Кон содржината
Градба.мк Градба.мк
Пензиски систем(одр...
 
Известувања
Исчистете ги сите

Пензиски систем(одржливост,предизвици,промени)

3 Написи
1 Корисници
0 Реакции
5 Прегледи
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 9 месеци
Објави: 2899
Стартер на тема   [#1217]

Нишка наменета за сите актуелности поврзани со пензискиот систем во Македонија,неговата одржливост,потреби од измена на моделот,менување на старосната граница за одење во пензија и други актуелни поврзани теми.



   
Цитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 9 месеци
Објави: 2899
Стартер на тема  

Пензиите на раскрсница – државен, приватен или хибриден систем?

Владата анализира повеќе опции за иднината на вториот пензиски столб, меѓу кои намалување на задолжителните придонеси, доброволно членство и комбинирање на постојните модели. Мицкоски не ја исклучува можноста за хибридно решение, додека пензиските друштва и експертите имаат различни ставови за исплатливоста и за одржливоста на системот. Во меѓувреме, расте зависноста на ПИОМ од државниот буџет, а доцнењето на уплатите кон приватните фондови отвора дополнителни прашања за сигурноста на пензиските заштеди

Се разгледуваат неколку модели за реформа на вториот пензиски столб, при што меѓу опциите се: да се намали процентот на задолжителни придонеси, привремено запирање на уплатите, воведување доброволно членство, но и можност за осигурениците за целосно враќање кон државниот пензиски систем. Конечната одлука сè уште не е донесена, а премиерот Христијан Мицкоски најави дека пред да падне конечната одлука за моделот, ќе се спроведе јавна расправа и ќе има консултации со експертската јавност. Целта, според него, е да се најде решение што ќе ги заштити интересите на осигурениците и ќе обезбеди законска поддршка.

Мицкоски посочи во телевизиско интервју дека се анализираат искуствата од повеќе европски држави, а не ја исклучи можноста конечниот модел да биде комбинација од различни пристапи, односно некое хибридно решение.

Меѓу разгледуваните решенија, истакна премиерот, е постепено намалување на задолжителниот придонес од сегашните шест проценти на пет, четири или три проценти. Имено, според стапките што важат од 1 јули до 31 декември 2026 година, вкупниот придонес за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 19,9 %, а се распределува така што 6  одат во вториот пензиски столб, односно на индивидуалната сметка во приватниот пензиски фонд, а 13,9 % остануваат во првиот, државен пензиски столб.

Мицкоски посочи дека се разгледува и опцијата за привремено пренасочување на средствата кон првиот, државен пензиски столб, како што направиле балтичките земји во одредени периоди, во текот на пандемијата. Како една од можностите, тој ја спомена и национализацијата, за која рече дека лично најмалку ја поддржува.

Дополнително се отвори неизвесноста околу иднината на вториот столб по објавувањето на законските измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се ставени на ЕНЕР, а во кои е избришан членот 120, што ја регулира уплатата на шест проценти од придонесите. Мицкоски објасни дека станува збор за обединување на повеќе законски решенија во еден пропис и дека нема промена во функционирањето на вториот столб. Сепак, професорката Јадранка Мршиќ предупредува дека законските документи мора јасно да објаснат зошто се брише членот, каде се пренесува одредбата за шестпроцентната уплата и како ќе се гарантира редовното префрлање на средствата.

Пензиските друштва што стопанисуваат со парите на осигурениците од вториот столб, ги посочуваат досегашните резултати на капитално финансираниот модел, според кој и работат. Според податоците објавени на 12 ноември 2026 година, просечниот номинален годишен принос што го имаат трите пензиски друштва во изминатите 20 години изнесува 5,5 %, додека реалниот принос, по одземањето на инфлацијата, велат дека достигнал 2,3 %. Вкупниот принос што е остварен за членовите на вториот пензиски столб изнесува околу 1,25 милијарди евра, а номиналната вредност на средствата на индивидуалните сметки се зголемила приближно трипати. Друштвата предлагаат постепено зголемување на старосната граница за пензионирање и враќање на придонесот кон 21,2 %.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ има поинаков поглед на евентуалното враќање кон целосно државен систем. Тој укажува дека средствата на индивидуалните сметки не се пари што осигурениците можат веднаш да ги повлечат, а промената на моделот би значела и поинаков начин на финансирање и исплата на пензиите.

Реформата на вториот пензиски столб се актуализира поради фактот што државниот пензиски фонд не може од пензискиот придонес што го уплаќаат фирмите за своите вработени, да ја покрие сумата што е потребна за исплата на пензиите. Ако се погледне завршната сметка на Фондот за ПИОМ за 2025 година, се забележува дека зависноста на државниот пензиски фонд од буџетот и натаму расте. Буџетските трансфери достигнале 53,86 милијарди денари, односно околу 876 милиони евра, што претставува 40,36 % од вкупните приходи, наспроти 36,71 % во 2024 година. Приходите на ПИОМ од придонеси изнесувале 77,69 милијарди денари, а вкупните расходи достигнале 132,75 милијарди денари. За исплата на пензии биле потрошени 107,85 милијарди денари, додека трансферите кон вториот столб се зголемиле од 14,22 на 14,87 милијарди денари. ПИОМ на крајот од 2025 година евидентирал 348.795 корисници на пензија.

Според завршната сметка, трансферите кон приватните пензиски друштва што им ги уплатил ПИОМ во 2025 година биле зголемени од 14,22 на 14,87 милијарди денари, односно за околу 4,5 %, додека средствата за здравствено осигурување на пензионерите биле намалени од 9,66 на 9,38 милијарди денари. Во моментов, дополнително внимание предизвикува доцнењето на трансферите кон приватните пензиски друштва. Мицкоски тврди дека тие се намалени од претходните 180 на околу 45 дена, со очекување многу брзо да бидат сведени под еден месец.

https://www.vecer.press/penziite-na-raskrsza-megu-drzhavniot-i-privatniot-sistem/



   
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 9 месеци
Објави: 2899
Стартер на тема  

Сè помалку работници ќе издржуваат сè повеќе пензионери

Нискиот наталитет и продолжениот животен век го зголемуваат притисокот врз пензискиот систем, во кој сè помалку работници ќе треба да финансираат сè повеќе пензионери. Пензиските друштва предупредуваат на потребата од навремени реформи, поширока база на вработени лица што ќе придонесуваат во пензискиот систем, како и од подобра инвестициска рамка за оплодување на акумулираниот капитал. Останува прашањето дали ќе обезбедат вториот пензиски столб и најавените законски измени долгорочна финансиска стабилност или се потребни подлабоки промени во пензискиот модел како што предлага Владата

Македонскиот пензиски систем се соочува со предизвик што не може да се реши само со редовна исплата на пензиите и со краткорочни финансиски интервенции. Стареењето на населението, нискиот наталитет, продолжениот животен век и сè понеповолниот однос меѓу бројот на работници и пензионери отвораат сериозно прашање: кој ќе ги финансира пензиите на идните генерации и дали може сегашниот модел долгорочно да ја издржи демографската и економската реалност? Токму овие дилеми беа во фокусот на меѓународната конференција „Одржливи пензиски системи – меѓународни искуства и предизвици“, која се одржа во Скопје, во организација на трите пензиски друштва, во рамките на кампањата „Твоја патека, твоја иднина“.

Колку е сериозен проблемот, покажуваат и податоците презентирани од Татјана Бојковска, член на Управниот одбор на Сава пензиско друштво и секретар на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиските фондови (АДПФ), при претставувањето на Глобалниот пензиски индекс за 2026 година. Од 55 пензиски системи во светот опфатени со индексот, дури 43 имаат стапка на фертилитет под нивото потребно за проста репродукција на населението од 2,1 дете на жена, а кај 23 таа е под 1,5. Македонија е во уште понеповолна позиција, со стапка на фертилитет од само 1,4.

– Сè помалку работоспособни лица ќе треба да финансираат пензии за сè поголем број пензионери, и тоа во период што станува сè подолг – предупреди Бојковска, посочувајќи дека продолжувањето на животниот век дополнително ги зголемува обврските на пензиските системи.

Според презентираните податоци, во поразвиените региони преостанатиот животен век на лицата што достигнале 65 години е зголемен за 50,9 % во споредба со 1950 година. Во Македонија, растот изнесува 37 %. Подолгиот живот значи и подолг период во кој треба да се обезбедуваат пензиски примања, рече таа, но истовремено се поставува прашањето дали може растот на работната сила и уплатените придонеси да го следи овој тренд.

Бојковска предупреди дека не смеат да се водат реформите исклучиво од потребата за краткорочно смирување на состојбите.

– Постојат краткорочно болни одлуки, кои може да имаат позитивен ефект на долг рок, но и краткорочно смирувачки одлуки, кои може да имаат значително негативно влијание на долг рок – истакна таа.

Токму во оваа насока се отвора и прашањето за иднината на вториот пензиски столб, особено по критиките на премиерот Христијан Мицкоски дека пензиските друштва не ги остваруваат очекуваните цели. Претседателот на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиските фондови, Марјан Николовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР посочува дека официјалните показатели на МАПАС се единствениот релевантен извор за оценување на резултатите.

– Заклучно со 30 септември 2026 година, приносите од управување со средствата на задолжителните пензиски фондови се 5,48 % просечно во номинален износ и 2,27 % во реален износ. Сметаме дека е соодветно тоа на структурата на портфолијата на фондовите – вели Николовски.

Сепак, самите резултати отвораат и друго прашање: дали постојната законска и инвестициска рамка им овозможува на пензиските фондови да остваруваат повисоки приноси? Николовски смета дека има простор за промени. Во Собранието се во процедура законски измени со кои треба да се воведат т.н. мултифондови. Идејата е да се приспособува инвестициската стратегија на возраста на осигурениците: поагресивно инвестирање за помладите, балансирано портфолио за средовечните и поконзервативно за оние пред пензионирање.

Но, проблемот не е само во приносите. Сè поголем предизвик е и финансирањето на првиот пензиски столб, кој добива значителни средства од државниот буџет за редовна исплата на пензиите. Според Николовски, суштинската цел на воведувањето на вториот столб е долгорочно да се намалат обврските на државниот фонд. Во моментов, 6 % проценти од бруто-платата се уплаќаат во вториот столб, додека остатокот останува во ПИОМ.

– Кога ќе достасаат на ред поголемиот број осигуреници што ќе земаат пензија од комбиниран систем, од првиот и од вториот столб, товарот за исплата на пензијата ќе се подели некаде во сразмер што би требало да биде 50:50 – објаснува Николовски и вели дека ефектите од реформата позначително ќе се почувствуваат за 20 до 25 години.

Тој смета дека треба да се анализира и можноста за постепено зголемување на стапката на пензиските придонеси, но без целиот товар да падне врз сегашните редовни уплатувачи. Решението, според него, треба да се бара и во проширување на базата на придонесувачи и пријавување на реалните плати.

Дополнителна неизвесност носи и идејата за воведување хибриден пензиски модел. Николовски засега не сака да коментира без конкретен предлог, но предупредува дека секое евентуално префрлање на права или средства од вториот во првиот столб автоматски значи и пренесување обврски, чии долгорочни последици мора внимателно да се пресметаат.

Пораката на конференцијата беше дека пензиската реформа не е прашање само на институциите и финансиските пресметки туку и на меѓугенерациската одговорност. Како што истакна Сузана Бошковска-Златаревска од КБ Прво пензиско друштво, пензискиот систем е многу повеќе од механизам за обезбедување приходи по завршувањето на работниот век.

– Одлуките што ги носиме денес, политиките што ги креираме и начинот на кој управуваме со пензиските средства имаат влијание што се протега со децении нанапред – порача таа.

Од конференцијата беше нагласено дека клучното прашање не е само колку пензиски средства се акумулираат денес туку и дали државата навреме ќе ги донесе одлуките што ќе ја обезбедат нивната одржливост утре. Бидејќи, како што беше потенцирано, пензиските заштеди не се трошок на сегашноста, туку обврска кон иднината.

Инаку, на глобалниот пензиски индекс најдобр орангирана е Холандија, а најниско рангирана е Аргентина. Германија е интересен случај, затоа што сега влегува во дебати и активности за зачувување на задолжителното капитално финансираната компонента од пензискиот систем. Хрватска е посочена како убаво изненадување на рангирањето и убав пример во регионот. Исто така, и Бугарија е меѓу најдобро оценетите системи. Во Бугарија, задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување постои од 2002 година и на крајот од јуни 2026 година вкупните средства од управувањето со пензиските придонеси на осигурениците изнесуваа 17,5 милијарди евра.

https://www.vecer.press/se-pomalku-rabotniczi-ke-izdrzhuvaat-se-poveke-penzioneri/



   
ОдговорЦитат
Сподели: