Кон содржината
Градба.мк Градба.мк
Известувања
Исчистете ги сите

Горива

9 Написи
1 Корисници
7 Реакции
2 Прегледи
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема   [#967]

Во оваа нишка ќе следиме вести поврзани со сите видови на нафтени деривати,нивни цени,трендови и слично.



   
Цитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

09 Март, 2026
Од утре „апокалиптични“ цени на дизелот во Македонија, ќе биде поскап за 14,5 денари

Цените на горивата од утре ќе дивеат во Македонија, откако денес Регулаторната комисија за енергетиак ги соопшти новите цени кои навидум изгледаат како „апокалиптични“.

Најскап е дизелот кој ќе се продава по цена од 85,5 денари по литар, а бензинот Еуросупер 98 ќе биде 81,5 денари по литар.

„Со оваа одлука се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 14,27% во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт на Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија од 02.03.2026 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 13,384% или за 95,150 $/тон, кај дизелот зголемувањето е во просек за 36,134% или за 266,250 $/тон, кај екстра лесното масло зголемувањето е во просек за 32,102% или за 230,650 $/тон и кај мазутот зголемување во просек за околу 27,870% или за 108,150 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување“, соопшти РКЕ.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, се зголемуваат за 5,00 ден. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), се зголемува за 14,50 ден. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), се зголемува за 12,50 ден. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се зголемува за 7,044 денари.

Нови цени:

  • Моторен бензин - ЕУРОСУПЕР БС - 95 - 79,50 (денари/литар)

  • Моторен бензин - ЕУРОСУПЕР БС – 98 - 81,50 (денари/литар)

  • Дизел гориво - ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) - 85,50 (денари/литар)

  • Масло за горење - Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) - 82,50 (денари/литар)

  • Мазут М-1 НС - 42,586 (денари/килограм

[ https://faktor.mk/od-utre-apokaliptichni-ceni-na-dizelot-vo-makedonija-kje-bide-poskap-za-145-denari ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

ОКТА ВОВЕДУВА ПОПУСТ ОД 2 ДЕНАРИ ПО ЛИТАР ГОРИВО, ВЛАДАТА ЌЕ ИНТЕРВЕНИРА СО КОРЕКЦИЈА НА ДДВ И АКЦИЗИТЕ АКО ЦЕНИТЕ НА СВЕТСКИТЕ БЕРЗИ ПРОДОЛЖАТ ДА РАСТАТ

Нафтената компанија ОКТА од денеска до крајот на март ќе одобрува попуст од 2,4 денари за килограм, односно два денари по литар за дизел и бензини за сите трговци кои набавуваат горива од нивните капацитети. Како што соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, оваа иницијатива доаѓа во услови на зголемена нестабилност на глобалните енергетски пазари со цел да се заштитат граѓаните и економијата од нови ценовни шокови.

Министерката за енергетика Сања Божиновска вели дека очекува и компаниите кои работат во малопродажба да го следат овој пример, со што попустот би се рефлектирал директно во цените што ги плаќаат крајните потрошувачи. Таа изјави дека државата будно ја следи состојбата и веќе е во постојана координација со енергетските компании.

Главниот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос, вели дека како општествено одговорна компанија воведуваат попуст за да им овозможат на трговците да ја пренесат оваа придобивка кон домаќинствата и бизнисите. Тој вели дека иако трговците се слободни сами да ги утврдуваат продажните цени, оваа иницијатива е одраз на нивната посветеност да го поддржат пазарот во периоди на предизвици.

Од “Макпетрол“ соопштија дека дека намалувањето на цените од 2,5 денари (со ДДВ) за литар на нафтените деривати од страна на ОКТА не е доволно и не го решава проблемот кој го налага моменталната ситуација.

„Имајќи предвид дека добавувачот изминатиот период продаваше по многу повисоки цени од малопродажните регулирани цени од страна на РКЕ и остваруваа профити, додека трговците на мало работеа во загуба, но не ги затворија своите продажни објекти, за очекување беше дека ќе се добијат повисоки дисконти во набавната цена“, стои во соопштението на „Макпетрол“ и се додава дека „се очекува цените на суровата нафта и понатаму да растат, а тоа значи дека трговците и натаму ќе бидат принудени да работат со загуби“.

„Макпетрол“ како најдобро решение за надминување на проблемот за сите засегнати страни, вклучувајќи ги граѓаните, смета дека е замрзнување на набавните цени на нафтените деривати, а со тоа и малопродажните цени, како што е пракса во регионот, велат од компанијата.

Од Владата велат дека снабдувањето на домашниот пазар во моментов е стабилно и има обезбедено доволни количини на залихи и редовен увоз. Како дополнителен фактор за сигурност се посочува и пуштањето во функција на продуктоводот Вардакс, што придонесува за намалување на трошоците за транспорт кои претходно се реализираа со алтернативни начини.

Сепак, поради притисокот од движењата на светските берзи, Владата разгледува дополнителни механизми за заштита на стандардот. Доколку глобалните ценовни притисоци продолжат, извршната власт планира да интервенира со корекции на даночните стапки, што би вклучило намалување на ДДВ за горивата или прилагодување на износите на акцизите.

[ https://sdk.mk/index.php/makedonija/okta-voveduva-popust-od-2-denari-po-litar-gorivo-vladata-ke-intervenira-so-korektsija-na-ddv-i-aktsizite-ako-tsenite-na-svetskite-berzi-prodolzhat-da-rastat/ ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

БЕНЗИНОТ ПОСКАПУВА ЗА СЕДУМ, А ДИЗЕЛОТ ЗА ШЕСТ И ПОЛ ДЕНАРИ ОД ПОЛНОЌ

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука со која значително се зголемуваат максималните малопродажни цени на нафтените деривати. Од ноќеска на полноќ, бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и Екстра лесното масло за домаќинство, ќе се продаваат по цена повисока за седум денари по литар. Малопродажната цена на дизелот се зголемува за шест и пол денари, додека мазутот поскапува за речиси пет денари по килограм.

Според новиот ценовник, литар ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 86,50 денари, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 88,50 денари. Новата цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе биде 92 денари за литар, а на Екстра лесното масло 89,50 денари. Мазутот ќе се продава по 47,453 денари за килограм.

Од Комисијата велат дека овие поскапувања се последица на растот на берзанските цени на нафтените производи на светските пазари, како и на постојаниот раст на курсот на доларот во однос на денарот во изминатиот петодневен период. Иако станува збор за утврдување на максималните цени, РКЕ ги повика нафтените компании да ги намалат малопродажните цени за два денари по литар, повикувајќи се на договорениот попуст меѓу Владата и главниот добавувач „Окта“.

Минатиот понеделник исто така имаше значителен пораст на цените кога дизелот поскапе за 14 денари, а бензините за пет денари по литар.

[ https://sdk.mk/index.php/makedonija/benzinot-poskapuva-za-sedum-a-dizelot-za-shest-i-pol-denari-od-polnok/ ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

Пред два и пол месеци литар дизел чинеше 65 денари, а сега 92 денари

За само два ипол месеци најупотребуваното гориво за автомобили кај нас, Еуродизелот, поскапе за над 40 отсто или за дури 27,5 денари. Слично е и со бензините, иако таму, поради традиционалната повисока цена од дизелот, поскапувањето е 16,5 денари, или околу 23 отсто. До каде ќе оди зголемувањето на цените, тоа никој во моментов не може да предвиди, но генерално, ќе зависи од развојот на настаните во Ормускиот теснец, но и од мерките кои може да ги преземе Владата.

Според соопштенијата кои што ги објавува Регулаторната комиисија за енергетика, цената на литар дизел на бензинските пумпи во земјава на 23 декември лани била 64,50 денари, а непосредно пред Нова година, на 30 декември, се зголеми на 65 денари за литар, за потоа повторно да се намали на 64,50 денари за литар, колку што изнесуваше до 21 јануари.

Од тогаш наваму, цената на дизелот драматично оди нагоре, прво на 66,50, па 67,50 за потоа да се стабилизира неколку недели на 68 денари, потоа се зголеми на 69 и на 71 денари за литар, по што следуваше ценовниот шок – пораст на 85,50 денари и сега на 92 денари.

Од табелата и од графиконот се гледа трендот и „трката“ меѓу горивата, како и „превратот“ на дизелот, кој сега значајно е над цената на бензините.

