Оваа нишка ги опфаќа сите вести поврзани со депонирање,складирање и несоодветно постапување со опасен(токсичен) отпад,опасни хемикалии и слични видови на материи кои влијаат на загадување на водата,воздухот и влијаат на здравјето на населението а за жал со децении опстојуваат во населени места ширум државата.
16 февруари 2026
Тони опасна прашина се разлева на плац зад „Макстил“
Стотици џамбо вреќи полни со опасна филтерска прашина од челичарницата „Макстил“ се оставени на отворен плац близу фабриката, во кругот на поранешната скопска Железарница. Дел од вреќите што со години стојат таму се отворени, оштетени или скинати, а од некои половина материјал е истурен.
Станува збор за прашина што содржи тешки метали, поради што е класифицирана како опасен отпад. Се создава при топењето старо железо за производство на челик, а филтерскиот систем служи за да ја собере и да го спречи нејзиното ширење низ воздухот. Ова е наложено во А-интегрираната еколошка дозвола што компанијата ја поседува повеќе од пет години и без која не може да работи.
Постапувањето со овој отпад не соодветствува секогаш со правилата пропишани во А-дозволата, според кои, прашината треба да се чува, или во складиште, или во добро затворени вреќи, и да не останува подолго од 36 месеци, туку да се даде некаде на обработка.
Државниот инспекторат за животна средина, кој е должен да контролира дали се исполнуваат условите од А-дозволата, досега не утврдил проблем. Компанијата тврди дека, без оглед на пропустите во чувањето, во нивните редовни испитувања нема забележано загадување. Експертите што ги консултираше БИРН, пак, предупредуваат дека ризиците за почвата, водите и за воздухот се реални.
Тешки метали во вреќи

Филип Иванов е инженер, кој речиси 25 години работи на проекти во животната средина, во приватниот сектор и во државните органи. Четири години беше и директор на Управата за животна средина, стручно тело на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Како прв човек на Управата, пред петнаесетина години, преговараше за условите што оваа компанија треба да ги исполни за да добие А-дозвола. Еден од клучните беше да го постави филтерот за прашина.
Иванов живее на помалку од еден километар од отворениот плац, на кој „Макстил“ сега ја чува токму таа прашина.
„Ова е страшно! Сум одел во многу постројки низ светот, но ваков начин на депонирање филтерска прашина досега не сум видел“, вели тој, коментирајќи ги снимките што БИРН ги направи од скинати, оштетени и истурени вреќи.
Филтерската прашина е отпад што содржи цинк и други материјали (често се нарекува и цинкова прашина). Може да се преработува и од неа да се добијат вредни суровини. Но, „Макстил“ нема таков капацитет поради што му е дозволено да ја чува најмногу 36 месеци и да бара партнери што ќе ја откупат.
Купиштата џамбо вреќи со прашина се наоѓаат на околу 500 метри од погонот. Екипа на БИРН двапати го посети местото. Нема обезбедување, па до него слободно може да се стигне.
Вреќите се наредени една врз друга, по три-четири реда во секој куп, со оставен простор за возила меѓу нив. Некои се означени со цифри, на други, или нема, или не им се гледаат ознаките. На ниедна не го видовме специфичниот код 10 02 07*, со кој се обележува овој опасен отпад.
Просторот околу вреќите, како пристапните патеки, е покриен со материјал со иста боја и форма, што укажува дека прашината се расфрла наоколу.
Сателитските податоци од Гугл покажуваат дека од 2020 до март 2025 година, од кога датира последната снимка, површината постојано се зголемува. На теренот се гледа мало намалување годинава.
Независна компанија најмена од „Макстил“ неодамна ги мерела површините на целиот индустриски отпад од челичарницата, која, освен филтерска прашина, опфаќа и неопасни материјали, како троската и коварината, кои се чуваат на целосно отворен простор. Таа утврдила дека цинковата прашина е распослана на 8.988 квадратни метри. Ова, за БИРН, во разговор го соопшти директорката на „Макстил“, Марија Дуковска-Павловска.
Тоа е површина нешто поголема од едно стандардно фудбалско игралиште, покриено со слој од два-три метри опасен отпад.
Најдобрите практики и реалноста
Не добивме податок за точните количества филтерска прашина, во тони, складирана на местото. Но, извесно е дека дел стои таму подолго од максимално предвидените 36 месеци.
Директорката Дуковска-Павловска немаше информација колку е старо тоа што е оставено на плацот, само рече дека во последниве години, тој не се дополнувал, бидејќи странски компании ја купувале новосоздадената прашина за преработка.
„Како што се создава, така ја земаат, бидејќи за преработувачите, поновата прашина е подобра“, рече таа.
