето ќе бидат во сопственост на ПУИК. Изградбата на објектот ќе чини околу 430 милиони денари или седум милиони евра, а се очекува да биде завршен за две години.
Премиерот Никола Груевски на поставувањето на камен-темелникот кажа дека и двете институции ќе бидат сместени во новата зграда, a кои во минатото немаа свој објект за функционирање и се соочуваа со неможност за развој и унапредување на својата дејност.
Главниот државен ревизор Тања Таневска посочи дека денеска почнува реализацијата на една од главните цели на Државниот завод за ревизија токму во годината кога институцијата ја слави 15-годишнината од своето успешно функционирање.
„Со тоа симболиката на овој чин добива на значење и за наше натамошно поуспешно работење во функција на заштита на интересите на нашите граѓани“, изјави Таневска.
Државен завод за ревизија, Геолошки завод и АД за стопанисување со станбен и деловен простор (Палата Емануел Чучков)

Новиот административен објект што се гради на местото на некогашниот Геолошки завод на улица „Бихаќка“, е во доминантниот архитектонски израз на „Скопје 2014“.
Идејниот и основниот ревидиран проект за оваа зграда, која е именувана како Палата „Емануел Чучков“ ја подготви фирмата за инженеринг и градежништво „Архитектоника“ од Скопје, според идејното решение на Жарко Чаушевски.
Новото барокно здание се состои од приземје и шест ката и ќе биде високо 25 метри. Во него ќе се сместат Државниот завод за ревизија, Геолошкиот завод и Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.
Клучната аргументација за овој објект е потребата на државните институции да имаат свој простор за да не се одлеваат средствата од буџетот за закуп.
На поставувањето на камен - темелникот во 2014 година, присуствуваше премиерот Никола Груевски кој рече дека новата зграда ќе претставува уникатно архитектонско здание и ќе даде нова естетска убавина на македонската метропола.
Планираниот административен, деловен и комерцијален простор ќе биде со површина од над 8 илјади квадратни метри. Тој веќе чини над 7 милиони евра, а предвидено е да биде завршен во 2016 година.













