Оваа нишка служи за споделување на сите теми,вести поврзани со здравствениот систем во државата.
Повеќе пари за цигари отколку за здравје: Клековски најавува построги правила за пушачите
Министерот за здравство Сашо Клековски предупреди дека просечниот пушач во земјава годишно издвојува над 600 евра за цигари, што е повеќе од износот што се плаќа за здравствено осигурување. Тој оцени дека станува збор за неодржлива состојба, особено ако се има предвид дека пуши половина од населението, односно дека голем дел од граѓаните трошат повеќе пари за да му наштетат на здравјето отколку за да го заштитат.
-Значи ние имаме ситуација во која просечен пушач издвојува повеќе за пушење, отколку за здравствено осигурување. Носителите на осигурување годишно издвојуваат околу 500 евра, заедно со придружните осигуреници, мислам дека годишното здравствено осигурување е околу 420 евра, а велиме над 600 евра се издвојуваат годишно за цигари и мислам дека тоа е неодржлива ситуација, во која половина нација издвојува повеќе за да си наштети на здравјето, отколку што издвојува за да го заштити здравјето - нагласи министерот, одговарајќи на новинарско прашање на националната конференција „Од податоци до политики: Како да ја намалиме цената на пушењето?“, во организација на тинк-тенкот Аналитика, во соработка со Светската здравствена организација.
Тој посочи дека новиот закон за забрана на пушењето е насочен кон намалување на пристапноста до цигарите, меѓу другото преку забрана на рекламирањето и нивно тргање од видното поле на потрошувачите.
Како посебен приоритет Клековски ја издвои заштитата на малолетниците, нагласувајќи дека треба да постои општествен консензус околу две основни прашања, да не се пуши во затворени простории и да не се продаваат цигари и слични производи на лица под 18 години.
- Ако треба да направиме некаков општествен консензус во однос на пушењето, за мене две прашања се клучни. Едното е дека не може да се пуши во затворен простор, а второто е дека не може да се продаваат цигари и слични производи на деца под 18 години - рече Клековски.
Клековски ја отвори и можноста дел од приходите од акцизите и зголемувањето на цените на тутунските производи да се наменат за здравствениот фонд, со цел средствата собрани од производи штетни за здравјето да се користат за лекување на последиците од нивната употреба.
Во однос на законското решение, Клековски информира дека тоа е во комисиска расправа во Собранието. Посочи дека побарал да му се даде максимален приоритет, имајќи предвид дека по неговото усвојување ќе следуваат подготовките за спроведување, вклучително и обуки за инспекциските служби и активности на терен.
Во врска со акцизите, нагласи дека нивното утврдување не е во негова надлежност, но неговиот став е дека штетните производи не треба да бидат најевтини и лесно достапни на пазарот.
Супер за темава, ќе поставам едно клучно прашање.
Зошто државата не упатува да се осигураме од автоодговорност задолжително во една, било која, приватна осигурителна компанија при регистрација на возило, а за здравственото осигурување сеуште го чуваме тромавиот и нефункционален државен фонд за здравствено осигурување, т.е. државен модел.
Не ли може истиот модел и во здравствено осигурување? Или барем оној кој има приватно осигурување да не плаќа и државно? Да биде избор?
Некои базични сервиси кои не зависат од поединечни осигуреници, како брза помош, вакцинација, судска медицина и слично, може да се финансираат и од буџет.
Сличен модел има веќе Црна Гора на пример.