Кон содржината
Градба.мк Градба.мк
Известувања
Исчистете ги сите

Зоолошки градини

7 Написи
1 Корисници
5 Реакции
4 Прегледи
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема   [#1136]

Оваа нишка ги опфаќа сите теми и актуелности поврзани со Зоолошките градини низ државата поточно во Скопје,Битола и Штип



   
Цитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

Најстарата зоолошка градина на Балканот – Скопје ЗОО

Зоолошката градина Скопје е формирана во 1926 година, од страна на тричлена комисија со која раководел д-р Станко Караман, биолог и доктор по зоологија од Сараево. Истата 1926 година е предложено денешното место за локација на Зоолошката градина. Во тоа време опфаќала 4 (четири) хектари површина, а градината располагала со скромен број на животни, кои претежно биле добиени како подарок од други зоолошки градини и поединци од Балканот и Европа. Во исто време биле отворени и Природно-научниот музеј, кои до извесен период функционирале како една организација, биле изградени и Градскиот парк и Ботаничката градина. Со ова Скопје станал првиот град во тогашните Балкански простори, кои имале ваква природно-научна и зоо структура.

Нов урбанистички план
Со решение на Градско собрание во 1965 година и со донесувањето на елаборатот во 1966 година за ново урбанистичко решение, Зоолошката градина Скопје го добива денешниот изглед.
Денес, градината е сместена на површина од 12 хектари и располага со 603 животни, од кои: 277 птица од 31 вид; 281 цицач од 46 видови; риби 12 единки од 1 вид; и 32 влекачи од 10 вида. (декември 2022 година).
Основни дејности на градината се: културна, образовна и научна, а нејзина основна цел е да ги чува, одгледува и презентира живите експонати и истите да ги направи достапни за пошироката јавност.
ЗОО Скопје и сите вработени постојано водат грижа за благосостојбата на животните и унапредување на нивниот животен простор а во исот време се грижт за најбројните посетители, децата со организирање на разни едукативни и забавни активности.

Под надлежност на Град Скопје
Со текот на годините Градината се проширувала и се зголемувала колекцијата на животни. Денес Градината е лоцирана на површина од 12 хектари, и располага со колекција од 495 животни од 96 видови (цицачи, птици, влекачи). Располага со економски дел, работилница, ветеринарна амбуланта, забавен парк за деца, едукативен центар.
Во Градината има 50 вработени и 7 волонтери. Од 1926 до 1991 година Зоолошката е под надлежност на Градот Скопје.

Под надлежност на
Министерството за Културата на РМ
Од 1991 до 2005 Зоолошката градина на град Скопје преминува во надлежност на Министерството за Култура на Република Македонија.
Со префрлање на надлежностите од централната управа на Министерството за Култура на РМ, од 01.09.2005 Зоолошката Градина на Скопје е повторно под надлежност на Град Скопје.

[ https://zooskopje.com.mk ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

Зоолошката Градина е основана во 1951 година од страна на група ентузијасти и љубители на животинскиот и растителниот свет од градот Битола. Неколку години по нејзиното формирање, заради специфичноста и важноста на нејзината мисија, Зоолошката Градина преминува под директна надлежност на органите на тогашната државна управа.

Во текот на своето постоење, Зоолошката Градина ја следи својата мисија да го зачува постоечкиот национален и интернационален животински и растителен биодиверзитет, преку негова презентација, одгледување и конзервација.

Наметнато од потребата за константно прилагодување на средината што се менува, Зоолошката Градина низ годините што поминале, неретко го менувала својот изглед, содржини или услуги што ги нуди. Во тој процес на промени, Зоо Битола секогаш останала верна и доследна на својата цел, односно преку добробитта на животните кои ги чува и негува, да даде придонес кон зачувувањето на биодиверзитетот, но и да ги задоволи потребите на своите посетители.

Една од најголемите промени во целокупното реаботење на Зоо Битола се случи во текот на 2011 година. Имено, за прв пат во историјата на работењето на оваа институција беше изработена техничка документација за нејзина комплетна реконструкција. Со ова, во суштина беше започнат процес кој целосно ќе го промени ликот на оваа институција. Техничката документација предвидува нови 26 живеалишта и останата комплементарна инфраструктура: едукативен центар, пешачки патеки, видиковец, детски парк, ресторан, сервисна зона.

Техничката документација е во целосна согласност со строгите барања на Европската Унија во делот на чувањето на диви животни во заробеништво (Council Directive 1999/22/EC of 29 March 1999 on the keeping of wild animals in zoos), но и со барањата на Европската Асоцијација на Зоолошки Градини и Аквариуми (ЕАЗА), како најрелевантна институција на европско тло од овој вид.

Покрај техничката документација, за прв пат во историјата на постоењето на Зоо Битола изработена е Едукативна програма за маркетинг и промоција на Градината, која преку двегодишен акциски план треба да го зголеми бројот на посетители на Зоо Битола и да и ја подобри комуникацијата со надворешни сродни институции.

Во текот на 2011 година, Зоо Битола поднесе апликација за членство во ЕАЗА. Благодарение на претходно превземените активности, на последната седница на Советот на ЕАЗА одржана на 26 април 2012 во Минхен, Германија со консензус беше донесена одлука на Зоо Битола да и се додели статус “Зоолошка Градина – кандидат за член во фаза на реконструкција”.

Битолската Зоолошката Градина е сместена е во прекрасна природа на падините на Тумбе Кафе и заради карактеристиките на својот терен, Градината има оригинален и нетипичен "ридско – планински” изглед.

Зоолошката има вкупна површина од околу 2 хектари квадратни, бројка што според модерните светски стандарди ја сместува во категоријата на мали зоолошки градини.

Зоо Битола има матично стадо составено од повеќе од 30 различни видови на животни, со повеќе од 400 нивни претставници.

Во Зоолошката Градина работат вкупно 14 вработени кои се задолжени за секојдневна грижа, одгледување, нега односно севкупно подобрување на “престојот” на животните-резиденти.

Зоолошката Градина работи под надлежност на Советот на Општината Битола.

[ https://www.zoobitola.mk/about.php ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

ШТИПСКАТА ЗООЛОШКА ГРАДИНА ДОБИ НОВИ ШЕСТ ЖИВОТНИ

Со нови шест животни, штипскиот ЗОО парк сега располага со 25 различни видови животни и со вкупен животински фонд од 500 единки. Најнови жители се ему, една од најголемите австралиски птици, лемур, белоносен коати од семејството ракуни, бодликави и виетнамски прасиња и еден волк.

„За сите нови жители во паркот направивме нови живеалишта, адаптирани и со зелени површини, а за некои посебни видови инсталирани се клима уреди поради нивната чувствителност на временските прилики. Старите живеалишта ги обновуваме и редовно ги одржуваме. Од последните животни што беа набавени се мајмунчињата, кои од нивното доаѓање пред неколку години се постојана атракција за најмладите посетители. Очекуваме,внимание да предизвикаат и најновите животни, кои се во групата на ретки во светот“, вели Александар Арсовски, директор на ЈП„Исар“, во чии рамки работи ЗОО паркот.

„Од основањето на ЗОО паркот пред десетина години влезот е бесплатен и секојдневно бројот на посетители се зголемува, не само од Штип, туку и од останатите градови во Источна Македонија и пошироко. Посетеноста се зголемува и затоа што пред една година во непосредна близина на ЗОО паркот се отвори Дино паркот, кој исто така бележи сѐ поголема посетеност“, велат од Комуналното претпријатие и додаваат дека соработуваат со зоолошките градини во Скопје и Битола.

На велигденските празници во месноста Бриони секој ден ќе има велигденски хепенинг.

[ https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/shtipskata-zooloshka-gradina-dobi-novi-shest-zhivotni/ ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

Зоолошката во Скопје полни 1 век, еве како сѐ почна

Зоолошката градина во Скопје во 2026 година влегува во својот прв век постоење, како една од ретките градски институции што ја преживеале речиси целата модерна историја на градот: од Скопје меѓу двете светски војни, преку земјотресот од 1963 година, до денешните расправи за тоа како треба да изгледа современа зоолошка градина.

Нејзината приказна почнува во 1926 година, кога била формирана од тричлена комисија со која раководел д-р Станко Караман, биолог и доктор по зоологија од Сараево. Истата година била предложена и локацијата во денешниот Градски парк, на простор од околу четири хектари, со скромен број животни добиени како подарок од други зоолошки градини и од поединци од Балканот и Европа.

Во почетокот, Зоолошката не била замислена како обично место за разгледување животни. Таа се појавува во ист историски пакет со Природно-научниот музеј, Градскиот парк и Ботаничката градина.

Во официјалниот историјат на ЗОО Скопје се наведува дека овие институции извесен период функционирале како поврзана природно-научна целина, со што Скопје добило редок урбан и образовен простор за тоа време.

Главната фигура зад таа идеја бил Станко Лука Караман, научник чија работа одамна го надминува само основањето на Зоолошката. Тој во Македонија дошол во 1924 година, истражувал риби и други животински групи, објавил повеќе од 120 научни труда, а во неговите описи на видови и подвидови често се појавуваат имињата Македонија, Вардар и македонските планински масиви. Караман опишал повеќе од 60 вида и подвидови и е основач на музејските списанија „Acta“ и „Fragmenta balkanica“.

Еден од куриозитетите е што ЗОО Скопје често се нарекува најстарата зоолошка градина на Балканот, но регионалниот контекст бара попрецизна формулација. Софиската зоолошка градина ја води својата официјална историја од 1888 година, а Загрепската зоолошка градина е отворена во 1925 година, една година пред скопската.

Затоа, најточно е да се каже дека скопската Зоолошка е меѓу најстарите зоолошки градини во регионот и една од најстарите јавни природно-научни институции во Македонија.

По Втората светска војна и особено по земјотресот од 1963 година, Зоолошката влегла во нова фаза. Со решение на Градското собрание во 1965 година и со урбанистички елаборат од 1966 година, таа го добила основниот просторен облик што го има и денес.

Од првичните четири хектари, градината подоцна се проширила на околу 12 хектари, со што станала еден од најпрепознатливите делови на Градскиот парк.

Нејзината институционална историја исто така се менувала. Од 1926 до 1991 година Зоолошката била под надлежност на Град Скопје, од 1991 до 2005 година преминала под Министерството за култура, а од 1 септември 2005 година повторно е под надлежност на Град Скопје.

Тоа ја прави една од оние установи чиј развој секогаш зависел од тоа како градските власти ја разбираат нејзината функција: како рекреативен простор, како образовна институција, како туристичка атракција или како центар за грижа за животни.

Во јавната меморија на Скопје, Зоолошката не се памети само по институционални датуми, туку и по животни што станале дел од градските приказни. Еден од најпознатите примери е шимпанзото Коко, кое во 2009 година било испратено на ресоцијализација во Холандија поради анксиозност, депресија и несоодветни услови за живот.

По десет години се врати во Скопје, заедно со други шимпанза, во ново живеалиште направено според повисоки стандарди.

Сличен градски момент се случи и во 2018 година, кога по 26 години во скопската Зоолошка повторно пристигнаа слонови. Слониците Дуња и Даела беа донесени во ново живеалиште, а според СДК, повеќе од 10.000 граѓани дошле да ги видат новите жители на градината.

Во 2024 година Дуња беше евтаназирана поради старост и болест, на околу 60-годишна возраст.

Периодот по 2008 година беше еден од повидливите обиди ЗОО Скопје да се приближи до европските стандарди. Во јавноста тогаш се зборуваше за реконструкции, нови живеалишта, подобрени услови и соработка со Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми. Но тој процес не се движеше линеарно.

Во 2023 година СДК објави дека скопската Зоолошка го изгубила кандидатскиот статус за членство во ЕАЗА, поради неисполнети обврски, прекин во комуникацијата и стагнација во изминатиот период.

На поновата мапа на Зоолошката се појави и Дино паркот, отворен во 2021 година веднаш до градината. Според Град Скопје, паркот се простира на 2.000 квадратни метри и има 41 реплика на диносауруси од креда и јура, дел од нив во природна големина, со синхронизирани движења и звуци. Таа содржина ја прошири Зоолошката кон нов тип семејна и едукативна атракција.

Во октомври 2024 година ЗОО Скопје се најде во фокусот по појавата на високопатоген сој на птичји грип H5N1 кај угината гуска во езерцето.

Агенцијата за храна и ветеринарство нареди мерки за надзор, дезинфекција и ограничување на движењето, а градината беше затворена за посетители 21 ден. Беа отстранети 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка што биле на истата локација.

Денес ЗОО Скопје се претставува како институција со колекција од десетици видови животни, едукативен центар, ветеринарна амбуланта, забавен дел за деца и простор што треба да се движи кон современ модел на работа.

На официјалната страница се наведува дека градината располага со животни од 96 видови, додека во поновите изјави на установата се спомнуваат околу 500 животни и 85 видови, зависно од моменталниот пресек на колекцијата.

Новата стратегија што беше најавена во 2025 година повторно ја врати темата за модернизација, ЕАЗА-стандардите, подобри живеалишта, ветеринарна грижа, безбедност и едукативна улога на Зоолошката.

Според најавите од Град Скопје, целта е градината да се развива како центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните, со можност за нови содржини, вклучително и центар за хипотерапија.

Затоа историјата на скопската Зоолошка не е само приказна за животни во Градскиот парк. Таа е приказна за тоа како Скопје ја замислувало природата во градот, како ја градеше јавната култура околу децата, науката и рекреацијата, и како една институција од четири хектари и неколку подарени животни стана место што го паметат генерации скопјани.

[ https://racin.mk/vesti/zooloshkata-vo-skopje-polni-1-vek-eve-kako-sѐ-pochna/ ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

Слоницата каменувана од ученици од средното угостителско училиште „Лазар Танев“

Група ученици од средното угостителско училиште „Лазар Танев“, при посетата на скопската Зоолошка градина, фрлале камења по слоницата, додека професорите пиеле кафе во кафетерија во градината и не реагирале.

Ова го објави зоонегувателот Виктор на „Фејсбук“.

– Група ученици од средното угостителско училиште „Лазар Танев“ фрлаа камења кон слоницата, додека нивните професори седеа на кафе во кафулето. Не сакам да генерализирам – не се сите деца исти, ниту сите професори се неодговорни, но вакви поединци оставаат лоша слика и, уште полошо, им нанесуваат стрес и штета на животните што се под наша грижа. Како зоонеговател, секојдневно гледам колку овие суштества се чувствителни и интелигентни. За нив, ова не е игра – сподели тој.

Во објавата тој вели дека за инцидентот бил информиран и директорот на училиштето и дека тој „изреагирал“ и изразува надеж дека ќе има некакви реперкусии за ваквото однесување.

Упати апел до сите: „Научете ги децата дека животните не се цел за забава, туку живи суштества што заслужуваат почит“.

[ https://www.vecer.press/sloniczata-kamenuvana-od-ucheniczi-od-srednoto-ugostitelsko-uchilishte-lazar-tanev/ ]



   
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

Волци успеале да побегнат од живеалиштето во Скопје ЗОО, па изеле кенгури и ему птици

Сериозен инцидент се случил во Зоолошката градина во Скопје, откако белите волци наводно избегале од своето живеалиште и усмртиле неколку животни и птици, објави порталот „Петс.мк“.

Според информациите кои ги објави порталот, инцидентот се случил во саботата, кога белите волци наводно успеале да ископаат дупка под оградениот простор и да излезат од живеалиштето.

Како што пишува „Петс.мк“, при бегството волците нападнале и усмртиле четири кенгури и неколку ему птици, а според нивните извори, на вработените во Зоолошката градина им биле потребни неколку часа за да ги пронајдат и повторно да ги вратат животните во нивното живеалиште.

Од Зоолошката градина во Скопје засега нема официјална потврда или соопштение за настанот.

[ https://nezavisen.mk/volci-uspeale-da-pobegnat-od-zhivealishteto-vo-skopje-zoo-pa-izele-kenguri-i-emu-ptici/ ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
Сподели: