Оваа нишка е наменета за споделување на вести,информации,статистики поврзани со цените на становите во земјава како и цените на недвижностите во земјите од регионот.
Зошто цените на недвижностите продолжуваат да растат?
Цените на недвижностите во Северна Македонија продолжуваат да растат и покрај забележливото намалување на интересот за купување станови. Во Скопје, но и во туристичките центри, каде што секој трет стан зјае празен, цената на квадратен метар веќе надминува 3.000 евра кај дел од најатрактивните новоградби.
Во одредени населби станбениот квадрат рипна толку многу што за многумина купувањето на нов стан станува сериозен финансиски предизвик со кој не можат да се справат. Тоа го потврдуваат и последните квартални извештаи на Народната банка во кои се наведува дека цените на становите бележат раст од 13,3% на годишно ниво, односно 5,5% на квартално ниво, што укажува на континуиран тренд на поскапување на недвижностите.
Цените на становите во Скопје достигнуваат рекордни нивоа
Според податоците од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности, за првиот квартал од 2026 година, просечната цена на стан во Скопје достигнала околу 1.266 евра за квадратен метар. Во зависност од општината, цените се движат од околу 828 до 1.735 евра за квадрат, додека кај најатрактивните новоградби во Центар се регистрирани и трансакции близу 3.000 евра за квадратен метар.
Најголем интерес и натаму има за Центар, Карпош, Аеродром и Тафталиџе, каде што новоградбите поставуваат нови ценовни рекорди. Во овие делови од градот, станови кои пред неколку години се продаваа за околу 1.000 евра за квадрат денес достигнуваат цени од 2.000 евра. Ако пред шест-седум години стан од 65 метри квадратни можел да се купи за 50 илјади евра, сега овој имот со ситни поправки може да се продаде и по цена од над 100 илјади евра.
Во скопската општина Центар во септември 2025 година беше регистрирана една од највисоките цени за продаден стан. Стан од 96 квадратни метри бил продаден за 260.000 евра, односно по цена од 166.563 денари или повеќе од 2.700 евра за квадратен метар.
Дали купувањето е поисплатливо од кирија?
Анализите на платформите за недвижности во Северна Македонија покажуваат дека купувањето стан на долг рок останува поисплатливо од изнајмувањето.
Според пресметките, за период од десет години купувањето е поевтино за околу 36.000 евра во споредба со живеењето под кирија. Анализите покажуваат дека купувањето станува поисплатливо од изнајмувањето по третата година од користењето на недвижноста.
Зошто цените на недвижностите не запираат?
Силната побарувачка за станови во Скопје, ограничена понуда на атрактивни локации, повисоките трошоци за градежни материјали и работна сила, купувањето станови како инвестиција, но и инфлацијата се посочуваат како главни причини за континуираниот раст на цените на становите.
Од партијата Левица сметаат дека растот на цените е резултат на вештачко пумпање на пазарот и недоволна институционална контрола. „Трендот на вештачко пумпање на цените продолжува со уште позабрзано темпо, додека институциите не прават ништо за да ги заштитат граѓаните“, реагираат од партијата.
Според нив, високите цени на недвижностите се случуваат во услови на ниски плати и намалена куповна моќ на голем дел од граѓаните. Затоа сметаат дека е потребна поголема контрола на потеклото на капиталот во градежниот сектор, како и поактивна улога на државата на станбениот пазар. Според партијата, Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор треба да започне со поинтензивна изградба на станови со цел да се зголеми понудата и да се намалат цените.
Евростат: Различни трендови на пазарот на недвижности во Европа
Податоците на Евростат покажуваат дека пазарот на станбени недвижности во Европската Унија се движи со различно темпо во земјите-членки. Додека дел од државите бележат раст на продажбата, други се соочуваат со значителен пад на бројот на трансакции.
Во првиот квартал од 2026 година најголем пад на продажбата е регистриран во Хрватска, каде што бројот на продадени станбени единици е намален за 42,2 проценти во однос на истиот период лани. Следуваат Бугарија со пад од 18,5 проценти и Финска со 11,8 проценти. Од друга страна, најголем раст е забележан во Кипар, каде што продажбата пораснала за 13,6 проценти, додека Данска бележи раст од 8,4 проценти.
Колку вреди вашиот стан во Скопје?
Погледнете ги проценетите огласени цени на становите во 19 скопски населби – од најевтините до најскапите.
https://www.instagram.com/tv21_macedonia/