Иако во повеќе европски земји дизелот вообичаено е поскап од бензинот, поради политиката која ја водат тамошните влади за дестимулирање на автомобили со вакво гориво, кај нас дизелот во најголем дел од годините беше поекономичната варијанта.

На ваквиот тренд, според познавачите, најмногу влијаат актуелните состојби на пазарот, пред сѐ геополитичките состојби.

Како што се наведува во најновата одлука на РКЕ за зголемување на цените, од 16 овој месец, малопродажните цени на нафтените деривати во просек се зголемија за 8,98% во однос на малопродажните цени од 9 март.

Според РКЕ, референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 16,9% или за 136,7 долари/тон, кај дизелот зголемувањето е во просек за 11,7% или за 117,500 долари/тон, а влијание имаше и курсот на денарот во однос на доларот, кој во просек изнесува 53,2 ден/долар и е за околу 0,84% повисок од курсот на доларот (52,8 ден/долар) по кој беа формирани цените со претходната пресметка.

Најновите информации од пазарите во светот не се оптимистички, односно покажуваат дека цените на нафтата скокнаа за повеќе од 3 отсто во вторник, бидејќи неизвесноста околу коалицијата предводена од САД за заштита на превозот низ Ормускиот теснец остана.

Меѓународната референтна цена на суровата нафта Брент порасна за 3,43% на 103,65 долари за барел, додека американската сурова нафта од Западен Тексас порасна за 3,85% на 97,08 долари за барел.

Главна причина, како што наведуваат светските агенции, се мешаните пораки што доаѓаат за времетраењето на војната, како и зголемениот ризик танкерите за нафта да минуваат низ Ормутскиот теснец.

Сообраќајот на бродови низ виталната бродска линија нагло се намали по иранските напади, предизвикувајќи едно од најголемите прекини во глобалните резерви на нафта во историјата.
Сместен помеѓу Оман и Иран, теснецот служи како витална артерија за глобалната трговија со нафта. Околу 13 милиони барели дневно минуваа низ него во 2025 година, што претставува околу 31 отсто од сите текови на сурова нафта по море, според консултантската куќа за енергетика „Кплер“.

Дали сепак е можно кај нас да има интервенција во малопордажната цена на дериватите?
Од ОКТА и од Владата се пофалија дека дистрибутерите кои се снабдуваат со горива од ОКТА до крајот на март ќе добијат попуст од два денари за литар, но не е јасно дали оваа одлука се преточи и кај бензинските пумпи. Од најголемиот дистрибутер, „Макпетрол“, кој располага и со најголем број бензински пумпи во земјава, два пати реагираа дека сѐ уште немаат написмено добиено таква одлука.

Цените на дериватите добија и политичка димензија. Откако СДСМ во неколку наврати побара Владата да реагира со намалување на ДДВ и на акцизите, а Владата не презема такви мерки, денеска од опозициската партија најавија дека ќе поднесат четири закони во Собранието со кои ќе се овозможи намалување на ДДВ за нафтените деривати, намалување на акцизата, но и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи и преполовување на цената на патарините.

Од Владата велат дека ја следат ситуацијата и дека доколку потребно ќе преземат мерки, но засега се потпираат на солидарноста од трговците дека нема да посегнат по зголемување на цените, иако во маркетите кај некои производи веќе има поскапување (маслото за јадење, јајцата и сл.). (M.J.)

[ https://nezavisen.mk/pred-dva-ipol-meseci-litar-dizel-chineshe-65-denari-a-sega-92-denari-toa-e-zgolemuvanje-od-nad-40-otsto/ ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

ОД 18 НА 10 ОТСТО СЕ НАМАЛУВА ДДВ ЗА ГОРИВАТА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА

Владата на денешната седница донесе одлука данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата да се намали од 18 на 10 отсто. Како што кажа на прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски, оваа одлука е донесена со цел да се спречи ценовен шок.