Сателитските снимки покажуваат дека меѓу 2023 и 2025 година, иако темпото на ширење се намалило, сепак секоја година има по некое ново купче бели вреќи.
Но, поголем проблем се постарите и оштетени вреќи, што, според експертите, претставува ризик опасните материи повторно да се разлеат низ воздухот, водата или почвата.
Професорот по хемија, Трајче Стафилов, кој со децении ги истражуваше загадувањата со тешки метали и ги мапираше еколошките жешки точки во земјава, појаснува дека филтерската прашина е класифицирана како опасен отпад поради големото количество тешки метали. Предупредува дека ако не се чува како што треба, претставува опасност по здравјето на луѓето.
„Може да се разнесува со ветер и да биде опасна, посебно кај оние што подолготрајно се изложени на неа“, вели професорот.
Потсетува дека поради таквите загадувачки материи, „Макстил“ беше ставен на листата на еколошки жешки точки во минатото и смета дека добивањето на А-дозволата треба да значи оти компанијата ги надминала овие состојби и веќе не претставува ризик.
И професорот Стафилов, и експертот Иванов, се децидни дека е најдобро филтерската прашина да се чува во затворено складиште, или ако веќе е надвор, вреќите да бидат многу добро затворени, за да не излегува ништо од нив.
Иванов своевремено инсистирал документите во кои се опишани најдобрите достапни техники да бидат водилка при издавањето на А-дозволите за големите индустриски капацитети, во кои спаѓа „Макстил.“ Во дозволата има детални препораки – прашината треба да се складира одвоено од другиот отпад, да стои во затворени џамбо вреќи, на непропустлива подлога за да се спречат исцедоци во почвата.
„Макстил“ има изградено затворено складиште за цинковата прашина уште во 2015 година, како предуслов за дозволата што ја добива пет години подоцна. Во неа, токму овој простор е обележан како место за нејзино складирање. На терен, белите џамбо вреќи се распослани под отворено небо, на простор неколкукратно поголем од самото складишт
Без интервенции од инспекцијата досега

Инспекторите од Државниот инспекторат за животна средина, кои најмалку двапати годишно ја контролирале работата на компанијата, не утврдиле нерегуларности. Во записниците што ги доби БИРН, често се споменуваат детали за постапувањето со филтерската прашина, но во врска со документи за извоз и решенија за рециклирање, а не за чувањето.
Надзор бил извршен на 17 декември 2025 година, само два дена пред БИРН да ја посети локацијата и да ги забележи оштетувањата на вреќите и расфрланата прашина. Такво нешто не се споменува во инспекцискиот записник.
И од инспекторатот, и од компанијата тврдат дека загадување од прашината нема.
„Има бетонска подлога, а се контролираат и подземните води и почвата. Досега не покажале негативни резултати. Ветрот не може да ја разнесе прашината бидејќи има 30 отсто влажност“, рече директорката на „Макстил“, без да одговори што се случува во лето, и дали таа влажност може да исчезне поради високите температури.
На теренот не може да се види дека има бетонска подлога под целиот плац каде што се чуваат вреќи. Ниту на сателитските снимки не може да се забележи дека некогаш таму бил спроведен градежен зафат за бетонирање на околу девет илјади квадратни метри површина. Може да се види изградбата само на затвореното складиште, чија бетонска основа има околу 600 квадрати.
На брифингот што го имавме со претставник од Државниот инспекторат за животна средина беше речено дека не е проблематично што вреќите се чуваат на отворено, затоа што прашината имала тешки метали, кои не дозволувале лесно да се разнесува преку воздух, а и „Макстил“ редовно извезувал, па немало заостанување.
На прашањето дали е во ред што има многу скинати и делумно отворени вреќи, наместо одговор, најавија нов надзор и се пожалија на малиот број инспектори. Појаснија дека инспекторатот може или да наложи мерки за да се подобри состојбата, или да поведе прекршочна постапка.
Образложувајќи дека прават сè што можат за да го ублажат проблемот со заостанатата прашина, но дека можностите им се ограничени, од „Макстил“ додадоа и дека би изградиле поголемо затворено складиште, но не можат да добијат дозвола бидејќи за местото сè уште не е донесен детален урбанистички план.
Во 2021 година, Општина Гази Баба изработи ДУП за ова подрачје, но тој не беше донесен поради негативни реакции од јавноста.
Зделки за извоз со краток рок
Тешко е да се дојде до прецизни податоци колку филтерска прашина „Макстил“ генерирал низ годините и како била третирана. Од Министерството за животна средина не ни ги дадоа овие информации. Од челичарницата открија само дека во последниве три години создале 9.762 тони, од кои 9.493 тони биле продадени, но не доставија податоци за претходните три години, откако ја имаат А-дозволата.
Според јавно достапните документи за опасен отпад, како и според информациите што ги добивме од управата на „Макстил“, произлегува дека извозот, односно ослободувањето од прашината, е бавно и непостојано. Поради тоа се трупале вреќите и се оштетувале од стоење и изложеност на временските услови.
До 2023 година не може да се најде јавно достапен податок што укажува дека воопшто било предадено некое количество прашина откако „Макстил“ ја добил А-дозволата.
При една од нашите посети на плацот каде што се чува прашината наидовме на колона камиони со бугарски таблички, кои чекаа да бидат натоварени. Една дигалка им ги полнеше приколките и тие потоа го напуштаа местото.

Крајната дестинација, според достапните податоци, била Пловдив, Бугарија, каде што купувач е компанијата КЦМ, сопственик на голем металуршки комбинат што има капацитет да обработува индустриски отпад. Во 2025 година, до декември, таму биле извезени 5.586 тони, со 236 камиони.
Иако со ова било решено големо количество, од „Макстил“ појаснуваат дека тешко се наоѓаат партнери што ќе им ја откупат и ќе имаат капацитет соодветно да ја преработат прашината. Во изминативе две години влегле во неколку зделки, но два од три договори пропаднале по кратко време.
„Како општествено одговорна компанија, правиме проверки на сите фирми со кои соработуваме за да се осигуриме дека соодветно се постапува со отпадот, односно дека, и кога ќе го предадеме, нема да остане отпад, туку ќе се обработи. Во договорите ни стои дека ќе прекинеме ако забележиме неетичко однесување. Досега имаме прекинато со една македонска компанија и со една странска“, потврди директорката Дуковска-Павловска.
Прво, во 2024 година, „Макстил“ предал 3.000 тони прашина на македонска компанија, која се обврзала да ја претвори во брикети и да ја продава. Но, соработката престанала.
„Немавме повратна информација каде завршува отпадот“, одговори Дуковска-Павловска.
БИРН стапи во контакт со македонската фирма, од каде што негираа дека имало неодговорно постапување, објаснувајќи дека тие ја брикетираат прашината и добиваат производ што веќе нема карактеристики на опасен отпад и затоа немаат обврска да известуваат. Брикетите ги извезувале како ресурс во големи металуршки компании во Европа. Според нив, „Макстил“ им ја прекинал соработката само „за да има поголем профит“ од извозот.
Следењето каде завршува продадениот отпад не е оставено на општествената одговорност на компаниите, туку е обврска што Македонија ја има преземено со потпишувањето на Базелската конвенција за управување со опасен отпад. Строгите протоколи предвидуваат да се следи сè, од товарењето, транзитот, до постапувањето на крајната дестинација. Министерството за животна средина треба да го следи и да го одобри целиот процес.
Неуспешна тајландска врска

На самиот крај на 2024 година, „Макстил“ направил нов договор за извоз на филтерска прашина во Тајланд, но за кратко време и оваа соработка прекинала поради, како што рекоа од компанијата, „неетичко однесување на една од фирмите“ што биле вклучени.
Партнери на „Макстил“ тогаш биле една турска фирма, како организатор на извозот, и една компанија од Македонија што ги обезбедила камионите за превоз. Отпадот транзитирал низ Бугарија и Турција. Но, цариниците, на една од границите нашле дрога во вреќите со прашина во еден камион и извозот прекинал.
Тоа не бил единствениот проблем. Во истиот период, Одделот за индустриски работи, агенција во состав на тајландското Министерство за индустрија, открил дека фабриката што го увезувала отпадот, а во која требало да заврши и прашината од „Макстил“, воопшто не го обработувала, туку го закопувала на својот имот и во околината. Таа била казнета и привремено затворена. Нема информации дали дел од закопаниот отпад стигнал од Македонија.
Дури потоа доаѓа поинтензивниот извоз во Бугарија, каде што директорката Дуковска-Павловска вели дека претставници на „Макстил“ го посетиле бугарскиот партнер и се увериле дека сè е во ред со обработката на прашината.
Бараме и нови партнери, кои би можеле за кратко време да го преземат целиот отпад, додаде директорката на „Макстил.“
[ https://prizma.mk/toni-opasna-prashina-se-razleva-na-plats-zad-makstil/ ]
11 март 2026
„Макстил“ се спогоди да плати 90 илјади евра и да ја извезе опасната прашина
Компанијата „Макстил“ се спогоди со Министерството за животна средина – ќе плати 90 илјади евра казна поради несоодветното управување со отпадот и до крајот на годинава ќе треба да ја извезе целата филтерска прашина која, како што откри БИРН, иако е опасен отпад, се чуваше во оштетени вреќи на отворен простор голем колку фудбалско игралиште, претставувајќи опасност за животната средина.
Спогодбата е постигната на 5 март, на седница пред Комисијата за спогодување при Министерството, на која присуствувале генералниот инспектор за животна средина и претставници на компанијата.
Претходно, при вонреден инспекциски надзор спроведен од Државниот инспекторат за животна средина, кој следеше по разговорот со БИРН за постапувањето со филтерската прашина, беа утврдени неправилности при постапувањето со отпадот и работење спротивно на условите утврдени во А дозволата.
За вакви прекршоци, законот предвидува глоба од 180 илјади до 200 илјади евра, но компанијата побарала намалување на казната, наведувајќи дека веќе презема мерки за отстранување на филтерската прашина преку извоз и дека досега не сторила ваков прекршок.
Инспекторот во меѓувреме констатирал дека се преземаат соодветни мерки за отстранување на неправилностите и го прифатил предлогот за намалување на глобата. Со постигнатата спогодба, казнето е и одговорното лице во компанијата, со дополнителни 5.000 евра.
Глобите треба да се уплатат во рок од 15 дена од потпишувањето на спогодбата, во спротивно, како што појаснуваат од Министерството за животна средина, ќе се применува првично утврдената казна од 180 илјади евра.
Рокот што е договорен за извоз на целата прашина е 31 декември. Сепак, оставена е можност, ако некои количини останат неизвезени, тие да се спакуваат соодветно согласно А-дозволата, по што ќе следи рекултивација на земјиштето.
Инаку, со решението на Инспекторатот од 4 февруари, на компанијата ѝ беа наложени три мерки за отстранување на неправилностите.
Како што констатираат од Министерството, досега е исполнета една од нив – изработена е годишна програма за управување со отпадот, а во тек е обновувањето на обележувањето на местата за складирање отпад и препакување и заштита на џамбо-вреќите со филтерска прашина.
[ https://prizma.mk/makstil-se-spogodi-da-plati-90-iljadi-evra-i-da-ja-izveze-opasnata-prashina/ ]
„Токсична бомба“ во близина на Рашче – студија има, решение нема!

Рашче е еден од ретките примери каде што има воспоставено заштита, но екологистите велат дека е факт оти подземните води комуницираат меѓу себе, поради што се јавува проблемот дека ризикот од загадување на подземната вода од „Југохром“ може да влијае на подземните басени на Рашче и тука да настане загадување на изворот на вода за пиење. На овој проблем укажуваа и од „Мен енд маунтен“, организатори на еколошката акција „Генералка викенд“. Според информациите со кои располагаат тие, еден мал земјотрес од максимум 3-4 степени може да направи расцеп на земјата и шествалентниот хром да навлезе директно во изворот Рашче, од кој со вода за пиење се снабдуваат над 600.000 жители на градот. Од „Екосвест“ бараат Министерството за животна средина и просторно планирање итно да определи средства и веднаш да започне со решавање на овој сериозен проблем. Од градското комунално претпријатие, за жал, не добивме одговор на нашите прашања, но дека депонијата претставува најголем потенцијален ризик-фактор во однос на загадувањето на изворот, потврдуваат и експертите од Градежниот институт
Екологистите повторно го актуализираат проблемот со депонијата од јаловина кај поранешната фабрика „Југохром“, која може да доведе до загадување на изворот Рашче и да ги остави скопјани без чиста вода за пиење. Посочуваат на ризикот дека шествалентниот хром од депонијата, преку подземните води, лесно може да стигне до изворот и да го загади до тој степен што нема да може да се користи ниту како техничка вода. Притоа, потенцираат дека Рашче е еден од ретките примери каде што има воспоставено заштита, но велат дека е факт оти подземните води комуницираат меѓу себе, поради што се јавува проблемот дека ризикот од загадување на подземната вода од „Југохром“ може да влијае на подземните басени на Рашче и тука да настане загадување на изворот на вода за пиење.
– Оваа депонија е во близина на реката Вардар и е делумно покриена со геомембрана, која има пукнатини на повеќе места. Поради тоа, водата навлегува и доведува до растворање на хромните соли. Утврдени се и други загадувачки супстанции што влијаат на подземните води во близина на локацијата. Испитувањата покажале дека подземните води во просторот на депонијата се контаминирани со шествалентен хром, што претставува ризик за контаминирање на подземните води што го напојуваат изворот Рашче, со кој Скопје се снабдува со вода за пиење – вели за весникот ВЕЧЕР Ива Петровска од „Екосвест“.
Таа објасни дека во 2024 година, до Министерството за животна средина и просторно планирање била предадена студија од Градежниот институт, но, како што вели, оттогаш е поминато повеќе од една година, а не се преземени никакви конкретни чекори.
Од „Екосвест“ бараат Министерството за животна средина и просторно планирање итно да определи средства и веднаш да започне со решавање на овој сериозен проблем.
На овој проблем укажуваа и од „Мен енд маунтен“, организатори на еколошката акција „Генералка викенд“. Според информациите со кои располагаат тие, еден мал земјотрес од максимум 3-4 степени може да направи расцеп на земјата и шествалентниот хром да навлезе директно во изворот Рашче, од кој со вода за пиење се снабдуваат над 600.000 жители на градот.
– Знам дека не функционира фабриката и е сопственост на некоја приватна странска фирма. Разговаравме со претставниците од Министерството за животна средина дека во овој случај се работи за еден вид токсична временска бомба, која е закана за над 600.000 жители и оти е потребно да најдат механизми да ја одземат сопственоста на фирмата, да биде на државата за да може да се интервенира и да се исчисти депонијата – изјави за весникот ВЕЧЕР Гордана Софија од „Мен енд маунтен“.
Од ЈП „Водовод и канализација“, и покрај нашите обиди да стапиме во контакт, за жал, не добивме одговор, но дека депонијата претставува најголем потенцијален ризик-фактор во однос на загадувањето на изворот, потврдуваат и експертите од Градежниот институт.
– Јаловината се наоѓа на многу неповолна локација, лоцирана на првата речна тераса на реката Вардар, во втората заштитна зона на изворот Рашче, на само 80 метри од Жеденскиот Карбонатен Масив во кој е формиран аквиферот што го прихранува изворот Рашче. Најсериозен проблем претставува големата количина шествалентен хром – околу 7.388 тони, кој е дисперзиран низ целата депонија. Шествалентниот хром е лесно растворлив во вода и претставува категорија опасен отпад со силни канцерогени својства. Оваа депонија постојано продуцира таков хром, со што многу интензивнo ги загадила подземните води во својата околина, со концентрации што се движат од 10.000, па и до 100.000 пати над дозволените – потенцира Златко Илијоски.
Тој додава дека во текот на постоењето на депонијата, повеќе пати биле преземани санациски мерки за заштита, а се вршел и редовен мониторинг на водата на голем број пиезометри, со цел елиминирање на негативните влијанија на депонијата врз животната средина и врз човековото здравје.
– Низ досегашниот период на работа на дренажниот систем, пумпната станица на депонијата и пречистителната станица од 2002 година досега, имало чести периоди кога пумпната станица не била во функција, при што исцедокот од депонијата се прелевал преку ревизиските бунари и директно течел во реката Вардар и кон Жеденскиот Масив. Пред 2002 година кога немало дренажи, имало природно подземно течење на контаминираната вода од запад, под депонијата кон исток, која и тогаш и сега прави сериозен притисок на аквиферот во карбонатниот комплекс на Жеденскиот Масив. Во последниве десетина години, само мал дел од контаминираните дренажни води се прочистуваат во пречистителната станица, а најголем дел се прелеваат површински во реката Вардар или подземно ги контаминираат подземните води. Од тој аспект, депонијата претставува долгогодишен проблем и сериозен потенцијален ризик- фактор во однос на загадувањето на жеденскиот карстен „издан“, од каде што извира изворот Рашче – објасни Илијоски за весникот ВЕЧЕР.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека депонијата на хромни соединенија е една од 16. идентификувани жешки точки во државата, а пречистителната станица ги третира водите од депонијата и подземните води од фабриката.
– За намалување на загадувањето, од 2005 година, Министерството за животна средина и просторно планирање ги покрива финансиските средства потребни за континуирана работа на пречистителната станица, и тоа трошоците за платите на вработените (осуммина извршители), трошоците за одржување на постојната опрема и набавка на нова опрема, покривање на трошоците за електрична енергија и др. Работата на пречистителната станица за намалување на загадувањето со шествалентен хром е од исклучително значење, бидејќи депонијата се наоѓа во близина на изворот Рашче, кој е главен извор за водоводниот систем за снабдување на Скопје. Затоа заштитата на квалитетот и на квантитетот на водите претставува највисок национален интерес – истакнаа од Министерството.
Оттаму додаваат дека пресметките за хидролошкиот и за хидрогеолошкиот баланс на водите направени во неколку проекти јасно покажуваат дека водата што истекува од изворите Рашче не може во целост да потекнува од врнежите и од инфилтрирањето од Жеден.
-Дел од водите потекнуваат од подземни водоносни слоеви во планот за Полошката Котлина и/или од претекувањето на реката Вардар директно во карстните водоносни слоеви на Жеден. Овој факт го одразува потенцијалот за контаминација на водата за пиење од изворите на хром во Јегуновце – појаснуваат од Министерството.
Тие се децидни дека досега не бил детектиран шествалентен хром во изворот Рашче, но оти не се исклучува понатамошна контаминација. Притоа, нагласуваат дека системот за пречистување е многу комплексен.
– Поради сложеноста и застареноста на системот, различниот состав на депонијата, често се соочуваме со многу проблеми во текот на целиот овој период од 2005 година. Често пати има затнување на дренажниот систем, проблеми со пумпната станица, далечинското управување, тековното одржување и друго. Проблемите сe надминуваат со помош на двете страни и надвор од обврските што произлегуваат од одредбите на договорите, сè со цел да се заштити околината и можното загадување на изворот Рашче – децидни се од Министерството за животна средина и просторно планирање, потенцирајќи дека прават напори за долготрајно решение.
Оттаму споменуваат дека во 2024 година, Министерството реализирало јавна набавка за изготвување студија за трајно решение на депонијата.
– Студијата беше изготвена од Градежниот институт на Македонија (ГИМ). Во студијата се даваат неколку алтернативи. Во моментот се прават анализи за избор на најсоодветна алтернатива, земајќи ги предвид еколошките, економските и социјалните аспекти – наведуваат од Министерството.
Притоа, се разгледувале можностите за отстранување на депонијата, ремедијација на самото место и реупотреба на корисните материјали, согласно со националното законодавство и меѓународното искуство во управувањето со опасен отпад со сличен состав.
– Сè додека нема конечна одлука за ремедијација, ќе се продолжи со активностите за континуирана работа на пречистителната станица – заклучуваат од Министерството.
[ https://www.vecer.press/toksichna-bomba-vo-blizina-na-rashche-studija-ima-reshenie-nema/ ]
Малата депонија со линдан во Охис ќе се чисти уште најмалку три години
Малата депонија со линдан во Охис ќе се чисти уште најмалку три години, а во моментов се подготвува тендер за избор на изведувач кој ќе треба да го заврши чистењето. Досега целосно се исчистени два и поголем дел од третиот базен на депонијата, а остануваат уште два. Од Министерството за животна средина велат дека на крајот на декември е потпишан нов договор со УНОПС за обезбедување на средствата за чистење на малата депонија во висина од 750 милиони денари. Со овие пари ќе треба да се заврши чистењето на сите пет базени на депонијата и да се ревитализира просторот.
„Првата транша е веќе префрлена од државниот буџет и се подготвува тендер за избор на компанија која ќе продолжи да чисти. Владата донесе заклучок дека во следните три години ќе се обезбедат сите потребни средства за да се заврши овој проект, што значи дека ова ќе биде последниот тендер кој се распишува. Претпоставуваме дека се останати, не повеќе од 1.000 тони отпад од ХЦХ, но мора да се има во предвид дека ќе треба да се отсранат и бетонските базени, кои исто како и почвата се контаминирани“, велат од министарството.
Во мај лани беа направени анализи од страна на холандската компанија ТАУ, кои покажаа дека во малата депонија во Охис има 50 отсто повеќе линдан од првичните пресметки. Во неа има и 70 тони жива, која исто така ќе треба да се извади и уништи на безбеден начин. Резултатите од анализата ќе влијаат и на временскиот рок и на цената на расчистувањето на депонијата, иако во текот на испитувањето беше констатирано и дека количините на контаминирана земја се значително пониски од оние во првичните пресметки. Чистењето на малата депонија со линдан започна во март 2022 година, а според првичните најави требаше да заврши за најмногу 18 месеци.
Во малата депонија, според испитувањата, се преостанати 636 тони линдан, 2.613 тони контаминирана земја, 1.120 тони контаминиран бетон и околу 70 тони жива. Околу 1.781 тони земја која се наоѓа помеѓу базените, поради нискиот степен на контаминација, не се препорачува да се третира термички и истата ќе остане во малата депонија.
Досега се ископани и спалени на 1969 тони HCH отпад и 586 тони на контаминирана почва, или околу 60 отсто од отпадот. Досегашните активности беа завршени со комбинирано финансирање од Владата, Европската Унија и Кралството Норвешка.
Во дворот на ОХИС, веднаш покрај малата се наоѓа и големата депонија со линдан, за која се претпоставува дека дека има околу 50.000 тони линдан. Покрај овие две, закопан линдан има и во месноста Пеленица кај Драчево каде лежат околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло.
Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом. Тој е перзистентна хемикалија која долг временски период не се распаѓа во животната средина. Бидејќи е испарлива супстанца, се расејува од контаминираната почва и се содржи и во ПМ честичките. Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.
[ https://meta.mk/malata-deponija-so-lindan-vo-ohis-kje-se-chisti-ushte-najmalku-tri-godini/ ]
Владата ќе бара нов концесионер за „Лојане“, откако стариот си замина без да ги исчисти отровите


Власта сѐ уште не најде чаре за жешката еколошка точка „Лојане“. Ниту ги затрупа канцерогените депонии, ниту вложи пари да се уништат, ниту пак изминатава деценија успеа со помош на странска фирма да ги извезе надвор од државата, па сега ќе го активира локалитетот преку нов концесионер.
Неколку илјади жители од општина Липково, меѓу кои и 400 деца од училиштето „Рилиндја“ од селото Лојане што следат настава на само 100-ина метри од опасна депонија, и оваа година ќе продолжат да живеат во средина „богата“ со антимон и арсен.
Практично, изгубени се повеќе од една деценија за жителите од липковските села и нивното здравје, ако се знае дека турската компанија „Калтун Мадденџилик“ доби концесија уште во 2014 година. Договорено беше да собира антимон, а притоа со обврска да ја извезе целата токсична депонија со арсен во странство. Но, пред раскин на договорот во 2022 таа успеа да исчисти и продаде само 60 од вкупно 15.000 тони, што е само 0,4 отсто.
Откако турската фирма си замина, отровите во почвата и водата останаа, а сега власта покренува „нова постапка за експлоатација и третман на техногена минерална суровина“ на „Лојане“, во рамки на, како што велат, „законските надлежности и стратешката определба на Владата за одржливо управување со природните ресурси“.
„Станува збор за пристап кој е заснован на највисоките меѓународни стандарди за заштита на животната средина и принципите на циркуларната економија, при што техногениот отпад од поранешниот рудник се третира како секундарен ресурс, а не како еколошки товар. Со тоа, паралелно се решаваат децениски наследените еколошки предизвици и се создаваат услови за одржливо и одговорно искористување на постоечките материјали“, посочуваат за „Слободен печат“ од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Во таа насока, додаваат оттаму, Владата донела одлука за да се формира Комисија за концесијата, со што постапката е официјално влезена во активна институционална фаза. Прашањето со локалитетот „Лојане“, како што тврдат, ќе се реши преку јасно дефинирани правила, контроли и обврски за идниот оператор, во интерес на заштитата на животната средина, здравјето на граѓаните и локалниот развој.
„Во оваа фаза не е избран концесионер и не е склучен договор, бидејќи процесот ќе се реализира согласно законски утврдена постапка и преку Јавен повик, со примена на принципите на транспарентност, конкурентност и јавен интерес“, велат од ресорното министерство, додавајќи дека следните чекори ќе бидат „во согласност со владината определба за одговорно управување со минералните суровини и усогласување со европските зелени политики“.
„Лојане“ – „тивкиот убиец“
Рудникот за хром, антимон и арсен „Лојане“ е затворен во 1979 година. Потоа, локалитетот влезе во групата на 16-те „жешки еколошки точки“ во Македонија преку разни испитувања. Физибилити студија во 2007 година, поддржана од чешката Влада и УНДП, покажа дека во дел од локалните реки има „средна“ и некаде „екстремна“ загаденост.
Генерален заклучок за „високи еколошки и здравствени ризици“ за „Лојане“ стои и во документ од 2017 година, правен од група истражувачи и професори од Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип и Институтот за минералогија и кристалографија од Виена.
„Некои води земени во мостри од бунари (и особено мострата број 19 од Ваксинце) имаат содржина на арсен и антимон кои се значително над границите на водата за пиење утврдени од различни регулаторни агенции“, стои во студијата.

Во 2019 водата во селото беше над границата на 10 микрограми на литар арсен, а во 2021 и самиот водовод во школото „Рилиндја“, но Општина Липково не го вклучи алармот, ниту пак Центарот за јавно здравје Куманово. Единствено се споменуваа иницијативи за смена на водоводниот систем.
Воедно, истражувачи открија арсен и антимон над основните граници од мостри од почва и седимент. Многу примероци покажаа ниво над „интервентните“ вредности.
Трајче Стафилов, истражувач и некогашен професор по хемија, на неколку пати објаснуваше дека основната јаловина кај рудниот е половина милион тони, а содржи некаде 1,5 до 2 проценти арсен. Но, тоа црвено-портокаловото е 50 отсто арсен, високо токсичен и ставен во канцерогрена група според Светската здравствена организација. Со тимот го истражувале и снимале арсенот кај железничката станица – водите го носат кон Табановска Река, а таа се слива во Пчиња.
Со сите овие изложености, организацијата „Еко-свест“ локалитетот го нарекува „тивок убиец“.
„Потребна е итна дислокација на отпадот и рекултивација на почвата! Без безбедно расчистување на отпадот, Владата не смее да планира идни активности за овој рудник“, нагласуваат од „Еко-свест“.
Критики за досегашните, ама и за идните концесионери
Еколозите долго време се критични дека концесиите се неефективни. Односно, државата потфрла со тоа што наместо да најде пари и нови начини да се исчистат остатоците од некогашните фабрики и рудници од Југославија, обично ангажира фирми што копаат минерални суровини, без да ги исполнат докрај обврските за чистење на депониите. Нема ниту јасен план за управување со ваквите контаминирани подрачја.
Сега, нови критики дојдоа на сметка на измените на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, усвоени во Собрание по брза постапка. Еко-организациите сметаат дека тие отвораат сериозни ризици за животната средина, јавното здравје и ресурсите на Македонија.
„Со новиот закон, компанијата добива дозвола за ископ пред да ти ја откупи земјата. Ти сè уште си сопственик – тие веќе копаат. Владата сама одлучува кој минерал е ‘стратешки’ – без суд, без граѓани, без жалба. Утре можат да го прогласат твојот двор или ридот зад твојата куќа за државен приоритет. Приватна компанија сама иницира рударски проект – не државата, не јавниот интерес. Бизнисот само кажува каде сака да копа, Владата потпишува. Законот ги заобиколува Законот за води, Законот за животна средина и Законот за заштита на природата. Ова е директно спротивно на Уставот“, реагираа од „Зелена народна стража“.
Еколошката „бомба“ кај Пробиштип конечно ќе се санира
[ https://www.youtube.com/watch?v=2O1ugcROsA4 ]
Јаловиштето од рудникот „Злетово“ кај Пробиштип со децении важи за еден од најсериозните еколошки проблеми во источниот дел на Македонија. Станува збор за стара хидројаловишна депонија во која се наталожени милиони кубни метри отпад од преработката на оловно-цинкова руда, што содржи тешки метали и фини честички прашина. Поради тоа, јаловиштето често се нарекува „еколошка бомба“ за регионот. Општина Пробиштип изработи проект за санација на јаловиштето, кој предвидува негово запечатување, стабилизација на површината и еколошко обезбедување за да се спречи ширење на прашина и контаминација.
- За почеток ќе започнеме со одводнување на старото јаловиште, понатаму ќе продолжиме со дел насипување, дел со поставување на геосинтестка глина или мембрана која нема да дозволи водата повтроно да влегува во него и ќе продолжиме со рекултивација, односно, посипување на хумус и на косините и на рамниот дел на јаловиштето, изјави Тони Тоневски, градоначалник на Пробиштип.
Изминатите неколку години беа иницирани неколку концепти за решавање на овој проблем, од класична еколошка рекултивација, повторна преработка на јаловината и екстракција на корисни концентрати со нови технологии, до санација и нова намена на просторот.
- Имаше еден проект, односно иницијатива за измена на планската документација за поставување на фотоволтаици. Јас како градоначалник лично не се согласувам со тоа, бидејќи се работи за непосредна близина на градското подрачје, ние имаме многу локации каде може да поставиме фотоволтаици, меѓутоа за тоа ќе ги прашаме граѓаните, додаде Тоневски
Санацијата на јаловиштето кај Пробиштип се смета за еден од клучните еколошки проекти за регионот, бидејќи не станува збор само за отстранување на стар индустриски проблем, туку и за намалување на ризикот по воздухот, почвата и водните ресурси, како и за создавање можност деградираната површина да добие нова, одржлива намена.
[ https://www.sitel.com.mk/ekoloshkata-bomba-kaj-probishtip-konechno-kje-se-sanira ]
Непозната материја од Лепенец се влеваше во Вардар, со дрон го бараат сторителот


Отровот стигна и до Скопје, велат од СДСМ, откако бела пена се слеа од Лепенец во Вардар.
По загадувањето на водата во повеќе градови, денешното влевање на бела пена од Лепенец во Вардар е показател за системски колапс на институциите под команда на премиерот Христијан Мицкоски, обвинуваат од СДСМ.
Оттаму велат дека пената, која личи како да е синтетичка, е видлив доказ за загадувањето.
На терен се инспекциските служби на Град Скопје и на ресорното министерство, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. По сторителот се трага и со дрон, а екипи на скопски „Водовод“ земаат примероци за да утврдат за каква материја се работи.
„Во комуникација сме со Министерството за животна средина и министерот и верувам дека за брзо време ќе биде откриен причинителот на оваа појава и соодветно санкциониран! Толеранција нема да има за никого!“, пишува градоначалникот на Фејсбук.
Штом ќе имаат информација, ќе објават за што се работи.
[ https://faktor.mk/nepoznata-materija-od--lepenec-se-vlevashe-vo-vardar-so-dron-go-baraat-storitelot ]