„Врз основа на анализите на Регулаторната комисија за енергетика и состојбите на глобалниот пазар и берзите, се очекува на утрешната седница да предложат ново зголемување на цените на горивата и тоа за бензинот од 6,5 денари, а за дизелот од 10,5 денари за литар. Тоа би значело дека доколку не донесовме одлука за намалување на ДДВ, Еуросупер БС 95 ќе поскапеше на 93 денари, Еуросупер БС 98 на 95 денари, а дизелот на 102,5 денари. Со оваа наша одлука нема да имаме поскапување на бензинот, а дизелот ќе поскапи за 3,5 денари“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека освен веќе договорениот попуст од два денари за литар, ќе разговараат со „Окта“ за зголемување на попустот кон трговците, но најави дека очекува и тие да намалат дел од својот профит додека трае кризата.

Намалувањето на ДДВ стартува од 24 март и оваа мерка ќе трае две недели.

[ https://sdk.mk/index.php/naslovna/od-18-na-10-otsto-se-namaluva-ddv-za-gorivata-odluchi-vladata/ ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

ВЛАДАТА ЈА НАМАЛИ АКЦИЗАТА ЗА ГОРИВАТА, ПРЕМИЕРОТ ОЧЕКУВА ЦЕНИТЕ ДА СЕ АМОРТИЗИРААТ ЗАЕДНО СО НАМАЛЕНОТО ДДВ И ПОПУСТОТ ОД „ОКТА“

По намалувањето на данокот на додадена вредност од 18 на 10 проценти, Владата на денешната седница донела одлука дополнително да се намали и акцизата за горивата за да поевтинат, т.е. да не поскапат (цената да се амортизира).

„Бидејќи поминаа оние две недели од како беше намалена стапката од ДДВ од 18 на 10 проценти сакам да ја информирам јавноста дека ја продолжуваме мерката до крајот на кризната состојба којашто отприлика околу 20 април треба да истече. Значи ја продолжуваме намалената стапка на ДДВ од 18 на 10 проценти, а истовремено донесовме одлука со којашто се овозможува намалување на акцизите на дизелот за 4 денари, а за безоловните бензини 95 и 98-октански за 2 денари по литар, со што драматично ќе се почувствува кај цените на бензините“, соопшти на денешната прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски.

Тој пресмета дека ако не се случеше ова намалување на акцизата, литар дизел ќе беше отприлика 102 денари, бидејќи берзата се затвори во четврток поради Велигденските празници и ќе се рестартира во вторник. Цените на безоловните бензини 95 и 98-октански, според Мицкоски, ќе беа поголеми за 1,5 до 2 денара.

Попустот што ни го давала Окта, рече тој, ќе потрае и месецов.

„Имавме долга дискусија и преговори со ОКТА. Тие својот попуст ќе го продолжат до крајот на месец април што значи дека за дизелот во овој момент имаме попуст од 3 денари по литар, а за безоловните бензини 95 и 98 октански ќе имаме дополнителни 2 денара за литар, или кога сето ова ќе се собере или сето ова ќе се изанализира тогаш доаѓаме до цена којашто за дизелот ќе биде иста како и досега ако се калкулира попустот од 4 денари за акцизата, и додатно 3-те денари коишто го добиваме од ОКТА, излегува оние 7 денари потенцијално зголемување по литар, да ги амортизираме. Кај безоловните бензини 95 и 98-октански, пак, покрај оние 2 денара акциза по литар, ќе имаме дополнителни 2 денара намалување, односно ќе бидеме во минус од цената којашто беше во изминатиов регулиран период, односно изминатата недела“, пресметуваше денеска премиерот.

Тој кажа дека минатата недела потрошувачката достигнала до рекордни 2.000.000 литри на ден, бидејќи граѓани од соседните држави точат гориво на северната, јужната и на западната граница, каде што потрошувачката на одредени бензински пумпи е и триплирана. Додаде дека во овој момент немаме потреба од ограничување.

[ https://sdk.mk/index.php/makedonija/vladata-ja-namali-aktsizata-za-gorivata-premierot-ochekuva-tsenite-da-se-amortiziraat-zaedno-so-namalenoto-ddv-i-popustot-od-okta/ ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

ОД ПОЛНОЌ ЦЕНАТА НА ДИЗЕЛОТ СЕ ЗГОЛЕМУВА ЗА 2,5 ДЕНАРИ, НА БЕНЗИНОТ ОД 95 ОКТАНИ СЕ НАМАЛУВА ЗА ПОЛА ДЕНАР

Од полноќ, цената на дизелот се зголемува за 2,5 денари односно од 95,5 денари на 98 денари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Цената на Еуросупер БС-95 се намалува за пола денар односно од 84 на 83,50 денари, додека иста останува цената на Еуросупер БС-98 и е 85,50 денари.

„Во одлука за определување на малопродажните цени на нафтените деривати се вклучени повластената стапка на ДДВ од 10% и намалените износи на акцизите за дизелските фракции од 4 денари за литар и од 2 денари за литар за бензинските фракции. Доколку не се продолжеше времетраењето на намаленото ДДВ и не се интервенираше во акцизата, цената на бензините ќе беше повисока за 8,50 денари, а дизелот за 12 денари во однос на денешната одлука“, соопшти Регулаторната комисија.

Со денешната одлука, малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 1,41% во однос на одлуката од 30 март.

[ https://sdk.mk/index.php/makedonija/od-polnok-tsenata-dizelot-za-zgolemuva-za-2-5-denari/ ]



   
Реагираше Bukefal
ОдговорЦитат
stef4o
(@stef4o)
Член Moderator
Се приклучи: пред 5 месеци
Објави: 1896
Стартер на тема  

Од утре ново поскапување на горивата, Собранието ќе гласа за продолжување на кризната состојба

Од утре се најавува нов раст на цените на горивата, а премиерот Христијан Мицкоски рече дека сè уште нема точна пресметка колкаво ќе биде новото зголемување, но како причини ги посочи повисоките цени на нафтата на светските берзи и курсот на доларот. По последното покачување неделава, кога дизелот поскапе за пет и пол денари, а бензините за денар и пол, Мицкоски најави дека Владата повторно ќе интервенира со намалување на акцизите.

„Немаме направено калкулација за покачувањата, ќе има секако, бидејќи нафтата и бензините драматично пораснаа изминатата недела. И курсот на доларот е малку посилен во споредба со претходната недела. Ние како Влада ја продолживме кризната состојба уште три месеци. Цените се такви што сигурно ќе имаме намалување на акцизите и кај дизелот и кај безоловните горива“, изјави Мицкоски.

Од СДСМ реагираат дека граѓаните очекуваат мерки, а Владата не правела ништо за заштита на животниот стандард.

„Новото поскапување на бензините ќе донесе и нови поскапи цени на веќе покачените цени на храната. Имаме влада која во сред криза ги остави граѓаните без мерки, на преживување. Мицкоски не сака да слушне ниту за конкретни таргетирани мерки, ниту за 600 евра минимална плата. Едноставно не сака да го заштити животниот стандард“, кажа Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Владината предлог-одлука за продолжување на кризната состојба стигна во Собранието. Пратениците ќе гласаат за неа задутре, по скратена постапка.

Со измената се бара кризната состојба, која истекува на 20 јули, да продолжи до 20 октомври. Владата како причина ги наведува сè уште присутните ризици за снабдувањето со нафта и нафтени деривати.

„Според некои проценки, сообраќајот на нафта низ Ормускиот Теснец е намален за 90 отсто, поради што постои опасност од недостиг на нафта на светско ниво и значително зголемување на цените на светските пазари. Овие случувања имаа негативно влијание и врз Република Македонија“, се наведува во образложението.

Кризната состојба беше прогласена на 22 март, а потоа продолжена за уште 90 дена. Во меѓувреме, Владата донесе мерки за ублажување на последиците, како намалување на ДДВ-то и акцизите за горивата.

Надлежните тела, пак, повеќепати ја проценувале состојбата. Последната седница на Групата за процена на ризици и опасности се одржала вчера, кога било оценето дека причините поради кои беше прогласена кризната состојба сè уште постојат и било препорачано нејзино продолжување.

На светските берзи, суровата нафта од типот Брент се искачи над 88 долари по барел, што е највисоко ниво во последниот месец.

[ https://faktor.mk/od-utre-novo-poskapuvanje-na-gorivata-sobranieto-kje-glasa-za-prodolzuvanje-na-kriznata-sostojba ]



   
ОдговорЦитат
Сподели: